Фото: Маја јаневска Илиева

Обвинителот Борче Јанев на судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, истакна дека денеска се бара одговорност по име и презиме, а општеството мора да се соочи со болната вистина и да извлече легитимни одговори за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не спречил, бидејќи, како што рече, се бара правда не како утеха или одмазда, туку како последица на незаконитост. „Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, рече Јанев, нагласувајќи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на години институционален молк, пропусти и недостиг од контрола кои го претвориле клубот во „смртоносна стапица“.

-Катастрофата во Кочани не настана од дејствија или пропусти на една човечка рака. Не настана само како последица на активацијата на пиротехниката таа кобна ноќ, на 16 март 2025 година. Од навидум обичен сценски ефект, кога искрите од пиротехниката донесоа невиднина. Снимките кои нѐ потресоа сите и го обиколија светот се само завршниот и фатален чин на ова институционално, невидливо а реално, многу присутно зло, кое исплива на виделина таа вечер. Во Кочани не изгоре само објектот, со него изгоре и илузијата дека одговорните во системот се тука кога треба да заштитат. Изгоре и вербата дека оној што бил повикан постапил навреме да спречи. Затоа изгоре за жал и иднината на невини млади луѓе кои сакале само радост и забава таа фатална вечер. Нивните животи згаснаа, а душите и телата на повредените настрадаа, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна и институционална неодговорност- рече обвинителот.

Обвинителот посочи дека трагедијата е последица на долготрајна институционална неодговорност и дека општеството мора да се соочи со вистината за да може да заздрави.

-Колку и да е мачна, тешка и болна. Ако премолчиме и изгубиме вистината, ако не се соочиме со целосната димензија на оваа ненадоместлива загуба и оваа невидена трагедија никогаш нема да имаме сила како општество да тргнеме на патот кон заздравување – рече тој.

Како што дополни, Кочани, колку и да боли, пече и горчи во душите на сите повикува и бара легитимни одговори.

-Кој дозволил работа на објектот иако никогаш немал намена да врши угостителска дејност. Кој дозволи влез без да го обезбеди излезот, кој знаеше и имаше должност да проценува ризици, а дозволи и пресмета профит, кој одбра и потпиша молк наместо санкција и затворање, кој не ја согледа смртоносната опасност и услови – изјави Јанев.

Обвинителот нагласи дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток.

– Доказите кои ќе бидат изведени ќе покажат дека без никакви дилеми дека злоделото во овој настан не е и не може да биде само казнивото дејствие на активација на пиротехниката, злодело е и самото постоење на овој објект толку години. Клубот „Пулс“ отсекогаш бил безбедносна смртоносна стапица, буре барут. Никулците на оваа невидена катастрофа биле одамна изникнати и сите предуслови за тоа одамна поставени. Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја погледне и види, меѓутоа требало, морале и биле должни да ја видат и спречат – порача Јанев.

Овој настан, како што дополни, не е несреќа или случај на судбината, се работи на цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања и калкулиран ризик, кој некој го прифатил, но, како што рече, го платија оние што немаа избор.

-Нашиот народ знае да каже подобро да се спречи, отколку да се лечи. Тоа е и функцијата на превентивното безбедносно дејствување, но во овој настан последиците се неизлечиви, затоа што никој никогаш не се ни обидел да ги спречи – изјави Јанев.

Обвинетиот Дејан Јованов без било какви институционални стеги и контроли за почитување на безбедносните правила и прописи, опасноста никогаш не го интересирала, и како што посочи обвинителот, доказите многу јасно ќе го потврдат тоа.

-Димензијата на преземени дејствија и обемот на пропусти кај овој човек се шокантни и запрепастувачки. Ќе можете да видите и чуете што се бил спремен овој човек само заради профит и материјална надомест. Бидете убедени дека ќе ве потсетат на негативни ликови, антипод на сите човекови вредности – изјави Јанев.

Но, овој човек, нагласи тој, не успеа самиот да го преврти системот наопаку, туку ни покажа каков систем сме имале и како не функционирал и ги истакна пропустите на лицата кои биле одговорни за превенција и безбедносна заштита.

-Суштината на самото постоење на инспекции е превентивно да делуваат. Да видат пред да заболи, да забранат пред да изгори, да затворат пред да погребуваме. Но, овој човек успешно опстојувал со години и ги заобиколувал сите институционални препреки, бариери и безбедносни правила. Се што ќе посакал тоа го добивал. Сите документи кои морал да ги има не ги обезбедувал затоа што никој не му ги ни барал. Таму, каде што требало да добие заштита и да ги прикрие криминалните потфати, тоа го имал – изјави Јанев.

