Македонскиот КИЦ во Белград до средината на октомври ќе биде домаќин на изложбата „Пресек за скулптурата над“ од реномираниот македонски скулптор Славчо Спировски.
– Славчо Спировски во своите досегашни дела се потврдува како исклучително љубопитен и аналитичен автор, кој со игра го деконструира митот за скулптурата и одново го оформува на сопствен начин, создавајќи своевиден метапростор или ментален простор за размислување и осмислување на многу прашања и комбинации – пишува во рецензијата за изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска.
Оваа изложба е прво самостојно претставување на Славчо Спировски во Белград, а проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.
Славчо Спировски е роден 1.2.1975 година во Скопје. Дипломира во 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на педагошкиот оддел, отсек вајарство, во класата на професорот Станко Павлески, како студент на генерацијата. Освен во македонските галерии, негови самостојни изложби се претставувани и во Берлин, Софија и Загреб, а има учествувано и на голем број групни изложби во Србија, Бугарија, Хрватска, Либан, Италија.