Кукавичини јајца во саркофагот во „Свети Спас“

  • На 11 октомври 2025 година, во Скопје дојава на бел коњ генерал Михајло Апостолски, кој отиде да му се поклони на Гоце Делчев, македонскиот апостол за слободна и обединета Македонија. Ако тогаш Македонија ја одбра и ја одбрани вистинската страна на историјата, логично е да се прашаме каде сме ние денес и кој и зошто ни оставил кукавичини јајца во најсветото место

„Гледај кој се врати“ е германски филм од 2015 година, една сатирична црна комедија што како главен лик го има Хитлер, кој се вратил меѓу своите во Германија. Варијанти на темава има, исто така, во сатирични филмови, иако поради ликовите и жанрот нема гаранции дека безбедно ќе се извлечете, оти темата е лизгава и опасна, во Шпанија со Франко и во Италија со Мусолини. Кратката содржина е следна: еден убав ден во Берлин, каде што група млади момчиња играат фудбалче, од небо паѓа некој лик. Тој станува, го протресува кожениот мантил и чека децата да го поздрават со крената десна рака, затоа што би требало сите да го знаат него – тој е фирерот, Хитлер. Во 2015 година испаѓа дека децата не го препознаваат. И така, Хитлер шета по улиците на Берлин, а народот мисли дека е некој откачен имитатор. Но Хитлер, љубопитен да види што се случува со неговата Германија, многупати ќе остане разочаран кога ќе види црнци, хомосексулаци, партија на зелени, од што посебно ќе се шокира. За што ли се залагав, ќе рече фирерот што паѓа од небо на местото каде што му бил бункерот и каде што го окончал својот живот. Бидејќи се вратил на земја, можеме да заклучиме и дека не му завршил животот. Кој како сака може да си толкува. Но дел од народот ќе му ракоплеска, а пресвртот настанува кога сите ќе разберат дека тој не е никаков имитатор туку вистинскиот фирер, кој уништи милиони и милиони недолжни и невини луѓе. И затоа филмот има едно прашање што се наметнува, а тоа е – а што ако навистина се врати? Тоа е прашање што со децении ја прогонува Германија, прашање што го има на своите плеќи како национално чувство на вина. „Гледај кој се врати“ е книга токму на Хитлер, втор дел на „Мојата борба“.
Хитлер во филмот ќе разбере дека народот не е најсреќен, дека е соочен со голем број проблеми, па дури ќе изеде ќотек од ултрадесничари, кои си мислат дека тој е некој провокатор. Филмот завршува со сцена кога тој во „мерцедес“ кабриолет се движи низ Берлин и им мавта на луѓето со надеж дека нацистите ќе ја вратат моќта на Германија. Дали Германците стравуваат дека е можно повторно да застанат на погрешната страна на историјата? Пред Нирнбершкиот процес еден од видните нацисти има изјавено дека го „изгубиле првото полувреме, но второто Германија ќе го добие преку банките“.
Јас сум во обид да пронајдам одговор на дилемата – дали лидерите го носат народот на погрешната страна или народот самиот си ја избира својата патека на историската судбина? Ова прашање денес е поактуелно од кога било претходно во изминативе децении. Ќе се повампири ли нацизмот во Европа? Ќе тргне ли во поход од некоја европска земја и ќе ја преврти ли судбината наопаку? Европската Унија се оддалечува од темелот на својот мировен проект. Факт. И стравувања.
Единаесетти октомври 2025 година. Рано утро, скржаво сонце се протега по врвовите на скопските згради. Најава дека силно ќе светне ден. Коњски топот се слуша. Маркантна фигура јава еден коњ налик на Букефал, а можеби е и тој, коњот на Александар, нашиот Александар, Македонецот. Генералот Михајло Апостолски поминува покрај споменикот на Александар Македонски, достоинствено му салутира и со топотот на коњот оди кон Камени мост, го преминува. Ранобудниците со чудење го гледаат, еден повозрасен се чини го препозна зашто застана мирно како свеќа и партизански го поздрави. Неговата намера е да го види Апостолот, на Гоцета кукушанецот да му се поклони. Денот е таков, свечен, торжествен, победнички. Треба аберот да му го каже дека Македонија е слободна. Слобода изборена во крв и тешки борби. Понекогаш најтешките битки не се водат на бојното поле, туку длабоко во себе каде што духот или срцето можат да те одведат далеку од тоа што твојот народ го избрал, и ти да го одведеш на погрешната страна. Историјата кажана преку устата на Апостолски вели дека еден друг народ така залутал на погрешната страна, па сакал по секоја цена да ја премине Пчиња до колена за да ослободува земја што не е негова. Тоа не се случило. Не! Македонците ја одбраа и ја одбранија вистинската страна. Тоа Гоце мора да го чуе лично од генералот. Полека се симнува од Букефал и зачекорува кон саркофагот каде што почива Делчев, Делчев војвода, македонскиот апостол за слободна и обединета Македонија. Апостолски, накитен со медали и ордени, те македонски те југословенски, па и норвешки, полски, бугарски, грчки, советскиот „Суворов“… е во шок кога ќе види дека саркофагот е подотворен. Зошто? Внатре меѓу коските Гоцеви, пренесувани во вакви слични октомвриски денови, рака на рака, од рамо на рамо, од срце на срце, некој оставил кукавичини јајца?! Кој и зошто?
Дали некој мисли дека ние Македонците сме биле на погрешната страна и сега некој сака да ни ја исправа и поправа историјата? Во кого ќе пука шмајзерот на Апостолски денес? Во чии гради ќе се забоде мечот на Александар Македонски денес? Ќе повика ли Гоце денес на културен натпревар меѓу народите? Ние сме исправени како нација и како држава пред вакви сериозни предизвици, зашто Европа врие, светот се тумба. Куршуми секогаш имало и повеќе од доволно, но дали треба да се пука? Дали токму ние Македонците, кои во антиката светлината од Истокот му ја пренесовме на Западот, треба да повикаме дека овој свет треба да се урне и да се изгради нов. Ќе има ли луѓе што тој нов свет би го граделе? Ќе има ли тој нов свет Сонце какво што им подари Македонија? И зошто токму ние Македонците би си го изгубиле Сонцето? Тоа не смее да ни се случи.
Овој голем ден, кога се крена македонското востание за ослободување и кога пушките пукаа кон најголемото зло што било смислено, нацифашизмот, е и ден за промисла што ние можеме да му дадеме на светот, а тоа да не бидат бомби. Ние знаеме чии се јајцата на кукавиците, а и тие си знаат дека ни подметнале. Другите. Ините, тие со кои зборувавме некогаш ист јазик за да се разбереме. И во тоа е моќта на Балканот, да се разбереш со другите. Зошто да не биде повторно така? Тоа е еден културен простор, еден сличен ритам, едно оро во кое потскокнуваат сите можни бои на балканските ливади, планини и планиништа. Генералот Апостолски добро знае во кого би пукал, но овој пат нема да го откочи шмајзерот. Неговиот пат не води кон растење на националното чувство и самодоверба, што е најдобар одговор на сите кукавичини јајца оставени на нашето најсвето место.
Среќен ни празник Македонци, нека живее Македонија! И честитајте им на младите среќен 11 Октомври на Тикток, тие се таму, дајте им можност да слушнат за храбрите предци што загинале за нас, за нив, за идните поколенија.
И не заборавјате дека не сме ние осамени пред тешки предизвици. Сериозни ломови ја очекуваат Европа, особено двата силни столба на модерна Европа – Франција и Германија – каде што се нагризуваат темелите на нивните традиционални држави.