Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Новата ЛШ беше успешна минатата година, бидејќи лигата со 36 екипи со една табела беше понепредвидлива од традиционалната групна фаза. Претседателот на УЕФА, Чеферин, беше прашан на Фудбалскиот бизнис-форум во Милано дали тоа би можело да биде и патот за квалификациите за репрезентациите. „Не“, рече тој цврсто. Кога беше прашан кога ќе бидат откриени новите планови, тој додаде: „Би рекол дека за околу шест месеци треба да знаеме“, пренесе АП

Плановите за реконструкција во европскиот квалификациски систем за пласман на светските (СП) и европските првенства (ЕП) ќе бидат откриени во рок од шест месеци, но Европската фудбалска унија (УЕФА) беше категорична во петокот дека нема да следи формат во стилот на Лигата на шампионите (ЛШ), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Новата Лига на шампиони беше успешна минатата година, бидејќи лигата со 36 екипи со една табела беше понепредвидлива од традиционалната групна фаза. Подоцнежниот европски првак, Пари сен Жермен, и победникот во 2023 година, Манчестер сити, не го знаеја својот статус до осмото коло, пишува „Асошиејтед прес“.
Претседателот на Европската фудбалска унија, Александер Чеферин, беше прашан на Фудбалскиот бизнис-форум во Милано дали тоа би можело да биде и патот за квалификациите за репрезентациите, каде што често има големи порази за фудбалски најмалите земји.
– Не – рече тој цврсто, пренесе АП.
Кога беше прашан кога ќе бидат откриени новите планови, Чеферин додаде: „Би рекол дека за околу шест месеци треба да знаеме“, пренесе „Асошиејтед прес“.
Пред еден месец шпекулациите дека Европската фудбалска унија претпочита формат во стилот на Лигата на шампионите за следното Европско првенство следуваа по навестувањата на Чеферин на слична конференција во Лисабон, пишува АП.
Во актуелниот систем на квалификации, за Светското првенство во 2026 година, во Европа се игра во групи од по четири или по пет селекции, кои играат двапати со секој противник. Годинава недостигаа впечатливи натпревари, најнерамномерен резултат беше победата на Австрија против Сан Марино со 10-0 минатиот месец, а Франција пред две години го победи Гибралтар со 14-0 во квалификацискиот натпревар за пласман на Европското првенство во 2024 година, пишува АП.

– Прерано е да се каже нешто конкретно, а јас дури и не знам бидејќи имаме две опции, уште не сме сигурни што да направиме. Но, од една гледна точка, дали има смисла тоа што имате резултат од 10-0? Од друга гледна точка, дали има смисла таквите мали и средни репрезентации да мора да играат со големите и тие никогаш не се квалификуваат за играње во Европа? Ако може некако да се комбинира тоа, добро е… ако прашате дали сакате да играте против Италија, Франција, Англија, Германија во квалификациите или сакате да имате многу повеќе шанси да играте против нив на европско првенство? Тоа е втората опција. Но уште разговараме за тоа – изјави Чеферин, пренесе „Асошиејтед прес“.
Европската фудбалска унија ја искористи Лигата на нациите за да обезбеди квалификации на европско првенство за една нискорангирана репрезентација. Тоа беше Македонија на ЕП 2020, а потоа Грузија на ЕП 2024, а Грузија беше една од највозбудливите селекции во групната фаза пред да загуби од евентуалниот шампион Шпанија во осминафиналето, пишува АП. Н.М.