Борбата за слобода и тајното лозарско движење

ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН – СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ

  • Колку биле тајни организациите во минатиот век и дали сѐ уште не можеме да го препознаеме нивното влијание во македонското револуционерно дело? Познато е дека голем број македонски војводи биле посветени во древните ритуали на слободните ѕидари, а и самите параферналии на Македонската револуционерна организација многу се слични на симболите што се користени од масоните низ светот. Дури и паролата „Слобода или смрт“ е лозинка на степен во еден од редовите на слободните ѕидари

Организираната македонска борба, нејзините апостоли и тајноста при посветувањето на обичниот народ во Организацијата несомнено имаат сродност со тајните учења и организации низ светот. Пред повеќе од 120 години во Софија била формирана Младата македонска револуционерна дружина, која по нивното гласило – списанието „Лоза“, добила име „Лозари“. Лозата, првата лоза, култот кон лозата и повеќе симболики на ова древно растение се вткаени во мистичните и тајни учења од памтивек до ден-денес. Сѐ уште е нејасно до колкав степен слободното ѕидарство имало влијание врз овие млади македонски книжевници, кои постепено не само што тргувале со оружје и контактирале со луѓе од различни земји поради нивното познавање странски јазици туку и почнале да влијаат врз образовниот систем на територијата на денешна Република Македонија. Тоа лозарско движење со јавното воведување на македонскиот правопис во тогашна Бугарија, а и со подземното дејствување на територијата од Охрид до Варна и од Солун до Виена, е една од најсериозните појави во организираното дејствување на македонскиот народ. Пишувањето под псевдоними во весници, објавувањето книги и брошури на туѓи јазици, исчезнувањето на тајниот устав на дружината при пожар на печатницата во Романија, прогонот на дел од членовите од тогашните власти, периодот кога во затвор била испеана „Послушајте, патриоти, да ви кажам словото“, се случувања од македонската историја на кои допрва треба да им обрнеме внимание. Немаме што да изгубиме, а имаме многу да научиме. Дваесет години по Младата македонска книжевна дружина се појавило Младотурското движење, формирано по пример на други слични револуционерни движења како „Млада Италија“ , „Млада Полска“, „Млада Швајцарија“ и други со предзнак „млада“, а по урнек на парамасонското италијанско движење „Карбонари“. Дали ова македонско движење, а и другите различни здруженија што работеле на менување на општеството во тоа време ни оставиле аманет што едвај можеме да го спознаеме?

Петар Поп Арсов

Млада македонска книжевна дружина е Македонското здружение во Софија, кое постоело од крајот на 1891 до 1894 година. Тие го издаваат списанието „Лоза“, кое буквално ги нарушило тогашниот општествен живот и јавното мнение. Во дружината членувале: Климент Караѓулев, Петар Поп Арсов, Коста Шахов, Георги Баласчев, Евтим Спространов, Тома Карајовов, Лука Геров, Иван Хаџи Николов, Ѓорче Петров, Христо Матов, Даме Груев, Гоце Делчев. Нивен современик и соработник е и Александар Караѓуле, чија судбина повлијаела на многу млади луѓе од тоа време, опеан како Охридски во песната „Послушајте, патриоти“. Ни го кажаа словото, ама дали ги разбравме…
При книжевната дружина бил создаден и младешки „Сговор“, во кој членувале Војдан Чернодрински, Фило Филев, Крсто Јосифчев, Димитар Лимончев, Никола Каранџулов, Тодор Ангелов, Коце Поп Динев, Христо Плтев, Сребрен Поп Петров, Михаил Филипов, Здравко Георгиев, Георги Стојчев, Сотир Николов и други. Воведувајќи нов правопис во тогашниот бугарски печат, пишувајќи под псевдоними, организирале читалишта и културни настани, сето тоа како јавна маска за тајната работа што ја вршеле. Кога пишуваат за Македонија, одат назад до времињата пред Александар и татко му Филип. Некои од овие млади Македонци, кои во тоа време како ученици и студенти се организирале во оваа книжевна дружина, подоцна станале видни личности во бугарската држава, за разлика од оние другите, за кои уште не знаеме дали се мирни во гробовите. Ова ли е Македонија за која се организираа Лозарите?
Литературата што се читала меѓу овие млади луѓе е истата што била читана еден век порано во цела Европа, токму од „слични дружини“, кои на свој начин го поттикнале ослободувањето на земјите во кои дејствувале. Сите тие, па и нашата, по своето организирање и начин на дејствување многу потсетуваат на многу масонски и парамасонски организации. Образовани, начитани, свесни и разумни, просветлените Лозари со нивното списание „Лоза“ се меѓата меѓу двете епохи во борбата за слобода на македонскиот народ.

И покрај намерата на бугарските власти, прогонот, затворањата, палењето на печатницата и други препреки што се појавувале на патот на Лозарите, во малкуте на број, но големи по дух весници успеале да ни остават редови со значајни информации. За волја на вистината, има нешто и помеѓу нив. За Коста Шахов се знае дека испечатил најмногу весници, книги и списанија, а театарскиот Сговор на дружината всушност е почетокот на Македонскиот театар. Обележани како „дружина што за своја цел имала да го подготви народот за идната голема Македонија, на чие чело би застанал некој од редакторите на ’Лоза’ во својството на Филип или Александар“, со право биле нарекувани Лозари. Тие ѝ дозволиле на древната македонска лоза на мудроста да пркне на преминот од 19 кон 20 век. Државата во која живееме денес можеби е дел од целта за која го дале животот многу Македонци, но Лозјето ни е преполно со троскот. Во времињата по смртта на цар Александар, мајка му Олимпија рекла дека треба да се исчисти плевелот за да ѝ се врати сјајот на државата. Големите херои што се одликувале со својата храброст, но не биле учени од книги, туку од животот, ги сплотиле силите со големите херои што со многу труд научиле што е Македонија и колку света е борбата за нејзината слобода. Заедно, тие овозможиле да се распламти огнот на македонската борба за слобода. Родени за Македонија, многумина од нив умреле за истата таа поробена Македонија. Тие имаат толку многу псевдоними, што историчарите знаат да кажат и дека „едвај им се наоѓа крајот“. Лозарите се тајното друштво на македонската револуција.
Почитувана публико, сите патишта водат во подземна Македонија. Поздрав од Ложата на древната Лоза.

м-р Никола Ристевски

продолжува