Во Скопје денеска се одржал регионален стратешки дијалог „Од податоци кон дејствување: Креирање заеднички решенија за квалитетно образование во Западен Балкан“, организиран од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија во соработка со ОЕЦД и Европската комисија, под покровителство на Министерството за образование и наука на Македонија, на кој експерти и практичари од областа на образованието и креатори на политики од земјите на Западен Балкан се согласиле околу заеднички приоритети за зајакнување на образовните системи и обезбедување квалитетно учење за секое дете.
Како што соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, на отворањето на првиот ден, министерката за образование и наука Весна Јаневска истакнала дека резултатите од ПИСА тестирањето покажуваат дека мора да се работи на повеќе аспекти истовремено – од зајакнување на квалитетот на наставата и воннаставните активности, до поддршка на благосостојбата на учениците и подготовка за начинот на кој се тестираат компетенциите на учениците.
Во текот на дводневниот настан, претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија ги разгледале најновите податоци, дискутирале за националните и регионални предизвици и заеднички работeа на изнаоѓање решенија за унапредување на образованието во Западен Балкан.
– Овој дијалог ја потврди нашата заедничка посветеност да му овозможиме на секое дете да учи и да успее, изјавила Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија. Со фокус на конкретни акции и регионална соработка, можеме да изградиме посилен и поинклузивен образовен систем за сите деца – изјавила Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.
Еден од клучните исходи на дијалогот беше согласноста да се надмине јазот помеѓу универзитетите и училиштата преку реформа на иницијалното образование на наставниците, за новите наставници да бидат целосно подготвени за настава и учење базирани на компетенции. Учесниците исто така ја нагласија важноста од зајакнување на наставничката професија преку создавање можности за кариерен развој заснован на заслуги – стои во соопштението на Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Дополнително, било потенцирано дека реформите мора да стигнат до училниците – а не само на хартија. За тоа да се постигне, потребно е да се усогласат оценувањата и наставните програми и да се создадат услови за наставниците да ги поддржат учениците во совладувањето на компетенции и вештини клучни за нивната иднина.
Од УНИЦЕФ додаваат дека дискусијата ја одразила сè поголемата свест за вредноста на взаемното учење и соработка, а за да продолжи регионалната соработка, било договорено изготвување заеднички технички и аналитички документ кој ќе служи како насока за образовните и стратешки реформи низ земјите од Западен Балкан.

































