Фото: Пиксабеј

Австралија си постави цел

Австралија неодамна ја постави својата цел за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2035 година од 62 до 70 проценти во однос на нивоата од 2005 година, што е пониско од бројката што првично ја препорача државното тело за климатски промени. Обединетите нации побараа од земјите да ги достават своите климатски планови, т.н. Национално одредени придонеси, за да може да се оценат нивните напори пред самитот во ноември во Бразил.
Австралија е една од земјите со највисоки емисии на стакленички гасови по жител, главно поради својата индустрија. Поставената цел е помала од опсегот од 65 до 75 проценти, која ја моделираше Министерството за финансии, а првично ја предложи Комисијата за климатски промени, независно тело што ја советува владата за климатската политика.
– Целта мора да биде и амбициозна и остварлива. Целта над 70 проценти не е остварлива, избравме највисоко ниво на амбиција што е остварливо – рече министерот за климатски промени и енергетика Крис Боун.
Австралискиот премиер Антони Албанс потврди дека се најавени пет милијарди австралиски долари (2,81 милијарди евра) помош за индустриските објекти во процесот на декарбонизација, како и две милијарди австралиски долари за државната корпорација за финансирање чиста енергија, со цел да се намали цената на електричната енергија.
– Ние не сме најголемиот загадувач ниту најголемата економија, но нашата посветеност во борбата против климатските промени е важна. Важна е за нашите соседи и за нашата економија и важна е за земјата што ќе им ја оставиме на нашите деца – рече Албанс.
Од климатските цели доставени до ОН, Обединетото Кралство се истакна со најамбициозна цел – намалување на емисиите за 78 проценти во однос на нивото од 2005 година.