Разговор со проф. д-р Ангелка Кескинова, раководителка на Институтот за семејни студии
- Фактот што Македонија се наоѓа меѓу земјите со највисока стапка на склучени бракови во Европа е навистина интересен и охрабрувачки податок. Тоа покажува дека, и покрај големиот број социјални и економски предизвици, вредноста на семејството и брачната заедница сè уште има силно место во нашата култура и начин на живот, вели во интервју за „Нова Македонија“ проф. д-р Ангелка Кескинова, раководителка на Институтот за семејни студии
Во изминатите речиси шест месеци имаше повеќе позитивни нешта во плодната работа на Институтот за семејни студии, кој постои 11 години при Филозофскиот Факултет на УКИМ „Свети Кирил и Методиј“. За овие новости, проектите на институтот и резултатите од некои нивни коистражувања разговараме со проф. д-р Ангелка Кескинова, раководителка на Институтот за семејни студии. Таа даде и нејзин коментар за резултатите од демографските истражувања што неодамна ги изврши „Нова Македонија“, а кои во изминатите неколку недели редакцијата ги обнови.
Деновиве „Нова Македонија“, врз основа на споредбено истражување за бројот на склучени бракови во Европа во изминатите две години, утврди дека Македонија и Турција (со по околу 6,8 брака на илјада жители) го делат четвртото место. Како го толкувате овој податок?
– Фактот што Македонија се наоѓа меѓу земјите со највисока стапка на склучени бракови во Европа е навистина интересен и охрабрувачки податок. Тоа покажува дека, и покрај големиот број социјални и економски предизвици, вредноста на семејството и брачната заедница сè уште има силно место во нашата култура и начин на живот.
Сметам дека овој резултат се должи на неколку фактори: задржани традиционални семејни вредности, посилно влијание на религијата и културата, помлада возрасна структура на населението и општествената перцепција на бракот како важна животна цел и стабилност.
Сепак, важно е да се нагласи дека високата стапка на бракови не секогаш значи стабилност на семејството. Вистинскиот предизвик е да се обезбеди поддршка за квалитетен и здрав брачен и семеен живот – преку програми за семејна едукација, советувалишта и политики за поддршка на младите семејства.
Затоа, иако овој податок е позитивен, треба да го гледаме како можност за понатамошно вложување во стабилноста и благосостојбата на семејството, а не како конечен успех.
Преку Мак-Стат, базата на податоци на ДЗС, утврдивме дека во последните две години имало и зголемување на бројот на разводи. Ваш коментар за оваа состојба?
– Зголемувањето на бројот на разводи во последните години укажува на сè посложени семејни динамики и потреба од поразвиени и современи форми на поддршка за брачните партнери и децата. Статистички, годината за време на пандемијата на ковид предничи по бројот на разведени бракови. Во рамките на тековното истражување што го спроведуваме, особено се фокусираме на причините за развод, како и на постоењето и ефективноста на системите за поддршка — и во превентивната фаза, и во постразводниот период, со цел да придонесеме кон посилна семејна стабилност и благосостојба.
Во почетокот на август Институтот за семејни студии објави дека почнува реализација на проектот „Потребата од семејна едукација во Македонија“. Можете ли да ни кажете како настана проектот и за деталите од него?
– На почетокот на годинава спроведовме истражување за потребата од семејна едукација кај младите на возраст од 18 до 25 години, на примерок од 442 испитаници. Резултатите беа навистина впечатливи – 51 отсто од младите изјавија дека живеат во семејство со секојдневни конфликти, 19 отсто се соочуваат со некаков облик на семејно насилство, а дури 88 отсто го препознаваат позитивното влијание што семејната едукација може да го има врз квалитетот на семејниот живот.
Овие податоци нè поттикнаа да го прошириме фокусот и да ги истражиме ставовите и на пошироката популација – особено на семејствата што се во процес на развод или веќе разведени. Така се роди проектот „Потребата од семејна едукација во Република Македонија“, поддржан од Министерството за образование и наука, кој ќе трае 12 месеци, до септември следната година. Проектот го реализираме во партнерство со Заводот за социјални дејности – Скопје, чија улога е клучна, бидејќи тие се едни од најважните креатори на социјалните политики во земјата. Нивното учество ќе ни помогне да го согледаме институционалниот, програмскиот и кадровскиот потенцијал што Македонија го има за воведување семејна едукација достапна за секое семејство.
На крајот од проектот ќе бидат објавени четири академски труда со резултатите од истражувањето, заклучоци и препораки за развој и ширење на семејната едукација како превентивна мерка за поквалитетен семеен живот. Проектот ќе заврши со завршна конференција, на која ќе го претставиме и Практикумот за семејна едукација, наменет за сите професионалци што работат со семејства.
Може ли да се осврнете на историскиот момент за овој институт и за семејнолозите во Македонија, откако на 25 септември во сила стапија измените на Законот за социјална заштита?
– По години посветена работа, лобирање и академска борба, конечно го дочекуваме моментот – направени се измени во Законот за социјална заштита, со кои студентите семејнолози официјално се признаени како стручни кадри во системот на социјална заштита.
Со измените во членот 197 и членот 236, се отвораат нови можности за вработување на дипломираните семејнолози во јавните и приватните установи за социјална заштита. Овие членови експлицитно го вклучуваат профилот на семејнологот како релевантен и потребен во системот – ставајќи им крај на долгогодишната институционална празнина и неправда.
Кои други активности ги врши или ги планира наскоро Институтот?
– Освен редовната настава, тековните активности со студентите и истражувањето што веќе го споменав, Институтот за семејни студии интензивно работи на развојот на науката за семејството. Во моментов сме во финална фаза на изработка на програма за втор циклус студии, која ќе започне веќе од наредната академска година.
Особено сме горди на нашите меѓународни активности. Во тек е формирање на интернационално здружение за реконструирани семејства, во кое ќе членуваат универзитети, НВО и други институции што работат со семејства од научен и практичен аспект од Холандија, Полска, Кореја и САД, а седиштето ќе биде во Малта. Филозофскиот факултет преку Институтот за семејни студии станува активен организациски дел од здружението – што значи учество во меѓународни проекти и истражувања, учество и организација на интернационални конференции, насочени кон создавање јасни политики за развој на семејната едукација и на глобално и на национално ниво.
Живко Здравкоски




































