Екипата на Штип УГД запиша историски триумф од максимални 3:0 (25:18, 25:23, 25:16) против норвешки Кол Ил и преку “златен сет”, кој го доби со убедливи 15:8, обезбеди опстанок во Челинџ купот. Овој успех за штипјани е дотолку поголем бидејќи со тоа и македонската машка клупска одбојка ќе има претставник во европските клупски купови и во Новата година.
Синоќа во салата “25 Мај” во Радовиш, македонскиот претставник одигра натпревар како по ноти, во кој беспрекорно функционираа сите елементи. Дисциплинираната игра овозможи Штип УГД да ја анулира негативата од 3:1 што ја имаше од првиот меч во Осло и по само 80-тина минути игра да стигне до максимална победа и “златен сет”.
Во клучниот сет Штип УГД влезе еуфорично и фуриозно со 4:0 и 6:1 веднаш давајќи до знаење дека нема ништо да остави на случајност.
Македонскиот репрезентативец Стојан Илиев беше најефикасен со 22 поени, следен од Махди Задмард, кој реализираше 15 поени, како и Стојче Арсов имаше 11, Михајло Мирасчиев 10 и Леандро Оливеира со шест поени.
Следен предизвик за Штип УГД во главната рунда од Челинџ купот ќе биде италијанскиот тим Милано, со кој двомечот се игра во јануари 2026 година.





































