Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ

  • По мечевите во неделата, 21 селекција се пласираа на СП 2026, а неделава ќе се пополнат повеќе од половина од слободните места за настап на Мундијалот в година во САД, Мексико и во Канада

Гана е 21-та репрезентација што се пласира на Светското првенство (СП) в година, а најмалку уште шест од 48-те места ќе бидат одлучени неделава, две од Азија и уште четири од Африка, пишува „Би-би-си“. Четири европски селекции, исто така, би можеле да го обезбедат своето место неделава, и тоа Англија, Португалија, Швајцарија и Франција. Англија ќе се пласира со победа над Летонија денеска, а другите три репрезентации ќе треба да се потпрат и на други резултати. Хрватска е речиси пласирана, со три бода повеќе од Чешка и со многу подобра гол-разлика, пишува „Би-би-си“. На СП 2026 првпат ќе играат 48 репрезентации.
Домаќините на Мундијалот, Канада, Мексико и САД, добија автоматски пласман на Светското првенство. Австралија, Иран, Јапонија, Јордан, Јужна Кореја и Узбекистан досега се пласираа од Азија. Единственото директно место од Океанија го освои Нов Зеланд. Тунис и Мароко беа првите две африкански репрезентации што се пласираа на Светското првенство в година, пред уште три да им се придружат минатата недела. Аргентина, Бразил, Еквадор, Уругвај, Парагвај и Колумбија се јужноамериканските селекции на кои им е загарантирано местото. Узбекистан и Јордан првпат ќе играат на едно светско првенство, пишува „Би-би-си“.
Боливија и Нова Каледонија се две од шесте репрезентации потврдени дека ќе учествуваат во интерконтиненталниот плејоф во март в година.
По мечевите во неделата на СП 2026 се пласираа домаќините Канада, Мексико и САД, потоа Австралија, Иран, Јапонија, Јордан, Јужна Кореја и Узбекистан од Азија, Нов Зеланд од Океанија, Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Парагвај и Уругвај од Јужна Америка, Алжир, Египет, Гана, Мароко и Тунис од Африка. Н.М.