Грција во застој поради протестите против владините реформи за новиот закон за труд
- Синдикатите предупредуваат дека се подготвени за ескалација на протестите доколку продолжи постапката за усвојување на спорниот закон
Бродовите останаа во пристаништата, железничкиот сообраќај запре и работниците ги напуштија своите работни места во вторникот, во рамките на генералниот штрајк што ја зафати Грција, во знак на протест поради новиот закон за труд на конзервативната влада, кој би овозможил 13-часовен работен ден. Станува збор за втор ваков штајк месецов организиран од главните синдикати во јавниот и приватниот сектор во Грција – темпиран да се совпадне со гласањето во парламентот за предложените реформи.
Дваесет и четиричасовниот генерален штрајк што го свикаа големите синдикати, АДЕДИ (Федерација на вработени во јавниот сектор), ГСЕЕ (Општа конфедерација на грчки работници) и ЕКА (Атински центар за труд), имаше големо учество од вработените во јавниот и приватниот сектор, вклучувајќи ги и работниците во компаниите за јавен превоз и таксистите во Атина, што во голема мера го запре секојдневниот живот.
Синдикалните федерации што ги претставуваат работниците во различни сектори, вклучувајќи ги градежните, железничките и угостителските работници, наставниците, академиците и сметководителите, исто така одржаа митинзи против законот во повеќе градови низ земјата, вклучувајќи ги Солун, Патрас, Лариса, Јанина, Крф и Ханија.
Осудувајќи го предложениот закон како „антиработнички“ и предупредувајќи дека ќе го поткопа социјалниот и економскиот мир во земјата, синдикатите ја повикаа владата да ја укине клаузулата од 13 часа, да го намали неделното работно време и да го врати слободното колективно договарање. Тие исто така предупредија дека се подготвени да ескалираат доколку продолжи постапката за усвојување на спорниот закон.
Предлог-законот им овозможува на работодавците од приватниот сектор да бараат до 13 часа работа дневно од своите вработени во споредба со сегашните осум часа. Исто така, тој им дава поголема флексибилност при краткорочните вработувања и ги менува правилата за распределба на годишниот одмор.
Владата вели дека законот создава поефикасен и пофлексибилен пазар на трудот, дозволувајќи им на вработените да работат четири дена во неделата. Исто така, тој ги штити работниците од отпуштање ако одбијат да работат прекувремено и ги продолжува нивните бенефиции, според министерот за труд.
Но синдикатите велат дека тоа ги повредува правата на работниците и ги лишува од нивната преговарачка моќ во земја каде што има непријавена работа, а просечните плати сè уште се ниски во споредба со другите земји од ЕУ, и покрај зголемувањето на платите и пониската невработеност по исцрпувачката должничка криза од 2009 до 2018 година.
– Смената од 13 часа не може да стане реалност. Тоа е платено ропство – изјави пред парламентот Ефи Ахциоглу, пратеничка од малата партија Нова левица.
Се очекува законот да биде ставен на гласање неделава, а владата на Кирјакос Мицотакис веројатно ќе го протурка со оглед на своето парламентарно мнозинство. Сепак, продолжените немири би можеле да ја стават на тест политичката стабилност на владата и да го нарушат имиџот на Грција како реформирана, посткризна економија.
Куповната моќ на Грците е меѓу најниските во Европската Унија, покажуваат податоците на Евростат. Земјата исто така има најголем удел во ЕУ на вработени што работат повеќе од 45 часа неделно, според статистичката агенција на блокот. Опозициските партии побараа законот да се повлече. Р.С.