Фото: Пиксабеј

Во Велика Британија за првпат е објавена официјална листа на прехранбени производи и додатоци во исхраната што навистина можат да им помогнат на лицата што страдаат од хроничен запек – и тоа не само преку општи совети за влакна, туку прецизно, со научни докази. Меѓу препорачаните видови храна се најдоа и оние што ги јадеме секојдневно, а не знаеме во колкаво количество и кои видови се најдобри против запек – леб и вода, како и едно омилено овошје.

Овие нови насоки, кои ги изработиле експерти од „Кингс колеџ“ од Лондон и ги поддржало Британското здружение за исхрана, претставуваат пресвртница во пристапот кон дигестивното здравје. Досега пациентите добивале неодредени совети – „јадете повеќе влакна“, „пијте повеќе вода“ – без конкретни насоки што точно да променат во исхраната. Сега, за првпат, е објавено што навистина функционира, а што не. Истражувачите ги анализирале податоците од 75 клинички студии и со тоа оспориле многу распространети претпоставки. Некои традиционални домашни лекови се покажале неефикасни, додека други, како што е секојдневново консумирање киви, донеле мерливи резултати. Консумацијата на две-три киви дневно во период од најмалку четири недели довела до значително подобрување на честотата на празнење на цревата.