Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Александра К. Спасеноска, дерматовенеролог во Здравствен дом Скопје

Акните се едни од најчестите дерматолошки заболувања кои влијаат на физичкото и психолошкото здравје на пациентите особено кај младата популација. Акните настануваат поради повеќекратни фактори од кои најзначајни се зголеменета продукција на себум од лојните жлезди, нарушувања на десквамацијата  на фоликуларниот епител, хормонски дисбаланс и бактериска колонизација со Propionibacterium acnes.

Андрогените хормони (често во пубертет), менструални циклуси, синдром на полицистични јајници, го стимулираат лачењето на себум и го влошуваат проблемот со акни. Генетската предиспозиција, исто така, игра значајна улога, па ако еден од родителите имал акни постои зголемен ризик и кај детето. Исто така голема улога играат и факторите на стрес, употребата на одредени лекови (кортикостероиди, литиум, орални контрацептиви, јодити, бромиди), како и некои видови на храна.

Оклузијата и притисокот на кожата, како што е потпирање на главата со рацете се многу важни и често непрепознаени егзацербирачки фактори (acne mechanica).

Патогенезата опфаќа неколку главни патофизиолошки механизми, екцесивна себореја и хиперкератоза на фоликуларниот епител.

Клучни фактори се фоликуларната кератинизација, андрогените и Propionibacterium  acnes.

Акните се резултат на промена на текот на кератинизацијата во пилосебацеалната единица поради што кератинскиот материјал станува погуст и ја блокира секрецијата на себум. Овие кератински чепови се викаат комедони и претставуваат „темпирани бомби за акните“. Кај акните е намалена линолеинска киселина што ја регулира кератиноцитната пролиферација. Во опструираните пилосебацеални единици комедонските чепови и комплексната интеракција меѓу  андрогените и Propionibacterium acnes водат кон инфламација. Андрогените ги стимулираат себацеалните жлезди да продуцираат поголеми количини себум. Бактеријата содржи липаза која ги конвертира липидите во масни киселини и продуцира проинфламаторни медијатори (интерлевкин 1, тумор некроза фактор алфа). Масните киселини и проинфламаторните медијатори предизвикуваат стерилен инфламаторен одговор во пилосебацеалнта единица. Ѕидовите на проширениот фоликул руптуираат и содржината(себум, липиди, масни кисели, кератин и бактерии) навлегува во дермот провоцирајки инфламаторен одговор и одговор на туѓо тело (папула, пустула, нодула). Руптурата на фоликулот заедно со бурната инфламација води кон формирање лузни.

Клиничките манифестации варираат од благи акни, папули и папулопустули, комедонални до тежок нодулоцистичен тип.

Најчесто предилекциони места се лице, врат, горни екстремитети и задник.

Нодулуси или цисти (нодулоцистични акни). Меките нодулуси се резултат на повторуваните фоликуларни руптури и на повторуваната капсулизација со инфламација, формирање апсцеси и реакција на туѓо тело. Всушност цистите се псевдоцисти затоа што не се опкружени со епител туку претставуваат  флуктуирачки апсцеси. Кружните, изолирани поединечни нодулуси коалесцираат во линеарни колекции и во синусни формации.

Синуси-дренирачки канали обложени со епител, најчесто кај нодулозни акни.

Лузни-атрофични вдлабнати или хипертрофични

Себореја-често присутна на лице и капилициум

Специјални форми на акни се Acne conglobata (тешки цистични акни) се јавуваат најчесто на трупот и задникот. Се манифестираат со коалесцирачки нодулуси, цисти,абсцеси и улцерации.

Ance fulminans се јавуваат кај момчиња тинејџери на возраст од 13 до 17 години . Тоа се тешки цистични акни со придружна супурација и присутна улцерација.

Тропски акни – ненадејна појава на акни со тежок фоликулит, инфламаторни нодулуси  и дренирачки цисти на труп и задникот во предели со тропска клима.

Упорни акни – може да се поврзани со конгенитална адренална хиперплазија  (11 бета дефицит на хидроксилаза)

Acne excoriee – умерени акни кај млада жена асоцирани со екстензивни екскоријации и со лузни што се должат на емоционални и психолошки проблеми (опсесивно компулсивно нарушување).

Хлор акни – се должат на изложување  на хлорирани ароматични хидрокарбони во електрични спроводници , инсектициди и во хербициди.

Козметички акни – се должат на комедогени супстанции

Лабораторски испитувања се прават ако постои сомнеж за ендокринолошко нарушување. Во тој случај треба да се одредат тестостерон, фоликулостимулирачки хормон, лутеинизирачки хормон и DHEAS за да се исклучи  хиперандрогенизам и полицистичен оваријален синдром. Хормони на надбубрежните жлезди и јајниците-лутеинизирачки хормон, фоликулостимулирачки, естрогени и прогестерон, особено за да се исклучат состојби како синдром на полицистични јајници, пролактин – ако постојат дополнителни симптоми како неправилни менструации или галактореја. Ако се планира системска терапија со изотретиноин може да се потребни лабораториски испитувања (трансаминази , AST, ALT, триглицериди и ниво на холестерол). Најчесто акните спонтано поминуваат до 20 годишна возраст но може да опстојуваат до четириесет годишна возраст како и кај постари лица.

Третманот на акни зависи од типот, тежината и индивидуалната клинична слика.

Лесни форми на акни – локални антибиотици имаат антибактериско дејство (clindamycin и еритромицин,) гелови со бензоил пероксид ( 2%, 5% или 10%) – ја намалуваат продукцијата на себум, локални ретиноиди (третиноин и адапален) отклонуваат мртви клетки.

Умерено тешки форми на акни – системски антибиотици (миноциклин, доксициклин. Кај жени може да се контролираат со високи дози  на орални естрогени комбинирани со прогестерон или со андрогени.

Тешки форми на акни – орален изотретиноин, овој ретиноид ја инхибира  себацеалната  гландуларна функција и кератинизацијата и е многу ефикасен. Тој се дава кога пациентот е резистентен на системска антибиотска терапија и друга терапија за акни. Изотретиноинот е тератоген, поради тоа мора да биде превенирана бременоста со ефикасна орална контрацепција.

Тетрациклинот и изотретиноинот доколку се употребат заедно можат да предизвикаат pseudotumor cerebri (бенигнен интракранијален едем) .

Се применуваат и иновативни методи, ласерски третман, фотодинамска терапија, хемиски пилинзи, џетпил, микродермоабразија, мезотерапија кои помагаат во брзо подобрување на воспаленијата и одстранувањето на лузни.

Лекувањето трае од 6 до 12 месеци во зависност од тежината и бара континуирана контрола од дерматолог, хигиено диететски режим и психолошка поддршка кај пациентите особено кај оние со тешка форма на акни.