Фото: Пиксабеј

Заради увоз на суровини, Германија, заедно со Британија, е најголемиот поттикнувач на уништување на светските шуми во Европа, покажува студија на Светскиот фонд за природа и на Универзитетот за економија и деловна администрација во Виена

Студија на Светскиот фонд за природа и на Универзитетот за економија и деловна администрација во Виена покажа дека алчноста за суровини сѐ повеќе ги уништува шумите во светот. Тимот предводен од Тобијас Кинд-Рипер истражувал колку биле уништени шумите низ светот помеѓу 2000 и 2020 година поради ископување јаглен, метални руди и индустриски минерали.

Германија и Британија најголеми поттикнувачи на уништувањето на шумите

Германија и Британија биле најголеми поттикнувачи на уништувањето на шумите поврзани со рударството во овој период, во што секоја учествувала со околу 19 проценти, според студијата. Британија ја напушти ЕУ во јануари 2020 година. Германија е одговорна за уништување површина од 265 квадратни километри шума. Во Германија увезените суровини се користат, меѓу другото, во автомобилската индустрија (17 проценти) или за изградба на машини и постројки (11 проценти).
– Нашиот глад за суровини ги уништува шумите, ги труе подземни води и им ја одзема на луѓето и на животните можноста за живот – рече Кинд-Рипер.
Во тие процеси најчесто се уништувани тропските шуми. Повеќе од 80 проценти од директната дефорестација предизвикана од рударството се случила само во десет држави за време на периодот на истражување. Најмногу шума е исечена во Индонезија (околу 3.500 квадратни километри), Бразил (околу 1.700 квадратни километри) и во Русија (околу 1.300 квадратни километри). Најодговорни се Кина (18 проценти), ЕУ (14 проценти) и САД (12 проценти). Значителен дел (71 процент) од уништениот шумски простор е резултат на ископување јаглен и злато. За пресметките, истражувачкиот тим ги испитал меѓународните трговски текови и анализирал сателитски слики. За студијата е пресметано не само директното туку во некои случаи и индиректното уништување на шумите во радиус од 50 километри. Тоа вклучува, на пример, транспортни рути околу рудниците.

Во близина на рудниците исечени 755.900 квадратни километри шуми

Според пресметките, помеѓу 2000 и 2020 во светот, во близина на рудниците за суровини се, исечени вкупно околу 755.900 квадратни километри шуми. Тоа одговара на површина двапати поголема од Германија. Сепак, со податоците за индиректна дефорестација треба да се постапува внимателно, се наведува во студијата.
Не може секогаш јасно да се утврди дали сечењето на дрвјата во близина на рудниците директно може да ѝ се припише на таа операција. Како може да се намали штетата за животната средина? Според геологот Гудрун Фракен од Федералниот институт за природни ресурси, еколошки приемливо рударство е сигурно можно ако се одредат високи еколошки стандарди и тие се следат . Процената на влијанието врз животната средина е задолжителна во рударските земји низ целиот свет, а за намалување на штетите за животната средина се потребни и големо знаење на надлежните органи и спроведување соодветни мерки.
Според Фракен, за штетата за животната средина да биде што помала, исто така е важно да се ренатурализираат областите.