Во сабота, 8 ноември, сцената на Националната опера и балет ќе се претвори во мозаик од движења, бои, емоции и музика: ќе се случува седмото издание на Интернационалниот танцов натпревар „Стејџ 2025“. Со овој настан Скопје повторно ќе биде центар на талент, креативност и на младешка енергија. Настанот е организиран од балетското студио „Арт балет“.

Цел ден, од 9 до 22 часот, на големата и малата сцена ќе настапат над 1.600 деца и млади танчери од 12 држави, претставувајќи го својот танцов израз низ класичен и современ балет, џез, модерн, акробатски и шоу танц… Секој настап има своја приказна – различна, но силна, исполнета со страст, музика и љубов кон сцената.
– „Стејџ” не е само натпревар – туку е прослава на уметноста, детството и различноста. Преку танцот, децата од целиот свет учат да ја разберат и почитуваат културата, да создаваат пријателства и да ја негуваат љубовта кон сцената.Со секое издание, станува мост што ги поврзува младите генерации преку уметноста, промовирајќи ја Македонија како земја на култура, талент и инспирација.Овој наш традиционален настан е потсетник дека вистинската убавина е во креативноста, посветеноста и сплотеноста, а токму тоа е духот што „Стејџ“ го носи веќе седум години- вели Тамара Ѓурчиновска, организатор и уметнички директор на натпреварот.
Кулминација на вечерта ќе биде гала настапот на најдобрите десет изведби, избрани од меѓународното стручно жири. Талентираните танчери ќе ги добијат највисоките признанија и престижни награди на „Стејџ 2025“.

































