фото: Јаков Симовиќ / театар „Звездара“

Култниот роман „Уна” од 1981 година на Момо Капор, синоќа вo Белград, на сцената „Данило Бата Стојковиќ“ на театарот „Звездара“, доби сосема ново, модерно театарско руво во режија на Дејан Пројковски. Главната улога на проф. Мишел Бабиќ ја толкува Никола Ристановски, а од авторската екипа од земјава, свој креативен придонес дадоа и Валентин Светозарев како сценограф и Горан Трајкоски како автор на музички теми.
Вечната тема за борбата на поединецот со системот, вечната тема за недозволената љубов, дозволеното во политиката и ограничувањата на слободите, благодарејќи на драмскиот текст на Стеван Копривица, го продолжува умешно животот на „Уна” и во третата деценија од 21 век, повторно актуелизирајќи ги вечните теми и во современиот општествен и политички контекст во кој живееме.
Покрај брилијантнот Никола Ристановски, одлични улоги одиграа и Магдалена Мијатовиќ како студентката Уна, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо. Претставата предизвика голем интерес кај белградската театарска публика, но и кај бројни гости и пошироко од регионот. Гостин на премиерата беше и Васко Шутаров, директор на Културно-информативниот центар во Белград.
Тој истакна дека претставата „Уна“ е уште една потврда за високото ниво на соработка во културната размена меѓу Македонија и Србија, како и за креативната моќ на македонските уметници на меѓународната сцена.

Репризни изведби на „Уна“ се закажани за вечерва и за 26 октомври во театарот „Звездара“.