Политичката потентност не се враќа, а ниту се стекнува со уривање на соживотот во Македонија
- Низа непримерни гестови забележливи деновиве, преку отсуството на македонски знамиња при прославувањето на државните празници и запаливата реторика во изборната кампања, сугерираат на тенденциозно однесување чија цел е нарушување на меѓуетничките односи, одобрено од водечки политичари од албанскиот блок, како што е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кои на тој начин се обидуваат да ја вратат загубената политичка моќ
Секоја година се повторува праксата на големите државни празници да не се истакнува државното знаме на Македонија на еден дел на нејзината неделива територија, а да се вее знаме на друга држава. Кога Албанците ги одбележуваат нивните национални празници, како што се Денот на независноста на Албанија, па дури и Денот на албанската азбука, се случуваат „куриозитети“: на пример, во Тетово се истакнуваат по две албански знамиња, а само едно македонско државно знаме. Кога се прославуваше, на пример, лани 28 ноември, Денот на создавањето на Албанија, се организираше „специјален“ славенички чин – кинење на македонското државно знаме, палење, негово газење со автомобили… Без сомневање, со ова сторителите на поведенија испраќаат сосема конкретни пораки до државата Македонија и до македонскиот народ – пораки што директно удираат врз меѓуетничките односи, кои по својата природа се предвидени за високи санкции, бидејќи предизвикуваат опасни кршења на Уставот и законите…
Препознатлива кореографија и запалива реторика
Во изминативе денови од страна на членови и симпатизери на ДУИ во редица населени места во западниот дел на Македонија беа истакнувани куп албански знамиња, „борбени знамиња“ на УЧК, знамиња од Турција, на Европската Унија, на Соединетите Американски Држави – ама не и на Република Македонија! Сѐ што се прави во ДУИ се прави со знаење и одобрување на лидерот Али Ахмети, и тој јавно не го крие тоа.
Македонски знамиња „по правило“ нема, ама има силна национална, па дури и националистичка еуфорија, тешки навреди кон Македонците врз етничка и верска основа, закани и инциденти. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, свесно се определи за еден настап во јавноста со закани за територијалниот интегритет на Македонија ако „не се продолжел патот кон ЕУ“, па и дека „Албанците ќе си отидат со својот албански дел во Албанија, а Бугарите со бугарскиот дел“. Шефот на интегративците од тетовска Мала Речица се расфрлаше и со закани од типот „меѓуетничка, политичка и безбедносна дестабилизација на Македонија ако се укине рамковниот договор“ и слично.
Голема дилема е дали се ова „поволни услови“ за интеграцијата на етничките заедници во македонското мултиетничко општество, но и дали со вакви анахрони изливи на национализам од позиции на т.н. голема Албанија, на етнички шовинизам кон македонскиот народ, некој може да каже дека се стреми да се интегрира во ЕУ!?
Засилување на воинственоста со опаѓање на политичката потентност
Паѓаат во очи некои појави, кои не се случајни. Колку повеќе му слабее политичката моќ на Али Ахмети толку повеќе тој ја „облекува униформата“ на „главен командант на УЧК“ и ги „евоцира своите спомени од војната во 2001 година“. Евоцира и сосема свесно и намерно провоцира! Колку повеќе му порачуваат и неговите сонародници дека му дошло времето да си оди во „политичка пензија“ толку повеќе Ахмети галами по нивните митинзи, ја велича УЧК и ги потпалува етничките страсти кај Албанците.
Не случајно велат воените експерти, ама и психолозите: нападот е најдобрата одбрана! Ахмети ја напаѓа државата повторно, оти се плаши од миговите што неизбежно му се приближуваат, не само за заминување во (не)заслужена „политичка пензија“ туку можеби и во – затвор!
– Може да се најде и Али Ахмети на обвинителната клупа во Специјалниот суд во Хаг. Секој што бил вмешан на некој начин во УЧК може да се најде на списокот со обвинети – кажа уште во 2020 година адвокатот Том Гаши, тогаш во својство на бранител на лидерите на поранешната косовска УЧК, Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими, на кои овие денови им продолжува судењето во Хашкиот трибунал под товарење дека извршиле стотина воени злосторства врз цивилно население, за убиства, присилно исчезнување, прогонства и тортура.
