Велика Британија, Франција и Германија излегоа со предлог-Измени на мировниот план на САД за Украина
Три европски држави излегоа во јавноста со изменета верзија на мировниот план на Соединетите Американски Држави за Украина. Имено, „контрапредлогот“ е подготвен од таканаречените „европски сили Е3“ – Велика Британија, Франција и Германија. Тие го зедоа предлогот на САД како основа, но стипулираа и свое видување, во вид на предлог- измени.
Во кои точки на мировниот план на САД „европските сили Е3“ сигнификантно
интервенирале?
Документот, изготвен од таканаречените „европски сили Е3“ и подготвен за разговорите во Женева, Швајцарија, вклучува предлог „армијата на Украина да биде ограничена на 800 илјади припадници во услови на мир“, наместо на општото ограничување од 600 илјади што беше предложено во планот на САД. Исто така, друг предлог на Е3 е „преговорите за територијални размени да започнат од линијата на контакт“ наместо однапред да се утврди дека одредени области треба да бидат признаени како „де факто руски“, како што предлага планот на САД.
Изменетиот план предлага Украина да добие безбедносна гаранција од САД слична на клаузулата 5 од членот 5 на НАТО. Тој се спротивставува на предлогот на САД за користење на руските средства замрзнати на Западот, првенствено во Европската Унија.
Планот на САД предлага 100 милијарди долари замрзнати руски средства да бидат инвестирани во „напор предводен од САД за реконструкција и инвестирање во Украина“ и дека САД ќе добијат 50 отсто од профитот од тој потфат. САД исто така предложија остатокот да биде инвестиран во „одделна инвестициска платформа меѓу САД и Русија“.
Заради целосна прегледност и споредба со мировниот план на Вашингтон (објавен интегрално во нашиот весник во викенд-двобројот), во продолжение го објавуваме и предлогот подготвен од страна на таканаречените „европски сили Е3“ – Велика Британија, Франција и Германија.
Целосниот текст од европскиот контрапредлог за мир
Европа поднесе контрапредлог на нацрт-мировниот план на САД и Русија за Украина. Документот подготвен од Велика Британија, Франција и Германија го користи планот од 28 точки на Соединетите Американски Држави како основа, разработувајќи го точка по точка со предложени измени. САД оттогаш изјавија дека прават одредени измени во нивниот мировен план по навидум позитивните разговори со претставници од државниот врв на Украина.
1. Ќе се потврди суверенитетот на Украина.
2. Ќе се постигне целосен и комплетен пакт за ненапаѓање меѓу Русија и Украина и НАТО. Ќе се решат сите двосмислености од последните 30 години.
3. (Точката 3 од американскиот план беше избришана. Таа гласеше: „Од Русија се очекува да не ги напаѓа своите соседи, а од НАТО не се очекува дополнително да се прошири“).
4. По потпишувањето на мировниот договор, ќе се одржи дијалог меѓу Русија и НАТО за да се разговара за сите безбедносни прашања и да се создаде средина за деескалација за глобална безбедност и да се зголемат изгледите за поврзување и идните економски можности
5. Украина ќе добие силни безбедносни гаранции.
6. Големината на украинската армија ќе биде ограничена на 800.000 во мирно време.
7. Пристапувањето на Украина во НАТО зависи од консензусот на членовите на НАТО, кој моментално не постои.
8. НАТО се согласува да не стационира трајно трупи под негова команда во Украина во време на мир.
9. Борбени авиони на НАТО ќе бидат стационирани во Полска.
10. Гаранција од САД што го одразува членот 5:
– САД ќе бидат надоместени за гаранцијата;
– Доколку Украина ја нападне Русија, го губи правото на гаранција;
– Доколку Русија ја нападне Украина, покрај силниот координиран воен одговор, сите глобални санкции ќе бидат обновени и секое признавање нови територии и сите други придобивки од овој договор ќе бидат повлечени.
11. Украина е подобна за членство во ЕУ и ќе добие краткорочен преференцијален пристап до европскиот пазар додека се оценува тоа.