Во најтесна закрила до него, како што посочи Јанев, првообвинетиот ги подредил и неговиот кум и неговиот брат, па дури и неговото дете. -Сите впрегнати да работат и кршат закони по негова замисла. Никој на овој човек никогаш не му застанал на патот. Последиците одамна имале опасен и хаотичен, но целосно предвидлив тек, порача Јанев.

Во овој настан, според Обвинителството, повеќе од јасно е дека должноста молчела, поради што последицата останала само прашање на време.

-Во овој контекст, преку нормативна анализа се утврди дека во делот на должноста за постапување по однос на безбедносните правила и прописи секој од свој аспект на делување биле директно повикани. Локалната самоуправа, односно Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија. Изведените докази ќе покажат дека кај службените лица во институциите опфатени со обвинението, постоел јасен образец на игнорирање на безбедносните опасности и форми кои постоеле до самиот критичен ден кога настапиле последиците – порача Јанев.

Временскиот период на кој се протегаат инкриминираните дејствија на обвинетите е, како што рече, за жал поразително долг, посочувајќи дека доказите го довеле до 2012 година како почетна временска одредница и нулта точка од каде започнал вителот на непостапувањето се до кобната вечер на 16 март 2025.

-Коруптиваната природа на последната обезбедена лиценца беше доволна побуда и патоказ дека хронолошкиот тек заслужува да биде испитан во неговиот полн обем, независно до каде се протега. Лиценцата требало да биде круна на темелна безбедносна проверка. Доказите покажуваат дека никоја од нив гледано засебно не смеела да биде издадена. Во текот на постапката ќе докажеме дека ниту формалните, ниту суштинските елементи не биле исполнети за да бидат дадени лиценци за вршење угостителска дејност кабаре. Обезбедените докази јасно говорат дека станува збор за мимикрија на постапување, или ако сакате административен декор без суштински контроли и проверки кои обвинетите биле должни да ги преземат – изјави Јанев.

Обвинетиот Дејан Јованов, посочи обвинителот, во октомври 2012 година дошол на идеја во објект во сопственост на обвинетиот Гроздан Милковски, што служел како магацин за текстил да го пренамени во дискотека, и за таа цел ја ангажирал Милка Едровска, која, како што рече, постапувала „строго по неговите барања и желби“ и изработила проект и елаборати спротивно на нејзините должности креирала лажна претстава дека објектот може да се пренамени во дискотека и да исполнува безбедносни стандарди и заштита.

– Во моментот кога станало јасно дека на тоа место се подготвува да почне со работа дискотека, раководителот на одделението за уредување на градежно земјиштето во Општина Кочани на 06.11.2012 година испраќа барање за неиздавање лиценца за дискотека. Тогаш прв и последен пат се активираат законските проверки и контроли и набргу за само една недела по спроведен инспекциски надзор од Државниот Пазарен инспекторат, на 13.11.2012 година Министерството за економија носи Решение со кое се одбива барањето за издавање на лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре број 13-8498/2. Ова решение во Министерството за економија го изготвува обвинетиот Џеваир Камбери, чија улога во овој кривично правен настан ќе можете да ја видите се до последната издадена лиценца, а ќе видите и дека за издавање на некои од лиценците истиот примил поткуп. Решението е потпишано од Министерот за економија, обвинетиот Ваљон Сараќини – рече обвинителот Јанев.

Обвинетиот Дејан Јованов, за само две недели врз основа на ново барање за издавање на лиценца ги отстранил сите бариери што му стоеле на патот.

-Наместо овој пат контролата на исполнувањето на минимално-техничките услови да биде извршена од ДПИ Кочани, кои биле запознаени со фактичката состојба, барањето од истиот инспектор во Кочани кој знаел што се случува на самото место и дека објектот не ги исполнува условите било препратено до ДПИ Виница, каде обвинетата Блашка Ефтимова како инспектор, истиот ден по приемот пристапила кон изготвување на записник за извршен инспекциски надзор од 13.12.2012 година во кој навела дека објектот ги исполнува минимално-техничките услови, иако знаела дека ништо од наведеното во записникот не е точно. Во моментот кога се составувал записникот, односно истиот ден на 13.12.2012 година, обвинетиот Ваљон Сараќини како Министер за економија, без записникот да биде примен во министерството ја потпишал првата лиценца за вршење на угостителска дејност-кабаре – нагласи Јанев.

Дискотеката почнува да работи, рече Јанев, а во Општина Кочани настапува целосен молк иако објектот заради неговата намена како дискотека никогаш не смеел таму да постои зошто бил спротивен и на Законот за градење и на ДУП-от на општина Кочани.

