Фото: Пиксабеј

Во февруари 2018 година, патниците на релацијата помеѓу Алмере и Амстердам без здив гледаа сцена што се протегаше покрај пругата. На полињата на познатиот холандски резерват Оствардерспласен лежеа телата на илјадници умрени животни – изнемоштени коњи, елени и добиток. Многумина во тоа гледаа суровост и невнимание, додека други тврдеа дека тоа е показател само дека – природата си ја врши својата работа.
Тоа беше момент кога еден од најамбициозните европски проекти стана симбол на судирот помеѓу идеалите и реалноста. Во центарот на приказната е биологот Франс Вера, чија визија да се остави природата на сопствените закони веќе со години ја обликуваше дебатата за зачувување на животната средина.
Кон крајот на 1960-тите, кога морето кај Амстердам се исуши заради изградба на нови градови, дел од земјиштето беше претворено во мочуриште богато со живот. На почетокот на 1980-тите, Вера имал револуционерна идеја: со населување големи тревопасни животни – коњи, говеда и елени – да се создаде пејзаж сличен на праисторискиот, каде што природните процеси сами ќе ја одржуваат рамнотежата. Неговата теза била едноставна, но предизвикувачка: пред земјоделството, Европа не била густа шума, туку динамичен мозаик на пасишта и шуми, кои ги одржувале дивите коњи и говеда. Вера сакал да го докаже тоа на жив пример – да ги пушти животните без човечка помош, без хранење и без регулација. Со текот на годините, популацијата на тревопасни животни од неколку десетици пораснала на повеќе од пет илјади единки. Вегетацијата исчезнувала, мочуриштата се претвориле во суви ливади, а голем број видови птици едноставно исчезнале.
Под притисок од јавноста и властите, во 2018 година е воведен нов режим на управување. Бројот на тревопасни животни е ограничен на 1.500, а ренџерите сега активно интервенираат – ги хранат животните во екстремни услови, ја следат нивната здравствена состојба и ако популацијата расте, ја преместуваат или го отстрануваат вишокот. Иако Оствардерспласен сега е далеку од првичната идеја за целосна слобода на природата, резултатот е импресивен: од 2018 година ниту едно животно нема умрено од глад. Ливадите повторно се зелени, птиците се вратиле, а пејзажот повторно потсетува на она што Вера го сакал – само со повеќе човечка помош отколку што замислувал. Но расправата не е завршена. Експертите предупредуваат дека постојаното одржување на популацијата не е природно и го ограничува еволутивниот процес. Во природата, велат тие, бројките треба да се менуваат – во циклуси на изобилство и скудност.