Извадок од новата книга за деца на Татјана Гогоска – „Магичниот круг на детството“
- „Магичниот круг на детството“ е илустрирана книга за најмладите читатели и еден вид мултимедијална публикација наменета за деца на возраст од шест до 12 години.
- Книгата содржи две приказни – „Најденко во магичниот круг“ и „Силјановиот волшебен сон“ – магична боенка и магична музичка тетратка. Сето тоа им остава простор на децата да ја развијат својата креативност
Таа вечер, во темната соба, Најденко лежеше во својот кревет, а до него Оги, кому му шепотеше:
– Искрено, како на најдобар другар, ти кажувам дека не сакам да имам толку обврски и не сакам никој да ми вика. Сакам да ме слушаат кога зборувам. Еве како ти, Оги, пријателче мое. Ти ме слушаш. Додека зборуваше, очните капаци му се затворија и не ја слушна вратата, која мајка му тивко ја отвори за да види што прави.
Најденко влезе во посакуваниот сон, во кој сите беа исчезнале. Мајка му, наставничката, книгите, ранецот и разните предмети од собата. Но се случуваше волшепство. Книгите оживуваа и лебдејќи низ собата зборуваа.
Читанката се доближува до неговото уво и тивко му шепоти:
– Јас имам многу интересни приказни во мене, а ти не си ме ни погледнал.
Оттаму се јави и Математиката, плачливо:
– Зошто толку ме мразиш? Па, не сум толку лоша и тешка. Погледни ме барем еднаш!
На прозорецот стои книгата по природа и општество, покажувајќи му кон дворот и строго му прозборува: „Природата треба да се чува, да си играш во неа. Земјата, воздухот … а ти! Зошто бегаш од мојот час?“
Блокот по ликовно, како магионичар, нацрта една убава слика и му прозборе: „Не ме сакаш ни мене! А толку убави боички ти купија. Погледни ме и барем еднаш нацртај нешто“.
Се јави и Музичката тетратка. Таа беше изненадена од тоа дека Најденко не сака ниту да пее, а на изненадувањето од физичко му немаше крај. Најденко не сакаше ниту со топка да си игра со другарчињата.
Тоа беше многу сериозна работа поради која се загрижија и се обединија сите предмети.
Предлогот, како најпаметна, го даде Читанката. Таа им предложи во знак на револт, сите заедно да го напуштат Најденко, па да види самиот колку ќе му недостигаат. Со едногласно ЗА сите си заминаа од сонот на Најденко.
Оваа приказната продолжува во еден друг сосема непознат свет. Што ќе се случи? Само продолжете да читате и ќе откриете сами.
(Извадок од „Најденко во магичниот круг“)