На 13 ноември, пред 121 година, се случило едно од најголемите злосторства извршени врз Македонците од егејскиот дел
- На 13 ноември 1904 година од 60 до 100 андарти во екот на свадбената прослава на свештеникот Георгија го нападнале Зеленич во знак на одмазда, затоа што егзархиските верници се откажале од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Биле ликвидирани 13 Македонци – мажи, жени и деца. Овој чин, како еден од низата акти на грчкиот геноцид врз македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија, во историографијата се означува и како „Крвавата зеленичка свадба“
На 13 ноември 1904 година се случил масакр во македонското село Зеленич во Леринско, во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Едно од дотогаш најголемите злосторства што ги извршиле грчките андарти во Македонија. Андартите биле грчки герилски паравоени вооружени формации. На 13 ноември 1904 година од 60 до 100 андарти во екот на свадбената прослава на свештеникот Георгија го нападнале Зеленич во знак на одмазда, затоа што егзархиските верници се откажале од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Биле ликвидирани 13 Македонци – мажи, жени и деца. Овој чин, како еден од низата акти на грчкиот геноцид врз македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија, во историографијата се означува и како „Крвавата зеленичка свадба“. За ова, „Македонска нација“ има објавено обемна статија на 22 јуни 2011 година.
Крвавиот зеленички масакр следувал еден месец по смртта на Павлос Мелас, што се смета и како причина да се изврши ова одмаздничко дело, а конкретен повод била свадбата на внуката на егзархискиот поп во селото. Павлос Мелас бил грчки офицер, еден од првите раководители на грчката оружена пропаганда во Македонија. Мелас бил член на Македонскиот комитет (Елиномакедонскиот комитет), чија цел била засилување на грчката идеја меѓу населението во Македонија и создавање услови за присоединување поголем дел од Македонија кон грчката држава. Павлос Мелас бил учесник во борбата за Македонија и денес се смета како национален херој на Грција. Тој бил ликвидиран од Македонската револуционерна организација на 13 октомври 1904 година.
Во македонската историја, периодот означен како грчка „македонска борба“ го означува временскиот интервал од 1904 до 1908 година. Тоа е период непосредно по завршувањето на Илинденското востание (1903), по кое грчката држава одлучила оружено, со паравоени формации – андарти да интервенира во делови на османлиската државна територија. Всушност, тоа била грчка борба за освојување на „душите“ на македонското население, но имала и карактер на физички геноцид врз македонското население. Борбата произлегла и се водела од страна на грчката држава, со грчко оружје и пари, со грчки наемници и неформална османлиска согласност, но и помош.
Целта на оваа оружена интервенција, која во најголема мера била насочена кон Македонската револуционерна организација и дел од христијанското македонско население, произлегувала од познатата „мегали идеја“. Атина се решила со насилство и оружје да го принуди македонското христијанско население да остане или да се врати во редовите на Цариградската патријаршија. Припадноста и лoјалноста кон Вселенската патријаршија биле едни од критериумите во тоа време врз кои се одредувал грчкиот национален идентитет.
Грчките компетентни институции и личности сметале дека грчкиот јазик не можел да се користи како аргумент во полза на националната доктрина – македонското население да се прикаже како грчко – и покрај огромниот образовен кадар и пропаганда, а сѐ со цел да се всади грчкиот јазик во македонскиот дом. Решено било дека стравот, кој бил производ на оруженото насилство и сила, ќе влијае позитивно во градењето грчка национална свест меѓу македонското селско население. Тргнувајќи од логиката дека стравот имал клучна улога во тој период врз градењето на грчкиот идентитет меѓу македонското население, врз него биле спроведувани најразлични видови на терор, насилства, убиства, мачење, сето тоа во служба на грчката национална идеологија. Од многубројните злосторства извршени врз македонскиот народ од страна на т.н. Грци – „македономахи“ (најголемиот дел пристигнати од Крит) во тој период, најпознати се секако „Крвавата зеленичка свадба“ и „Колежот во Загоричани“.
„Колежот во Загоричани“ се случил во селото Загоричани, Костурско, на 25 март 1905 година, токму на 25 март, националниот празник на грчката држава. Тој ден во селото влегле околу 200 „македономахи“ („македонски борци“ – „борци за Македонија“), на чело со капетанот Георгиос Цонтос-Вардас. Загоричани преставувало трн во око за грчката пропаганда во Македонија, Грците сакале да ги казнат жителите на селото за нивното масовно учество во Илинденското востание, но и да ја уништат силната база на ВМРО што постоела во селото. Во непоимливите ужаси биле масакрирани околу 80 македонски селани, а биле запалени и голем број куќи.
Слично вакво злосторство врз македонското население, за кое во споредба со претходните две малку е пишувано, се случило во селото Горно Неволјани, Леринско. Селото се наоѓа околу 10 км јужно од Лерин, во пазувите на Неретската Планина. На почетокот од XX век Горно Неволјани имало околу 1.500 жители, од кои околу 1.200 биле Македонци, а другите 300 Турци (според некои податоци можно е да станува збор за турцизирани Албанци). Нападот на селото се случил кон крајот на октомври 1905 година. Акцијата ја предводел Критјанинот Ефтимијос Каудис со својата андартска чета. Дента кога бил извршен нападот во селото се правеле три свадби. Со помошта на Коте, случаен минувач и жител на селото, андартите успеале да ја лоцираат поставената цел.
Според тогашниот грчки весник „Скрип“, кој ја пренел информацијата, нападната била куќата на Георги Ганев. Набрзо следувал нападот: најпрвин била запалена куќата, а додека луѓето во паника ја напуштале, андартите убивале сѐ пред себе. Убиени биле околу 15 селани, а повеќемина биле повредени. Обидувајќи се да се спаси, невестата скокнала преку еден од прозорците во куќата, но паднала и си ги скршила двете нозе. На таков начин завршила и оваа, втора по ред, „крвава македонска свадба“ за неполна година.
Свето Тоевски

































