Од творештвото на писателот Наум Попески
На денешен ден во 1947 година е роден поетот Наум Попески, кој почина на 20 јануари годинава. Роден е во Вевчани, Струшко, каде што завршил основно училиште, потоа гимназија во Струга, а студирал на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата македонски јазик и книжевност.
Целиот работен век го мина како новинар во весникот „Нова Македонија“, а бил и уредник на додатокот за деца „Колибри“. Континуирано соработувал со списаниjата за деца „Развигор“ и „Росица“ на издателството „Детска радост“ од Скопје. Наум Попески беше плоден автор. Застапен е во многу антологии на поезија, во повеќе читанки и други учебници во основно образование, како кај нас, така и го регионот. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија, а беше и чест гостин на сите фестивали на литературата за деца кај нас и во регионот.
Негови попознати дела се збирките песни за деца „Ајде да растеме“ (1982), „Детелинка со четири листа“ (1995), „Изворчиња – поточиња“ (2007), „Летни – светни светулке“ (2012), „Наумување“ (2015); расказите за деца „Спомени во слики“ (2007). Попески е најпознат како автор на првиот бонтон за деца: „Бонтон за деца – убавината на убавото однесување“ (1999, реиздание во 2017), и сега актуелните „Во гората зелен лист – во градите воздух чист“ (2006) и „Еко-бонтон за деца“ (2007), „Поетот од Порече“, монографска книга во соавторство со поетот Саво Костадиновски (2018), „Чаробна крила“, избор од поезијата за деца на Наум Попески, во препев на Душан Ѓуришиќ, доајен на поезијата за деца во Црна Гора (2018), „Златна диплома“ од босанскиот писател за деца Бајрузин Хајро Планјац, во превод на Наум Попески (2018), „Дувни, дувни ветренце“, стихозбирка за деца (2019), ,,Тајните на дедовата воденица“, роман за млади од Хајро Плањац, во превод на Наум Попески (2022).
За своето долгогодишно плодно поетско творештво за деца е добитник на повеќе награди и признанија.
Еј, детенце
Наутро кога ќе станеш,
насмев кон сонцето прати,
земјата тоа ја грее
и денот тоа го злати.
На прозорец птица што слета
се спушта да одмори крилја,
шепни ѝ поздрав да прати
на сите во земјава мила.
Засади бреза во дворот
да расне и да се грани,
земјата сакана наша
и така се чува и брани.
Сакај ги сите деца
од разни бои и раси,
добрина твоето срце
секогаш нека го краси.
Биди хумано дете,
секому подај рака,
учи, дознавај, читај,
земјата така се сака.
Во домот на Рацин
Дојди во Велес,
некој ми рече
тука кај Вардар,
вековно тече.
Кај што е роден
поетот Рацин,
Белите мугри –
сончеви зраци…
И дојдов, влегов
во таа куќа
столче и маса
каде што учел…
Натаму грнци
правени рачно
во тоа време
тешко и мачно…
Оставив цвеќе
во знак на почит,
ме стегна срце,
Светнаа очи.
Песни си пее
и бранот речен
за Кочо Рацин
поетот вечен.
(Од книгата „Летни, светни светулке“)

































