Уште малку за есента и… Чеените

Овој пат со посебно задоволство ќе ја пренесам или ќе ја парафразирам изјавата на Џим Бишоп, познат американски публицист и новинар, дека есента во својот џеб носи повеќе злато отколку сите годишни времиња заедно. За жал, за прагмата на политичкиот живот, настаните, методите и случувањата, нема годишно време или време на инертно спокојство, запирање на активностите, кревање глава и соочување со последиците на дејствијата. Како и да е, можеби есента е политички најактивен период и подлога за многу случувања – пријатни и непријатни. Веројатно тогаш агресијата е поизразена пред надоаѓањето на зимата, која со себе не носи злато во џебовите како есента, туку мраз и грижи.
Неколку големи настани со кои се соочувал светот се есенска руба, но далеку од златна. Во годината 1962, двете тогашни велесили САД и СССР биле на прагот на нуклеарен судир. Кризата траела 35 дена, почнувајќи од 16 октомври, па до 20 ноември (ѓавол да ја земе, па тоа е деновиве!), кога големите „дошле“ до сознание дека судирот нема да добие победник, туку само мрак и студенило за најубавата планета од нашата галактичка единица. Не знам дали е потребна реприза? Ако е така, тогаш еволутивниот здраворазумен пат на човекот се урнал длабоко во амбисот на Тартарат. Како и да е, разврската го оправда разумот, а светот продолжи понатаму со своето секојдневие. Бурно секојдневие, зарем не?
Ако се вратиме малку помалку од половина век наназад од таа кобна ама и надежна (за опаметување) нуклеарна криза, повторно есента е платформа за настан што го потресе светот во тој дваесетти век. Така напишал американскиот комунист, кој е погребан под ѕидиштата на древниот Кремлин, новинарот и авантурист Џон Рид. Октомвриската или Болшевичката револуција во Русија крваво расчисти со монархистичкото владеење на династијата Романови. Како и да е, еден календар ја именува како Октомвриска, другиот е дециден дека се случила на 7 и 8 ноември во таа 1917 година.
За есенските настани, може да се зборува и пишува во недоглед, но ќе спомнам уште еден голем, кој всушност претставува увертира за она што денес се случува во Украина, но и на глобален план. Тоа е паѓањето на Берлинскиот ѕид. Станува збор за граничен ѕид од 1961 година, кој беше симболот на фамозната железна завеса. Таа во еден дел го подели Берлин, а потоа и блоковите предводени од истите велесили. Уривањето започнало на 9 ноември 1989, а завршило на 3 октомври 1990 година (ѓавол да ја земе кусогледоста на политичарите – како кои – филувана со ликот на слободата и големите очекувања – како за кого). Епилог, договорно распаѓање на чехословачката федерација, огнена разврска на „братски“ народи во СФРЈ, распаѓање на големиот СССР, па сѐ до денешниве крвопролевања во Украина во кои „победниците“ од Втората световна војна братски си ги ископаа срцата за сметка на сеирџиите, кои си ги мазнат мустаците.
Живеам во Полог, плодоносна долина по течението на Вардар. Оваа година летнината е далеку од солидна, па дури и под вообичаениот минимум. За тоа можат да посведочат мечките, но кога би биле како оние од басните на Езоп – кога би прозборувале. Штом би отвориле челуст, тие тажно ќе кажат дека за нив нема храна. Нема диви јаболка и слатки круши, нема капини и дренки. Принудени се да се симнат на пониските делови од планината. Меракот им е да испревртат понекој контејнер за да дојдат до храна. Но бидејќи луѓето се или иселени или воопшто ги нема, тешко дека ќе го задоволат апетитот. Со дурбија не може да се пронајде грав тетовец иако цената му е над 600 денари за килограм. Денес животинките, утре ние луѓето. Ама утеха ни се полињата со фотоволтаици и ветерниците против кои безуспешно се борел и стариот добар витез Дон Кихот придружуван од Санчо Панса и кобилата Росинанта, како и широките автопатишта распослани низ плодните долини по кои ќе шибаме со над 200 километри на час! Што да се прави, модерни времиња и перцептивност како таа на легендарниот Чарли Чаплин. Ех, колку е потребен сега со својата визуелна сатира во ова наше турбулентно или стампедо-време. Уште да нѐ подучат како да дишеме и колкави залаци да ставаме во уста, па да ја избришеме и последната буква од „живот што живот значи “.

Продолжувам понатаму со малку поинаква мисловна нарација, но на иста тема. Не знам зошто ми се значајни тие пусти педесетти и шеесетти од минатиот век? Веројатно поради тоа што бев дете или млад човек, а големата Америка романтична и блиска до нашите младечки визии за светот. Во 1964 година, легендарниот вестерн-мајстор Џон Форд го сними својот значаен филм од истиот жанр „Есента на Чеените“. Всушност, станува збор за адаптација на романот „Последната граница“ на Хауард Фест. Приказната зборува за годината 1879 кога чеенските поглавари Малиот Волк и Тапиот Нож соочени со гладот и болеста на племето што престојува во резерватот во Оклахома, кој им бил доделен од страна на американската влада, организираат големо бегство. Тоа бил обид да се вратат на својата традиционална територија на север од државата, да се вратат во нивната слобода. Приказната би останала поткусена ако не се истакне и американскиот офицер (Ричард Видмарк), кој е задолжен за враќање на одбегнатите во слобода, кој целосно ги разбира проблемите на Чеените и сочувствува со нивните постапки.
Џон Форд како легенда на американскиот вестерн е голем поради своето креативно ама и суштинско збогатување на жанрот во кој за првпат е отворен хоризонт за реалноста гледана преку очите на домородните Индијанци. Но што е тука фалинката? Сите актери се или Американци или Латиноамериканци (Рикардо Монталбан, Гилберт Ролан, Сал Минео). Оправдано, можеби. Во тоа време немало ниту еден индијански актер иако и самите денес сме убедени во актерските способности на натуршчиците. Станува збор за руски израз за аматери без актерско образование. Тие се способни на најдобар можен начин да интерпретираат ликови од сопствената социјална средина. Инаку, буквален превод на тој збор е модел за сликарот. Еволутивно, денес Вест Студи („Последниот Мохиканец“) припадник на нацијата Чероки и наградуваната Лили Голдстон („Да се убие Цветната месечина“) на Скорциз како членка на племето Црни Стапала, се вистински ѕвезди.
Есента сѐ уште е господар на годината. Нема злато како порано. Има многу поткелавени брда, изорани падини, каменоломи, минерална прашина. Потреби на градежната оператива. А ние сме суштества што своето гориво го вдишуваме за да бидеме функционални и живи. Храната наша неопходна веројатно ќе се потпира на увезеното.
Русија лансираше „циркон“ на Сумската Област. Уништени се значителна инфраструктура и воени системи за заштита. Ова беше одговорот за нападот од страна на Украина со американски АТАКМС. „Цирконот“ лета со девет маха и има досег до 1.000 километри. Што е најважно, лансирана е за првпат од платформа на копно, од Крим. Уште едно оружје што бара здрав разум. Простете, разумот како дефицитарен артикл. Но оваа есен полека си заминува. Треба да бидеме благодарни што нема големи потреси. А за другата, онаа во 2026 година, па нека биде иста како оваа, без големи потреси. Доволно оптимистички, зар не?

Љубомир Јованоски

Авторот е писател