Фото: МВР Албанија/принтскрин

Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, денеска во Тирана учествуваше на регионалниот стратешки состанок, организиран и поддржан од агенциите за спроведување на законот на Обединетото Кралство.

– Фокусот на состанокот беше насочен кон справување со предизвиците поврзани со нелегалната миграција, прекуграничниот криминал, дејствувањето на организираните транснационални групи и нелегалните финансиски текови – области кои претставуваат клучни фактори за стабилноста и безбедноста на целиот регион – објави албанското МВР.

Јанев истакнал дека обезбедувањето сигурност за секој граѓанин, без разлика каде во регионот престојува или се движи, е врвен приоритет.

-Треба да ја избегнеме бирократијата и да најдеме начини за добра соработка и заедничка визија, за да го направиме овој регион побезбеден и постабилен. Треба да пристапиме кон прашањето на нелегалната имиграција од аналитичка гледна точка, да работиме заедно и да ја спречиме оваа криминална активност. Тука сме за да споделиме искуства и знаења, да ја минимизираме оваа активност – рекол меѓу другото Јанев.

Посочил дека македонската полиција и понатаму останува препознатлив, доверлив и рамноправен партнер во напорите за јакнење на регионалната и европската безбедност, активно придонесувајќи кон воспоставување стабилни механизми на соработка кои создаваат трајна заштита и безбедност.

Домаќин на состанокот беше генералниот директор на албанската полиција, Илир Прода, а учествуваа и заменик-директор на Дирекцијата за разузнавање и меѓународни операции при Министерството за внатрешни работи на Велика Британија, Вики Пулен, генералниот директор на косовската полиција, полковник Газменд Хоџа, вршителот на должноста директор на црногорската полиција, Лазар Шчепановиќ, како и високи раководители на регионалните полициски сили.

Учесниците усвоија заклучоци и предложија нови регионални иницијативи, модели на меѓусебна соработка и оперативни механизми, со цел дополнително зајакнување на колективната подготвеност на земјите од регионот. Во фокус останува превенцијата на криминалот на национално, регионално и меѓународно ниво, навременото детектирање и сузбивање на криминалните мрежи, како и создавање поотпорен, побезбеден и постабилен регион.