Видеотека
Оваа година се одбележуваат три децении од премиерата на „Дванаесет мајмуни“, едно од најамбициозните и најкомплексни остварувања во опусот на киновизионерот Тери Гилијам. Филмот претставува филозофско и психолошко истражување на темите како што се времето, лудилото и човечката перцепција, сместено во свет што одамна ја надминал границата меѓу разумот и апокалипсата. Инспириран од култниот краток филм „Док“ (La Jetée, 1962) на Крис Маркер, Гилијам создава дело што ги предизвикува границите на реалноста и ја претвора научната фантастика во медитација за природата на времето и човечкото страдање.
Во својата суштина, „Дванаесет мајмуни“ не е филм за патување низ времето, туку филм за заробеноста во времето. Главниот лик, Џејмс Коул (во една од најинтензивните изведби на Брус Вилис), е затвореник од иднината што мора да се врати во минатото за да го спречи ширењето вирус што ја уништил човечката цивилизација. Но неговата мисија, како што често се случува во делата на Гилијам, е илузија – лавиринт од предодреденост, сомнеж и психолошки распад. Реалноста и халуцинацијата се испреплетуваат до тој степен што филмот станува огледало на состојбата на совремието: луѓе што трагаат по смисла во свет каде што логиката одамна се распаднала.

Визуелниот јазик на Гилијам е, како и секогаш, извонреден, оригинален. Неговиот барокен, хаотичен и хиперсимболичен стил создава атмосфера на параноја и духовна затвореност. Широкоаголните леќи, асиметричните кадри и дисторзираните перспективи го претвораат филмот во визуелен кошмар што ги разоткрива границите на рационалниот ум. Овој визуелен хаос не е случаен – тој е одраз на внатрешната состојба на човекот, на неговата неспособност да се ослободи од маѓепсаниот круг на повторувања на сопствените заблуди и грешки.
Еден од највпечатливите аспекти на делото е начинот на кој Гилијам ги истражува метафизичките димензии на времето. Неговата визија е блиска до алхемиската идеја за вечен циклус на почетокот и крајот – концепт според кој историјата и индивидуалното искуство се осудени да се повторуваат сè додека не се постигне духовното ослободување. Коул е фигура на современиот митолошки патник: осуден да ја повторува својата судбина, без можност да ја промени. Крајната сцена, каде што детето сведочи на сопствената смрт во иднината, станува симбол на затворениот круг на човечкото постоење, каде што минатото и иднината се составни делови од истата илузија.
Во контекст на творештвото на Тери Гилијам, „Дванаесет мајмуни“ претставува логичен продолжеток на неговите опсесии со бирократијата, апсурдот и човечката немоќ пред системите на контрола – мотиви присутни и во „Бразил“ (1985), „Кралот Рибар“ (1991) и „Страв и омраза во Лас Вегас“ (1998). Но овој филм оди уште подлабоко – во територијата на несвесното и на митот. Тој претставува парабола за човечката потрага по вистината во свет каде што таа е само уште една форма на заблуда.
Актерските перформанси ја поддржуваат оваа идеја со вистински интензитет. Брус Вилис успева да изгради лик што истовремено зрачи со сила и со беспомошност, додека Медлин Стоув, во улогата на д-р Кетрин Рајли, внесува длабочина и човечност во филмот. Особено впечатлив е Бред Пит во улогата на Џефри Гоинс – неговата експресивност и непредвидливост го претвораат ликот во архетип на модерен лудак-пророк, фигура што стои на границата меѓу вистината и безумието.
Од денешен аспект, „Дванаесет мајмуни“ изгледа застрашувачки, дури и пророчки. По искуството со глобалната пандемија, филмот добива нови значења и симболички резонанци.
Триесет години по официјалната премиера, „Дванаесет мајмуни“ останува едно од најинтелигентните и највознемирувачки филмски дела на деведесеттите години на минатиот век. Тоа е филмска визија за крајот на рационалноста, за времето како маѓепсан круг и за човекот како вечен заложник на сопствените проекции. Гилијам создаде ремек-дело на научната фантастика, а и филмска алхемија – дело што ги спојува техниката, поезијата и метафизиката во единствено искуство исполнето со своевидна филозофска анксиозност.
Филмот нè потсетува дека вистинската катастрофа не доаѓа однадвор, туку однатре – од неможноста на човекот да се соочи со вистинската природа на времето и на самиот себе. И можеби затоа, триесет години подоцна, „Дванаесет мајмуни“ сè уште изгледа како филм проектиран токму од иднината.
Јане Алтипармаков

































