Фото: Пиксабеј

Техно

Револуционерен имплант на мрежницата им ја врати видливоста на пациенти со дегенерација на макулата предизвикана од стареење. Научниците велат дека овој пробив отвора ново поглавје во медицината. Лекарите првпат успеале делумно да им го вратат видот на пациенти што ослепеле од дегенерација на макулата – благодарение на електронски имплант и АР-очила.
Сувата, старечка дегенерација на макулата е болест што бавно ја оштетува макулата, дел од мрежницата одговорен за централниот вид. Нејзината напредна, неизлечива фаза е позната како географска атрофија и зафаќа милиони луѓе низ светот. Досегашните третмани можеле само да го забават губењето на видот, но не и да го вратат. Сè досега. Во револуционерно клиничко испитување, повеќе пациенти ја вратиле способноста за читање откако им биле вградувани електронски мрежници поврзани со АР-очила.
– Во историјата на вештачката визија, ова означува нова ера – рече Махи Мукил, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон и раководител на британското одделение на студијата.
Слепите пациенти сега навистина можат да го повратат централниот вид, што досега не беше можно. Благодарение на системот „Прима“ – фоторецепторен имплант со микрочип со дебелина на хартија, кој содржи 378 клетки – научниците успеале да ја заменат функцијата на фоторецепторните клетки во окото. Микрочипот се поставува хируршки под макулата, а интервенцијата трае помалку од два часа. По еден месец закрепнување, имплантот се активира. Пациентот потоа користи АР-очила со камера и инфрацрвен проектор поврзани со мал џебен компјутер. Камерата го регистрира опкружувањето, компјутерот ги претвора податоците во инфрацрвен светлосен сигнал, а проекторот му го испраќа на имплантот. Потоа, тој ја претвора светлината во електрични импулси, кои ги стимулираат здравите неврони на мрежницата – а мозокот ги толкува како визуелни информации. Европското истражување опфати 38 пациенти што ја изгубиле централната визија, но ја задржале периферната. На крајот на истражувањето, дури 84 отсто од нив повторно можеле да читаат букви, броеви и зборови – некои дури и пет реда од стандардната табела за тестирање на видот.