Владата на САД блокирана – испораката на американското оружје за НАТО-сојузниците продолжува?
- Според американскиот портал „Аксиос“, „извозот на оружје од САД во вредност од над пет милијарди долари, вклучувајќи опрема наменета за НАТО-сојузниците и на Украина, е во застој, поради блокадата на американската влада што трае од 1 октомври“. Но медиумски извори од Хрватска информираат дека „хрватската влада уверува дека испораката на ракетниот систем ХИМАРС од САД е во согласност со постигнатиот договор“. Бидејќи станува збор за две контрадикторни информации, се поставува прашањето која од наведените активности на САД е точна? Може ли во ситуација кога Владата на САД е блокирана непречено да има испорака на оружје или тој процес навистина е во застој?
Ракетниот систем ХИМАРС ќе биде испорачан од САД во Хрватска во рамките на договореното, соопшти хрватското Министерство за одбрана, по повод информациите од американските медиуми за застој во извозот на оружје од САД, поради тековната блокада на владата во Вашингтон.
Од друга страна, американскиот портал „Аксиос“ извести дека извозот на оружје од САД во вредност од над пет милијарди долари, вклучувајќи опрема наменета за НАТО-сојузниците и на Украина, е во застој, поради блокадата на американската влада што трае од 1 октомври.
Хрватското Министерство за одбрана нема впечаток дека испораката на оружје е запрена поради блокадата на американската влада, вклучувајќи ги и ракетните системи ХИМАРС наменети за Украина и Хрватска.
– Министерството за одбрана не добило никакво известување од Стејт департментот, ниту од американската влада, дека испораката на осум ракетни системи ХИМАРС на Хрватска може да биде одложена поради блокадата на американската влада. Покрај тоа, договорената година за испорака на овој ракетен систем на Хрватска е 2028 година, и со оглед на овој факт, не очекуваме дека сегашната блокада на американската влада ќе има какви било последици врз испораката во 2028 година – соопшти хрватското Министерство за одбрана.
Тие потсетуваат дека Стејт департментот ја одобрил продажбата на ракетниот систем ХИМАРС на Хрватска уште во август минатата година.
– Владата на Република Хрватска му даде согласност на Министерството за одбрана за набавка на системот ХИМАРС на седница одржана на 20 декември 2024 година, а договорот за набавка на овој ракетен систем беше потпишан кон крајот на декември минатата година. Со оглед на сето погоре наведено, Министерството за одбрана очекува испорака на системот ХИМАРС во 2028 година, соопшти Министерството за одбрана, како одговор на прашање што во јавноста го постави хрватскиот портал „Индекс“, а во врска со пишувањето на американскиот портал „Аксиос“.
Се вели дека ова е сериозно доцнење, кое, според американските претставници, влијае на испораките на оружје во Данска, Хрватска и во Полска. Меѓу системите чии испораки се привремено суспендирани се ракетите АМРААМ, борбените системи „егис“ и повеќекратните ракетни системи ХИМАРС.
Според пишувањето на американскиот портал „Аксиос“, „иако крајната дестинација на секој извоз не е наведена, американските претставници велат дека дел од оружјето што оди кај сојузниците на НАТО подоцна завршува како помош за Украина. Проблемот се појави поради доцнење во спроведувањето на Законот за контрола на извозот на оружје, според кој, Конгресот мора да ги разгледа сите предлози за продажба на оружје. Сепак, многу вработени во Стејт департментот одговорни за овој процес се испратени на принуден одмор, што ја забавува постапката“.
Порталот „Индекс“, пак, потсетува дека „хрватскиот парламентарен Комитет за одбрана кон крајот на минатата година едногласно го поддржа планот за купување осум ракетни системи ХИМАРС, чија вредност се проценува на речиси 390 милиони долари“.
Министерот за одбрана Иван Анушиќ тогаш објасни дека пакетот ќе вклучува осум лансери ХИМАРС и 394 ракети ГМЛРС со дострел до 80 километри, заедно со помошни услуги, обука и логистичка поддршка потребни за целосна оперативна употреба на системот. Оружјето е предвидено да биде испорачано во 2028 година, заедно со ракетите.
Во американскиот сенат неделава помина договор насочен кон прекин на затворањето на американската влада, зголемувајќи ги надежите дека буџетскиот застој меѓу републиканските и демократските пратеници во Конгресот би можел да заврши. Р.С.

































