- „Ехо на заборавот“ во режија на Маја Ѓурчевска е претстава на театарот „Чекори“ и ќе може да се погледне в сабота во „Макка бар“
Театарот „Чекори“, в сабота во 20 часот, во Макка бар, ќе ја изведе претставата „Ехо на заборавот“ во режија на Маја Ѓурчевска. Жанровски претставата е модерна трагедија. Автор е Ирем Генишел Бешкоска, а улогите ги играат: Михаил Митевски, Иван Делиманов, Никола Кузманоски, Јована Гаврилоска, Никола Димевски, Маја Ѓурчевска, Валентин Видовиќ.
Претставата содржи сцени што можат да бидат вознемирувачки, опфаќајќи физичко и емоционално насилство, употреба на дрога, алкохол и пушење, груб јазик, ментално растројство.
„Ехо на заборавот“ од Ирем Генишел Бешкоска е современа трагедија, психолошка драма, што ја следи интимната, потресна приказна на млад геј-маж што живее со шизофренија. Неговата перспектива отвора суров, но исклучително чувствителен прозорец кон темите на идентитетот, траумата и стигмата што ја создава општеството.
– Претставата навлегува длабоко во кревкоста на машкото ментално здравје, семејниот притисок и болната реалност на социјалната отфрленост. Се анализираат состојбите на човечката психологија, семејните врски, оддалечувањето, повлеченоста, траумите, непроцесирањето на стресот, лошото друштво, алкохолот, дрогата, семејното насилство, како сето тоа може да ни влијае. Преку комбинација од емотивна глума, симболична сценографија и моќен телесен израз, режисерката создава театарско искуство што не се заборава, клокоти со напнатост, кревкост и човечка вистина. Оваа приказна можеби е нечиј секојдневен живот. Се надеваме ќе допре до сите тие што поминуваат низ сличен процес, да се охрабрат и да побараат помош. „Eхо на заборавот“ не е само претстава туку храбра иницијатива за разговор што премногу долго се премолчува. Публиката ќе ја почувствува тежината на секој здив, секоја мисла и секое ехо што го носи главниот лик, спектакл што допира, предизвикува и остава долг одек во срцето – информираат од театарот „Чекори“.
Во претставата, д-р Миријам е психијатарката и гласот на рационалноста. Таа се обидува да внесе ред во хаотичниот свет на Џулијан.
Мајката Оливија се бори меѓу љубовта и стравот. Често неподготвена да се соочи со психичката болест на својот син. Очувот Роберт е чуварот на „нормалноста“. Фигура што инсистира на ред, правила и контролирано однесување. Студентот/„Пријателот“ е одраз на надворешниот свет и лошото друштво. Ејден е партнер и емоционален компас. Тој претставува интимна надеж, но и болка, покажувајќи како менталната борба влијае на најранливите односи. Таткото Адам е оддалечената рана. Тој е симбол на загубата, незавршените разговори и тивката траума што го следи Џулијан од детството.
Главниот лик Џулијан е млад геј-маж што живее со шизофренија, чувствителен, интелигентен и кревок. Тој ја носи целата тежина на приказната: конфликтот меѓу реалноста и халуцинациите, желбата за љубов и стравот од осуда, битката да се биде разбрано човечко суштество и ехото на заборавот што го прогонува.
Влезниците се по цена од 300 денари и ќе може да се набават на самиот влез, пред почетокот на претставата.
Претставата е наменета за лица над 16 години. С.Ј.


































