фото: Комисијата за избор на кандидати на Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права(ЕСЧП)

Комисијата за избор на кандидати на  Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права(ЕСЧП) денеска на состанок почна интервјуирање на селектираните кандидати и дискутираше за претставки за потенцијален судир на интереси упатени до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и за два приговора пристигнати до Комисијата.

 

– Претседателот на Комисијата Дарко Костадиновски ги извести членовите за двете претставки упатени до ДКСК за потенцијален судир на интереси помеѓу претседателот на Комисијата и еден од кандидатите од селектираната листа за интервјуа, за којашто дознал од медиумите, како и за двете претставки упатени до Комисијата. По образложување на аргументите и фактите во смисла дека во конкретниот случај не може да стане збор ниту за пристрасност, ниту за потенцијален судир на интереси, предлогот за изземање на претседателот Костадиновски не беше прифатен од членовите на Комисијата – се вели во соопштението од Комисијата за избор на кандидати за судија во ЕСЧП.

На состанокот едногласно е одлучено да се спроведат закажаните интервјуа во текот на денешниот ден, а резултатите да се достават до Експертскиот панел на Советот на Европа, откако ДКСК ќе одлучи по приговорите.

На интервјуата, со цел зголемување на транспарентноста и непристрасноста во постапката биле поканети и присуствувале Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење” и Бојана Божиновска-Силјановска од „Македонско здружение на млади превници”.

 

Комисијата ги разгледала и пристигнатите приговори на кои најавува дека ќе биде одговорено соодветно.

– Комисијата ќе продолжи со интервјуата во текот на денот според предвидената динамика – се вели во соопштението.

Меѓу кандидатите кои се повикани на интервјуа се поранешни и сегашни судии, универзитетски професори и адвокати. Станува збор за 11-те кандидати: Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер Дамјановска, Јордан Апостолски, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ, Сашо Георгиевски, Наташа Бошкова и Ана Дангова Хуг.

Деветгодишниот мандат на македонскиот судија во Стразбур Јован Илиевски му истекува на 1 февруари 2026 година