-Ниту Градоначалникот на Општина Кочани, ниту Градежниот инспектор не реагирале и не презеле дејствија на инспекциски надзор иако еклатантно било прекршено деталното урбанистичко планирање на Општина Кочани кое по својата природа нормира и уредува каде еден ваков објект е дозволено да постои. Воопшто не презеле дејствија на проверка и надзор, што всушност Дејан Јованов од градежен аспект вградил и изменил во објектот и никогаш повеќе не се обратиле до Пазарниот инспекторат и Министерството за економија. Затоа велиме во овој цикличен круг на непостапување не замолчела само должноста туку престанала и совеста – нагласи Јанев.

Дирекцијата за заштита и спасување од самиот почеток на настанот, па се до критичните моменти на настанување на последицата, обвинителот Јанев, рече дека никакви дејствија на проверки и безбедносна заштита не биле преземени, нагласувајќи дека во оваа институција од 2012 година, немало инспектор за заштита и спасување за подрачје на општина Кочани.

-Доказите ќе покажат дека не презеле никакви превентивни мерки и активности, ниту контрола, ниту надзор, иако сите имаат иста функција и должностите на обвинетите во Дирекцијата примарно се однесуваат на заштита на животите и имотот на луѓето, токму од пожари и отстранување на можните опасности кои произлегуваат од истите. Се останало само на „ЌЕ“, целосно свесни дека инспектор за заштита и спасување за да превентивно делува на подрачје на општина Кочани, не овластиле да постапува цели 13 години – рече Јанев.

Обвинетите ниту еднаш не наредиле надзор и контрола, за да се провери како оваа дискотека работи, иако, како што нагласи, се работи за единствена дискотека од затворен тип во Кочани која работела 13 години.

-Оттука па се понатаму, доказите покажуваат дека одговорноста во превентивното делување сите обвинети од наведените институции си ја префрлале како жар во рацете што никој не сака да го задржи и да делува. Сите чекале граѓаните да им кажат и да пријават незаконитости и неправилности за тие да постапат. Реакција по службена должност која претставува особено силен и основен превентивен механизам за делување, за жал, останал мисловна именка. И затоа сме тука денеска каде што сме – рече Јанев.

Во овој настан нема случајности, порача Јанев, нагласувајќи дека постои јасно дефиниран кривично правен образец на непостапување кој само поради тешките настапени последици не дозволуваат коментар во несериозен контекст.

-Никој од обвинетите не видел основа за реакција затоа што и другиот пред него тоа не го направил. Нема да видите доказ за било какви дејствија преземени од некој од обвинетите кои би дале поинаков тек на настанот. Нема никакво отстапување од веќе пројавените и долготрајно повторувани еднообразни облици на непостапување. Од овој индолентен бирократски канал и рутина никој не излегол. Доказите ќе покажат дека каузалниот тек на настанот е непрекинат, се до настапување на последицата – порача Јанев.

Сите обвинети, нагласи Јанев, како службени лица само го наследувале и го прифатиле молкот како службен протокол.

-Безбедноста нема мандатна природа и истек на важност. Секој од овие обвинети е повикан на одговорност поради неделување во моментот кога имал правна должност тоа да го стори. Секој поинаков заклучок лесно западнува во невиден апсурд и во правен ќорсокак…Затоа ќе докажеме дека се апсолутно безмислени тезите дека овде на одговорност треба да биде повикан само оној во чие време се случила последицата – појасни Јанев.

Вака создадениот преплет од кривичноправни дејствија, како резултат на негрижа, толерирање и игнорирање на сите безбедносни закани и опасности, според Обвинителството директно се согледува во самата настапената последица на 16 март 2025 година.

-Од самиот почеток па се до пожарот во објектот не постоел функционален и адекватен против прожарен систем. Нема против прожарни сектори, нема хидрантна мрежа, нема прскалки, нема детектори, нема аларм за предупредување.. Со други зборови со вакви аномалии нема одбрана од опасноста. Понатаму затворени прозорци и преградени со лим, вградени опасни лесно запаливи материјали, исклучително токсични по животите и здравјето на посетителите во случај на согорување. А сето ова во услови на еден единствен излез за евакуација во случај на опасност во дискотеката, во која се собирале и биле присутни и до илјада луѓе – изјави Јанев.

Безбедноста во минатото и до денот на настанот не била компромитирана, бидејќи, како што нагласи Јанев „таа никогаш и не постоела“

-Во такви услови Дејан Јованов и Михајло Јованов го договориле настапот на музичката група „ДНК“, кои разговори ги воделе двајцата со пејачот на групата, сега починатиот Владимир Блажев. Од изведените докази ќе имате можност да се уверите дека користењето на пиротехниката при настапот на музичката група била претходно договорена – рече Јанев.

