Народот победи (Но дали ќе владее?)

Ми се јави мојот пријател од Малешевијата, Кирил (Кире), бизнисмен надвор од тајкунската класа македонски бизнисмени што се збогатија за 24 часа. Чесен и работлив човек што макотрпно си го заработува лебот за себе, семејство и за луѓето што ги вработил. Ми се јави по повод локалните избори и ме замоли ако сакам да напишам колумна на темата: народот победи, а што значи – не партијата што ја однесе победата што ѝ ја донесе тој. Чуден синхроницитет, оти, имено, и јас, драг читателу, мислев да се огласам на истата тема; Ефтим најхерметичниот поет како што го викаа некои, далеку од политиката, ама кој, еве со колумните влезе во нејзиниот длабок глиб, посебно откако се случи идентитетската катастрофа на неговиот народ. Така, но затоа многу други наши нехерметички писатели станаа херметици и се забија во глувчешка дупка не гледајќи ја трагедијата на „смачканото племе“ (Конески).
Сеедно. Насловот на нашата денешна колумна, драг читателу, е дециден, афирмативен, ама еве го сега поднасловот како контратеза со прашањето ако победи дали и ќе владее народот. Да, но веднаш да кажеме за да нема забуна дека сомнежот е здрава работа. Тоа го мисли и умниот картезијанец Бертран Расел, кој вели дека двата најдобри изуми на Грците во антиката, патолошки заљубен во нив, се дијалогот и сомнежот. Според него, дијалогот го трасира патот на демократијата, а сомнежот, раскинувајќи со митското мислење, патот на западната наука што се служи со методот на експериментот. Добро, тоа пак што се однесува до грчката античка демократија работите се прилично сомнителни, освен ако Расел евентуално тука не мислел, но не се изјаснил, на директната демократија на Античките Македонци, односно на владеење на народот што своето мислење и идеи ги споделувал со монархот без кои тој не можел да одлучува. Итн. Но што се однесува до хипотезата за сомнежот, тука Расел е кристално чист. Него го промовираат претсократовските филозофи, а по нив и Хомер и Хесиод, кои силно го критикуваат расипаниот карактер на боговите од Олимп, во некоја рака се оличение на вечните идеи на Платон, поради што налутен тој ги исфрла поетите надвор од својата идеална држава.
Така. Е, сега што бара сомнежот во темата на нашата колумна, драг читателу. Тој е плод на горчливото искуство со власта не само на нашиот туку на сите народи во историјата, секогаш манипулирани и искористувани од неа за свои потреби. Кај нас се случува истото од 1990 наваму, еве веќе три и пол децении во жесток ритам и форма. Темата, пак, така поставена во овој есеј in medias res ја наметнува и дилемата кој е поважен во историјата и кој ја води напред неа, избраните личности или народот. Сега во свеста на таа тема инстинктивно ми иде Пушкин и неговата драмска поема „Борис Годунов“, во која тој го прогласува народот за движечка историска сила. Како да го заборавил тука автократот Петар Велики, неговата голема руска инспирација, кому му посветил добар дел од своето творештво. Петар Велики, кој, како што вели тој, отвора руски прозорец кон Европа, кон нејзиниот културолошки, а не варварски дел од кој и денес не се откажала таа. Но не само Пушкин, и јас имам пиетет кон овој руски великан и визионер, и не заради сентиментални причини дека тој ја држел картата на античка Александрова Македонија во својот кабинет, туку од восхит кон него како просветлен диктатор, кој може да го кристализира во симетрија хаосот на народот. Отсекогаш сум тврдел дека таквиот тип диктатор му е потребен на секој народ заглавен во беспатица. Нам Македонците исто ни треба денес диктатор од таков тип, визионер и со просветлен ум и дух. Како Петар и како уште еден, Кемал Ататурк, македонски подарок на Турција. И таа слика идеја ми се јавува во свеста со Македонија од 1990 наваму сè до македонската идентитетска катастрофа во Преспа 2018. Ама ние, драг читателу, немавме некој Петар Велики за да ја спречи неа. Немаше некој ни приближно како него со етички и херојски капацитет за да го стори тоа. Да беше Јане Сандански жив можеше да го стори. Но уште малку за Петар, рускиот цар за кого, восхитен од него, и Волтер напиша неколку тома. Станува збор за една интимна епизода од неговиот живот, а која има универзален карактер на владетел за кого татковината што ја претставува е сè. Имено, станува збор за неговиот син, кој е фатен како предавник, кој заговарал со дворот на Австрија војна против неговиот татко и Русија. Но руските тајни служби го фаќаат во Виена и го носат во Петроград каде што е суден за велепредавство (нашиот сатрап не беше суден за тоа). Осуден е на смрт пред очите на Петар, кој го следи судењето, но не се меша во работата на судот, затоа што ги почитува тука и правдата и татковината. А што се случи со босоногите дечиња шлапатарци на некои наши велепредавници владетели, драг читателу. Тие купуваа, со пари од народот, цели згради и беа обучени наместо компири и жито за леб да ни продаваат струја, за електрошок народот, или уште (неизбежна асоцијација) за електричниот стол на смртта (американска аналогија за смртна пресуда) што им го подготвија нивните политички татковци. И не само монструмот, архитект на македонската идентитетска смрт.

