Фото: Општина Демир Хисар

Куќа на знаењето

Во пазувите на Плакенска Планина, во близината на Демир Хисар, се наоѓа селото Бабино, кое е познато по најголемата приватна библиотека во Македонија, но и во регионот.
Библиотеката „Ал-би“, која е во сопственост на Стево Степановски, првпат се спомнува уште во 1882 година, а од 2004 година е регистрирана како прва приватна библиотека во чиј состав има амфитеатар и етнолошка поставка. Во амфитеатарот се одржуваат разни културни настани во текот на целата година, концерти, поетски читања, промоции и сл.
Вкупниот книжевен фонд на библиотеката изнесува 20.000 книги, меѓу кои се и вистински раритети, како што е првото изданија на Деветтата симфонија на Бетовен, примерок од првиот Македонски правопис, документи за историјата на македонскиот народ, 350 речници… На полиците на оваа мала библиотека се наоѓаат и книги на персиски, турски, арапски и старословенски јазик донесени од Багдад, Техеран, Анкара, Дамаск, Истанбул…
Во библиотеката не се позајмуваат книги, но е отворена секој ден во јули и во август. Има 3.500 члена, а членството е бесплатно. Во 1973 година, за зачувување на фондот во библиотеката, во Пекинг бил изработен уникатен печат од полублагороден камен, нарачан од истакнатиот македонски писател Петре М. Андреевски и нобеловецот Иво Андриќ.
Се надеваме дека на читателите на „Колибри“ особено ќе им биде интересен податокот дека во библиотеката „Ал-би“ се наоѓа првиот примерок на книгата за деца „Волшебното самарче“ од основоположникот на македонската литература за деца Ванчо Николески, која е објавена во далечната 1962 година.
Секако, нас многу нѐ радува и фактот што оваа библиотека ги чува и првиот примерок на нашиот весник „Нова Македонија“, кој е отпечатен во Горно Врановци, на 29 октомври 1944 година. Тука се и првата Граматика на македонски јазик од Круме Кепески, првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ од Славко Јаневски и многу други книги од особено значење за Македонија.
Селата во околината на Демир Хисар изобилуваат со раскошна природа, многу дрвја, чист воздух, вода, постојат и неколку етно и рибни ресторани, така што ви предлагаме да направите еднодневна тура во овој крај. Се надеваме дека ќе издвоите и неколку часа за посета на библиотеката „Ал-би“ во Бабино, која досега ја посетиле туристи од 45 земји од светот. Ф.Д.