А самиот Али Ахмети на 23 јули 2020 година веќе беше повикан во функција на сведок во Специјалното обвинителство на Хашкиот трибунал…
Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, со допис до македонската влада упатен на 15 јануари на адресата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски побара да се поништи амнестијата за хашките случаи и да се истражат досиејата што беа префрлени од Хашкиот трибунал на домашните судови. Значи, упатена е препорака до Македонија од исклучително важен орган на една европска институција да се поништи амнестијата на „хашките предмети“, сторени од поранешната македонска УЧК – во која „врховниот командант“ Али Ахмети имал не само команда туку и командна одговорност!
Дали е и ова една од причините поради кои многу веројатно Али Ахмети го опфаќа не само страв туку и паника каква ќе му биде иднината натаму во животот. Аналитичари и експерти и од Македонија и од Балканот сѐ појасно согледуваат дека колку повеќе страв го обзема Ахмети толку повеќе тој е гласен, толку повеќе се заканува! Тој има веќе „солидни меѓународни препораки“ најмалку барем да застане на обвинителна клупа и за „хашките предмети“ од 2001 година, но и за сиот криминал и корупција во Македонија во 22-те години од неговото владеење. Р.Н.М.
Воинствените пораки за пресметка не водат ниту во општествена интеграција ниту во просперитет
Ахмети станува цел на жестоки критики од сонародниците
Али Ахмети поради сѐ што стори во изминативе две децении е исто така цел на жестоки критики меѓу неговите сонародници и во Македонија и во дијаспората.
– ДУИ повеќе не е достојна да ги штити и да ги унапредува интересите и правата на Албанците, бидејќи во дваесетте години додека беше на власт не успеа да го стори тоа. Али Ахмети нема политички морал и во борбата за власт тој го лиже тоа што ќе го исплука! Али Ахмети го изгубил компасот во тоа што го зборува. Потврда за ова е неговата лага од пред неколку дена дека Мицковски еден ден ќе им ги одземе јазикот и знамето на Албанците. Овие изјави се неодговорни и популистички, наменети за ширење лажна пропаганда во јавноста само за да добие неколку гласа – напиша Скендер Муслиу од Евроатлантското лоби на Албанците, невладина организација на албанската дијаспора во Европа, во својата жестока колумна со наслов „Дали се ова последните крици на Али Ахмети!?“, која ја објави весникот на албански јазик „Бота сот“ од Приштина.
Во колумната со наслов „Лидерот што повеќе не зборува во име на народот, туку за себе. Приказна за еден тажен политички крај“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Фол“, Латиф Арифи, националниот координатор за комуникации и медиуми во Владата на Македонија, деновиве објави: „Али Ахмети чувствува дека времето му се лизга од рацете. Тој е веќе истрошен лидер, кој ја изгубил врската со реалноста. Од него денес се слушаат зборови што ѝ служат само на омразата. Ахмети не користи речник на лидер, туку на човек што ја изгубил емоционалната контрола. Тој повеќе не зборува со убедување, туку со страв. Ахмети пројавува страв од губење на моќта. Страв од губењето на привилегиите. Ахмети пројавува страв од правдата. Бидејќи кога моќта се гради врз непотизам, роднинство, врз тендери и нелегално богатство, секој збор во јавноста се претвора во штит од стравот за утрешнината. Немајќи политички став, Ахмети се свртува кон носталгијата за војната. Тој се врти околу сеќавањата на минатото. И кога повеќе не може да дише дома, во земјата, се обидува да добие политички кислород во Тирана и Приштина, барајќи поддршка од странство, бидејќи тука, меѓу Албанците што некогаш му веруваа, довербата згаснала. Тој води битка за зачувување на богатството и влијанието, а не за заштита на интересите на Албанците. Зборовите за „дискриминација“ се само „чадна завеса“, за да се скрие стравот од губење на моќта и на финансиската контрола, кои го одржуваа во живот неговиот систем две децении. Али Ахмети е симбол на страв од крајот. Тој е денес заложник на стравот, стравот од загубата, од заборавот, на стравот од правдата“, заклучува Латиф Арифи во својата колумна. Р.Н.М.