Критичната вечер клубот бил редовно наводно „обезбедуван“ од обвинетите, ангажирани за физичко обезбедување на имоти и лица, рече Јанев, но нивната улога без соодветна проценка и безбедносен ризик овозможиле неконтролиран влез на гости, кој во критичната вечер достигнал и над 600 гости.

-Бил дозволен и влез на деца и нивно присуство во објектот после полноќ, отсуствувала задолжителна идентификација и проверка за внес на недозволени и опасни средства по животот на присутните, со што овозможиле преку внесот на пиротехничките средства од страна на починатиот Мартин Атанасовски за потребите на сценскиот музички настап на групата ДНК, истите дополнително да бидат активирани. Сето ова од страна на лицата кој вршеле физичко обезбедување било по насока на одговорните лица во обвинетото правно лице-Рубикон како друштво за обезбедување на имот и лица, без преземени мерки и активности насочени кон откривање на штетни појави и дејствија кои го загрозуваат телесниот интегритет и имотот што се обезбедува – изјави Јанев.

Сега покојниот Мартин Атанасовски, посочи Обвинителот, ги внел пиротехничките материи и поставил три уреди така наречени- пиротехнички фонтани на сцената кои, кога започнал настапот на групата ДНК, во моментот кога се изведувала песната „Што сака нека биде“ со далечински управувач истовремено ги активирал пиротехничките фонтани.

Димензијата на оваа трагедија и зошто последиците беа толку разорни, според Обвинителството се огледаат во неколку клучни фактори присутни од самото отворањето на дискотеката.

– Вградените градежни материјали на своја рака од обвинетиот Дејан Јованов, без безбедносна проверка на нивното значење и што истите може да предизвикаат, ќе се покажат како носечка причина за смрт. Сунѓерот со кој била обложена плафонската конструкција во дискотеката уште од нејзиното отворање во 2012 година била со исклучително опасна и токсична емисија на гасови, како резултат на согорувањето. Немало доволно излези, не можеле сите да го напуштат објектот и да побегнат, останале само млади животи, пламен и изгубена надеж – нагласи Јанев.

Од овие причини, нагласи Јанев, неправото тврдиме дека не може да се исцрпи и да се подведе под законско обележје на друго кривично дело туку на кривичното дело тешки дела против општата сигурност на луѓето и имотот.

-Да нема никакви забуни на никој од овие обвинети не му се става на товар дека имале умислен однос кон настапената последица. Во самиот квалифициран облик предвиден во член 292 став 2 од КЗ, е инкорпорирана одговорноста за потешка последица кога сторителот спрема неа делувал од небрежност. Но, во делот на нивните дејствија на сторување или несторување кои доведоа да штетната последица загуба на човечки животи немаме дилеми дека делото го сториле со облик на вина – евентуална умисла, затоа што сите биле должни да постапуваат по императивни безбедносни правила и норми во делот на нивните законски овластувања и должности – изјави Јанев.

Како држава, Јанев нагласи дека постоиме веќе 80 години со изграден правен систем, а како демократско општество повеќе од 30 години постојано се стремиме и очекуваме да го подобриме кон повисоки стандарди и затоа, денес „со најголема понизност кон изгубените живот и тешко настраданите, нивните семејства и блиски тука сме во ова постапка да прашаме, да именуваме и да бараме одговорност“.

– Ако овој објект ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа доволни и проодни, ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имаше функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција,— пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница. Затоа денес бараме одговорност по име и презиме. Бараме правда, но не заради утеха и одмазда. Бараме правда како последица на незаконитост – изјави Јанев.

Претходно, на денешното рочиште за случајот со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, одбраната на обвинетите побара одлагање на постапката. Причината беше спојувањето на предметот со постапката против сопственикот на агенцијата „Рубикон“, која ја обезбедувала дискотеката, како и доставувањето на единствен интегриран обвинителен акт. Адвокатите истакнаа дека им е потребно време да се запознаат со редуцираната листа на докази и приговараа на уредноста на доказниот материјал, барајќи тој да биде доставен во идентична хартиена и електронска форма.

По што Судот донесе одлука да го прифати предлогот на обвинителството за изведување на интегриран обвинителен акт и листа на докази, согласно решението за спојување на постапките.

Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите, во судницата се присутни и родни на настраданите во несреќата што се случи на 16 март, претставници на обвинителството, на одбраната, новинари.

Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 38 обвинети од кои 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.