Во Културно-информативниот центар вечерва, со почеток во 20 часот, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со наслов „Кругови“. Централен дел од програмата на концертот се четирите пиеси со истоимен наслов, чиј автор е пијанистот и композитор Дино Имери. Иванова премиерно ќе ги изведе неговите „Ни ваму ни таму“, „Валцерот на Миро“, „Мајка“ и „Дрво“.
Во програмата ќе бидат изведени и дела од македонскиот композитор и аранжер Давор Јордановски („Violet et noir“ и „Alma“), како и дела од современата полска композиторка Ханија Рани („Buka“, „Eden“ и „Silent Night“).
Дуња Иванова е пијанистка со богата концертна дејност, доктор по филозофија, со специјализација во естетика на музиката. Зад себе има голем број настапи како солистка и со камерни состави на реномирани сцени во Македонија, Европа и Америка, каде што публиката ја препознава по чувствителниот музички израз и длабокото разбирање на делата што ги изведува. Соединувајќи ги уметничката и теоретската мисла, таа ја гради својата кариера како интерпретаторка, истражувачка на музичката убавина, наставничка и авторка.
Концертот „Кругови“ обединува музика на тројца исклучителни автори што со својот уникатен музички израз чинат неверојатна приказна.
Ханија Рани е полска пијанистка и композиторка чија музика ги спојува минимализмот, џезот и современата класика во интимен и искрен израз.
Дино Имери е еден од најистакнатите македонски пијанисти и композитори чија кариера опфаќа настапи со најреномираните оркестри и фестивали во Европа и пошироко. Добитник е на повеќе престижни награди и признанија, а неговите интерпретации се одликуваат со извонредна техника, суптилна музичка мисла и силна комуникација со публиката. Покрај класичниот репертоар, Имери е активен и како композитор со дела што се изведуваат на меѓународната сцена.
Неговото дело „Кругови“ е инспирирано од истоимениот роман на македонската современа авторка Тина Иванова – четиво што низ интимен и искрен раскажувачки тон ги отвора прашањата за повторувањата и пресвртот во животот, за круговите што нè враќаат кон себеси, но и нè водат кон нови патеки на разбирање.
Давор Јордановски, македонско-канадски композитор и пијанист, е познат по својот креативен пристап, кој спојува класични и современи музички јазици, создавајќи дела со моќна емоционална длабочина и универзална привлечност. Композициите „Violet et noir“ и „Alma“ претставуваат најава за наредниот целовечерен концерт на Дуња Иванова, на кој ќе биде изведен циклусот „10 пурпурни ноктурна за пијано“ на Јордановски.
Концертот е дел од Годишната програма на Министерството за култура. Влезот за концертот е слободен.