Откако Судот во Стразбур ги потврдил повредите на правото на правично судење во предметот „Tенк“ кој се водел против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, премиерот Христијан Мицкоски вели дека подолго време укажувале на судски случаи во кои има нарушување на човековите права и оти судиите кои го направиле тоа се истите оние на кои им се мали платите и кои се партиски опструирани и заробени од минатата влада.
– Да, утрово го прочитав тоа. Забележав дека во соопштението јасно стои дека има забелешки на процесот, начинот на судењето и отвораат предмет да го разгледаат тој процес, да го преразгледаат, нарушување на човекови права итн. Ќе ве потсетам дека за вакви и слични случаи ние веќе подолго време зборуваме. Тоа се овие судии на коишто мала им е платата, сакаат двојно, тројно поголема. Партиски опструирани и заробени од страна на претходната влада. Малкумина се. Ќе повторам, конкретно овој случај видете кој го водеше, тоа е случајот „Тенк“, и видете сега каде се наоѓа тој судија денес – рече Мицкоски во одговор на прашање за став по однос на овој случај.
Тој судија, рече премиерот Мицкоски, не престанува ниту сега со своето однесување.
– Тој сега ги атакува пензионерите за линеарното зголемување на пензиите, сака тоа право да им го одземе, а од друга страна бараат двојно, тројно поголеми плати, а гледате какви пресуди политички октроирани носат. За жал, мораме да се срамиме и црвенееме пред Стразбур, поради ваквите малкумина судии, ќе повторам, коишто за жал го контаминираат нашето судство и малкумина обвинители коишто за жал го контаминираат нашето Обвинителство – изјави Мицкоски во одговор на прашања на настанот за промоција на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините.
Тој повтори дека смета оти реформите во делот на судството и обвинителство се апсолутно потребни, но, како што истакна, суштински реформи, а не зголемување на плати на овие судии, кои, како што рече, не ја заслужуваат ни оваа плата, која што е драматично поголема од просечната плата во државата.
Информацијата од Стразбур, додаде, е потврда уште еднаш за „октроираното судство во кое се уште, за жал, поединци внатре се заложници на претходната влада на СДСМ и ДУИ“.
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на неjзиниот фејсбук профил објави дека по пет години од поднесувањето на апликацијата пред Европскиот суд за човекови права, во однос на пресудата против неа за предметот „Тенк“ за набавка на блиндирано возило за потребите на државата, Судот во Стразбур ги потврдил повредите на правото на правично судење во предметот.



