12. Робусен глобален пакет за реконструкција на Украина вклучува, но не е ограничен на:
– Основање фонд за развој на Украина за инвестирање во индустрии со висок раст, вклучувајќи технологија, центри за податоци и вештачка интелигенција;
– САД ќе соработуваат со Украина за заедничко обновување, раст, модернизација и управување со гасната инфраструктура на Украина, вклучувајќи цевководи и складишта;
– Заеднички напор за обнова на областите погодени од војната, вклучувајќи ја модернизацијата на градовите и станбените области;
– Развој на инфраструктурата;
– Експлоатација на минерали и природни ресурси;
– Специјален финансиски пакет развиен од Светската банка за забрзување на овие активности.
13. Русија постепено ќе се реинтегрира во глобалната економија:
– Олеснувањето од санкциите ќе се дискутира и ќе се договара фазно и од случај до случај;
– САД ќе склучат долгорочна економска соработка со Русија во областите на енергетиката, природните ресурси, инфраструктурата, вештачката интелигенција, центрите за податоци, ретките земји, заедничките проекти во Арктикот и други меѓусебно корисни можности;
– Русија ќе биде поканета назад во Г8.
14. Украина ќе биде целосно реконструирана и финансиски компензирана, вклучувајќи го и користењето на преостанатите руски суверени фондови што остануваат замрзнати додека Русија не ја компензира Украина.
15. Ќе се формира заедничка работна група за безбедност со учество на САД, Украина, Русија и Европа за спроведување на сите одредби од овој договор.
16. Русија законски ќе усвои политика на ненапаѓање кон Европа и Украина.
17. САД и Русија се согласуваат да ги продолжат договорите за неширење и контрола на нуклеарното оружје, вклучувајќи го и „Старт“.
18. Украина се обврзува да остане ненуклеарна држава во согласност со Договорот за неширење нуклеарно оружје (НПТ).
19. Нуклеарната централа „Запорожје“ ќе биде рестартирана под надзор на МААЕ, а произведената енергија ќе биде поделена еднакво – 50 отсто за Русија и 50 отсто за Украина.
20. Украина ќе ги применува правилата на ЕУ за верска толеранција и заштита на јазичните малцинства.
21. Територии: Украина се обврзува да не ја враќа окупираната суверена територија со воени средства. Преговорите за територијални размени започнуваат на линијата на контакт.
22. Кога ќе се постигнат идни територијални договори, Руската Федерација и Украина се обврзуваат да не ги менуваат со сила. Сите безбедносни гаранции ќе бидат ништовни доколку биде прекршено ова правило.
23. Русија нема да се меша во користењето на реката Днепар за комерцијални активности на Украина, а ќе се постигнат договори за бесплатен транспорт на жито преку Црно Море.
24. Ќе се формира хуманитарен комитет за решавање отворени прашања:
– Сите преостанати затвореници и тела ќе бидат разменети по принципот „сите за сите“;
– Сите цивилни затвореници и заложници, вклучувајќи и деца, ќе бидат вратени;
– Ќе се започне програма за повторно обединување на семејствата;
– Ќе се донесат одредби за ублажување на страдањата на жртвите од конфликтот.
25. Украина ќе одржи избори што е можно поскоро по потпишувањето на мировниот договор.
26. Ќе се донесат одредби за ублажување на страдањата на жртвите од конфликтот.
27. Договорот ќе биде правно обврзувачки. Неговото спроведување ќе го следи и гарантира Комитетот за мир, предводен од претседателот Доналд Трамп. Ќе има казни за прекршувања.
28. По постигнувањето договор со сите страни, прекинот на огнот ќе стапи во сила веднаш, при што двете страни ќе се повлечат на договорените точки за да започнат со спроведување. Модалитетите на прекинот на огнот, вклучувајќи го и мониторингот, ќе бидат договорени од двете страни под надзор на САД.

