Така. И немавме ние, драг читателу, никој барем 10 отсто или и два отсто од калибарот на Петар Велики или на Кемал Ататурк да го впери прстот кон Вавилонската блудница во Брисел за спас на Македонија и Македонците. Ататурк ја доведе во ред архаична и со архаичен исламизам Турција за 24 часа, но еве Европа, иако таа во многу нешта е поевропска од оросписката политичка дама во Брисел, неа не ја прима во својот политбордел. А тоа е затоа, драг читателу, што ариевска и колонизаторска Европа со својата дебела „демократска“ маска на Француската револуција, покрај другите дефекти е позната и по нејзиниот религиозен расизам познат уште од времето на нејзините темплари и крстоносци во 12 век, и наваму, кој до денес не згаснал. Тоа треба да им биде јасно на Турците. А таквата со варварски мирис Европа има цивилизациски анимозитет и кон цивилизациите што не се вклопуваат во нејзината слика, како што е тоа македонската космополитска цивилизација, спротивна на нејзиниот етноцентризам, па еве ја и причината за европскиот план за тотално ништење на генеричката онтолошка и културно-цивилизациска слика на македонизмот и на Македонците од „смачканото племе“ колку што останале по многуте помории денес.
Толку. А сега пак се враќаме на важниот историски пар водач-народ. На пример дали Хитлер (радикален пример) е поважен од германскиот народ, или, според таа аналогија, Џингис-кан од монголскиот. Итн. Безбројна е низата. На таа тема збито и јасно, подобро од филозофите и историчарите говори германскиот поет Брехт во песната: „Прашањата на еден работник што чита“. Во неа тој прашува есенцијално: „Кој ја изгради Теба со седум капии? / Во книгите ги читаме имињата на кралевите. / Дали кралевите ги довлекле големите камени блокови? / Каде заминале онаа вечер ѕидарите / кога бил завршен Кинескиот ѕид? / Младиот Александар ја освоил Индија. / Зарем сам? / Цезар ја победил Галија / Зарем ни еден готвач не повел со себе? / На десет години по еден голем човек. / А кој ги платил трошоците?“ Итн. Екстремно битно, можеби и најважно е прашањето: „А кој ги платил трошоците?“ Трошоците за големите луѓе. Народот, се разбира, секаде, па и во нашата жална Македонија. И сега со тоа, по оваа долга дигресија напред, но важна, темата конкретно стапуваме на наш жежок простор драг читателу. Трошоците на власта и нејзината гломазна машинерија од врвот сè до пониските слоеви на нејзината кучешки верна бирократија, еве цели три и пол децении од 1990 наваму ги плаќа екстремно сиромашниот македонски народ и никако да ги доплати и да ги дозасити лакомите усти и раце на тие незаситни суштества. Оти енормно се крадеше и крадеше до соголување на наивната и чиста душа на народот. Се крадеше, знаеме со милиони и милијарди, а потоа крадците или бегаа со амин, дури и безбедно спроведувани во белиот свет, или оние што остануваа тука никој од нив сериозно не беше осуден, ниту пострада, како што пострадаа, на пример, оние невини души што ја бранеа уставната демократија од случајот „27 април“, и уште ни криви ни должни ја издржуваат како Јозеф К. од „Процесот“ на Кафка казната како „терористи“. Заклучок на ова: народот е жртва не еднаш на власта и на владетелите кај нас. Најголема жртва притоа тој беше во случајот со неговата идентитетска смрт со промена на името, замислена од монструозната бриселска ЕУ, а спроведена со нашите велепредавници. И тоа беше најголемото понижение и ментална траума на македонскиот народ од 1990 наваму до денес.

И за тоа немаше судење од страна на „патриотската“ опозиција, која дојде потоа на власт, третирајќи го рамнодушно тој грозоморен чин како нејзино природно наследство од претходната власт. Нешто слично, дури и поперверзно, од Пилат, кој си ги измива рацете по предавството на Исус на гневната еврејска толпа, која од него Спасителот сосе клинците за распетие им го предаде на римските војници, што ја завршија работата на Голгота.
