- Како индустриски центар на источниот дел на републиката, стрипот во Штип го носат фабричките весници, меѓу кои „Македонка“, „Астибо“ и „Црвена ѕвезда“
Неодамна излезе од печат „Стрипот во Штип, стрипот од Штип (1958–2025)“, најнова истражувачка студија на стрип-хроничарот Александар Стеванов од Штип. За првпат досега на нејзините страници е обработена целокупната историја на настани поврзани со деветтата уметност во Штип, како и стриповите создадени од автори по потекло од овој град. Особено е значаен фактот дека станува збор не само за прва публикација на темата историјата на стрипот во Градот под Исарот, туку и за прва во која се обработува историјата на оваа уметност во кој било град во Македонија, но и пошироко.
– По дузина напишани и објавени публикации на темата стрип, авторот Александар Стеванов од Штип се решава да ја истражи историјата на оваа уметност во неговиот роден град. Во книгата насловена „Стрипот во Штип, стрипот од Штип“ тој обработува период од 67 години; од 1958 година, кога во весникот „Македонка“ е објавен краток стрип на Драган Биков, преку стриповските активности на Топуз, Билбилов, Арменски, Давчев, Ристов, Андонов, Лонгуров, Шумански, Петковски, Шатевски, Левкова, Камчев, Балабанов, сѐ до 2025 година, односно до моментот на нејзиното објавување – пишува во својата рецензија кон книгата проф. Јагода Василева.
Како индустриски центар на источниот дел на републиката, стрипот во Штип го носат фабричките весници, меѓу кои „Македонка“, „Астибо“ и „Црвена ѕвезда“. Подоцна мноштво стрипови излегуваат и во никогаш прежаленото општинско печатено гласило „Штипски весник“, кое своевремено станува најголем промотор на оваа уметност. Стрипови излегуваат и во гласилата на Домот на младите во Штип – билтенот „Флаш“ и локалното урбано списание за млади „Патент“ – а повремено и во „Студентско ехо“ и „Штипски глас“. Во поново време штипските стрип-автори најчесто ги објавуваат своите креации во авторски изданија, како и во домашни и странски стрип-ревии.
Објавувањето на „Стрипот во Штип, стрипот од Штип (1958–2025)“ е поддржано од Министерството за култура и туризам.
Утре, со почеток во 12:30 часот, публикацијата ќе биде промовирана во Американското катче во Штип, каде што ќе биде поставена и изложба на селектирани стрип-табли создадени од штипски автори.

