Во нашиот текст немаме место, драг читателу, да ги наброиме сите предавства и пониженија на народот од страна на власта. Можеби за тоа треба да се напише една Бела книга од неколку илјади страници, ако не и повеќе. А имаше во сè тоа и некои поситни пониженија, ако се и поситни, кои, некои од нив се од социјалната сфера, како она, на пример, кога власта изгласа прекуноќ закон да им се покачи во време на сеопшта народна сиромаштија платата за 78 проценти од претседатели и премиери до министри, градоначалници и не знам уште кој од нив што ги опфаќа тој перверзен закон. И еве го одговорот на прашањето на Брехт цитиран понапред: „А кој ги платил трошоците?“ на секој еден великан што се раѓа на секои десет години. Арно ама Брехт не знаел, драг читателу, дека кај нас такви „великани“ се изнародија цел куп во власта за само неколку години. Така тие 78 проценти, а пензионерите, најсилното македонско гласачко тело, оти младите фатија усвет надвор, молеа пет проценти покачување на пензиите стокмени според пресметката на нивниот синдикат, за кој треба сериозно да се запрашаме дали е нивен или е на власта. Болно. Само тука уште, по аналогија на сè тоа, една фигуративна слика што ја објаснува ситуацијата. Имено, една од клучните метафори за власта е медот. Таа, не народот ги мака прстите во него. Таа кај нас со сета корупција и кражби ги испразни речиси сите улишта со мед, а сиромашниот пензионерски народ, главното гласачко тело што ја овозможува власта, купува тегла мед само кога ќе се разболи. Чисто за лек.
Но надвор од социјалните измами македонскиот народ доживеа и редица пониженија и измами во однос на својот суверенитет и национален идентитет во кој учествуваа не само странците и нивните амбасадорски агентури во Македонија, како што се: фингираната од Западот терористичка 2001, понижувачкиот и капитулантски Охридски договор, перверзијата Бадинтеров закон и етничкиот „балансер“, кој го дебалансира развојот на умот и интелигенцијата, а ги исфаворизира глупоста, етничкиот примитивизам и социјален идиотизам, потоа наметнатата од Западот територијална поделба за создавање етнички албански енклави и разбивање на територијалниот и културолошкиот интегритет и идентитет на мнозинскиот народ. Најпосле како капак на таа вашингтоно-бриселска стратегија виа Тирана за конечно стигматизирање на македонското колективно битие стигна и Тиранската платформа за двојазичност. Итн. Но најголемиот удар беше македонската идентитетска ликвидација со менувањето на името и Преспанскиот договор 2018. Рековме. Нас тука во сè ова нè залажуваа со најмагливиот поим ‒ „иднината“. А тука сега во врска со тоа се потсетувам на песната на Сезар Валјехо „Шпанијо, нека ме одмине оваа горчлива чаша“, алузија на зборовите на Исус на Гетсеманија. Валјехо вели: „Чувај се Шпанијо самата од себе! / Чувај се од сите што те сакаат! / Чувај се од твоите јунаци! / Чувај се од Републиката! / Чувај се од иднината!“ Да. А нам, драг читателу, со Преспа 2018 не само што ни беше пресечен патот кон иднината туку и кон минатото, оставени во мртвата и недефинирана, сива сегашност, која ако е здрава Томас Елиот ја дефинира со формулата: „многу минато и малку иднина“, оти ако според него тоа важи за сегашноста, во нашиот контекст, за моќните нации, тогаш што да кажеме за малото како нас „смачкано племе“.

И сега конечно доаѓаме до епилогот во прашална форма, драг читателу: зошто дозволивме да ни се случи сè ова? Долга и мачна приказна, но мораме да ја завршуваме, драг читателу, и драг пријателе Кирил. Останува уште одговорот на енигматичното прашање: дали во сè ова, во сета оваа македонска хаварија некаде не погреши народот. Сега, притоа, и во тој контекст, ми иде во глава ексклузивната, но сепак шуплива изјава на Бранко Црвенковски, кој со неговата приватизација, и формирање со тоа на македонската тајкунска елита, направи социјална Хирошима од Македонија, дека „народот е во право и кога греши“. Да. Прекрасен парадокс, ама работата е во тоа што народот никогаш не греши. Колку што мене ми е познато до денес во историјата нема таков податок дека народот некогаш згрешил. Ни кај нас на згрешил, освен ако партиите својата грешка не му ја префрлаат, како замена на тезите, на народот. И сега конечно ставаме точка, драг читателу, и драга Редакцијо на нашиот омилен весник. И затоа, драг читателу, ти и јас му препорачуваме на партискиот победник со волјата на народот нека не му подлегнува на болниот партиски нарцизам, не еднаш демонстриран, туку нека вистински му ја даде сцената на народот, макар била таа и хамлетовска како во трагедијата на Шекспир: „Да се биде или не“. Nocturno. De profundis. Memento mori.