Есен, а зима

Иако нас одамна никој не може да нѐ изненади со ништо – ова остана од социјалистичка Југославија, па до денешни дни – снегот поита повторно да се врати на врвот од ранг-листата на изненадувања. Впрочем, изненадувањата се неминовност во човековото живеење. Понекогаш посакувани, понекогаш непријатни. Кој можеше да го замисли уривањето на бившата ни држава, која бевме подготвени до последен да ја браниме и да ја штитиме дури и со сопствените животи. Арно ама, животецот е мил, па заклетвата остана за некое друго време, за други дертови, оти Балканот ти е како пивтија, како разбрануван океан. Никогаш не мирува. И така, се случи да менуваме систем и да му се поклониме на „омразениот“ капитализам, а дуото АА – Америка и Англија – не се земји пролетерски. Згора на тоа, одредени елитни структури од западните седела успешно го спроведоа експериментот глобализација, па целиот свет започна да танцува по нивните ноти. Како и да не, кога не знаете во што е суштината на замисленото. Не можевме ниту да замислиме да менуваме знаме, навики, а со нив, срамежливо или не, да се пазариме за јазикот, идентитетот или, не дај боже, за територијата, која и така се собра како морски сунѓер. Се разбира, сето тоа што се вели „одоколу“ и не по наша волја. Но, нејсе. Ние сме оптимисти и веруваме дури и во она што не е за верување.

По летото, стаса и есента и би било неправедно ако не ѝ се посветиме малку. Барем по она што значи за сите нас или по изненадувањата што ги подготвува. Не може да се оттргнеме од впечатокот дека освен времето и неговите палавости, сѐ друго е само континуитет. Беше самитот на ОН во Њујорк, паднаа некои бомбастични изјави, возвратија погодените, ама сѐ си остана по старо. Туку не. Се чини дека по секоја значајна средба на големите, судирите добиваат на интензитет. Човек треба длабоко да се замисли кога од нивните политички кујни ќе бидат испратени до јавноста пораки за преговори или очекуван мир. По нив, бетер! Да се зборува за зголемување на воените буџети, а со тоа и на капацитетите за отстрел, треба да се стави во контекст за економски просперитет. Е, сега башка што тоа значи губење човечки животи, разурнувања и загадување на животниот простор. Ама кој да му мисли на тоа кога е во прашање џебот? Ако е некој профитно заслепен, тогаш за него човекот е само број. Страшно е доколку кампањите за воени буџети го залудат мнозинскиот дел од општеството, а за тоа барем постојат докажани структурни постапки што се во функција на заслепеност, расна и верска омраза, надмоќ и доминација – познати како пропаганда. Паул Јозеф Гебелс, Хитлеровиот министер за народна просвета и пропаганда, на чудесен начин ја восприемил и спровел во дело замислата по која го подготвил германскиот народ со восхит и налудничава самодоверба, да поита, грубо кажано, кон руската машина за мелење месо, во која завршиле над осум милиони Германци. Патем, овој човек во младоста ѝ се воодушевувал на Русија, за која велел дека е „света земја“.
Есента е богат годишен период. Таа не е златна само по пожолтените лисја на шумата. Родот е тој што ја прави величествена. Заканата се површините со посеви. Едноставно, исчезнуваат. На нивно место, широки друмови за брз трансфер на стока и луѓе што имаат мерак да се натпреваруваат со времето. Веројатно во иднина ресорните министри ќе „бидат на мака“ за да обезбедат влез на храна однадвор. Економска логика и неприкосновена законитост, нели? Летово јадевме јадри праски од Росоман. На пример, имав чувство дека станува збор за корка од даб. Којзнае дали беа од Росоман. Вистинско умеење е да се најде тетовско гравче дури и по 500 денари и повеќе. Истото тоа беше и со пиперката, а доматот имаше внатрешни жили што беа распоредени како краци од канцер. Ама, ќе си се навикнеме.

Не знам што ѝ текна на Лаура Кодруца Корвеси, познатата романска правничка од СЈО, по силниот успех против криминогените структури во Романија, да ги офира и „сивите“ од Грција заради марифетите со субвенциите за аграрот, сточарството, овчарството. Море не само од Грција туку офира и некои Европејци што се обиделе да учат по нешто и од нас Балканците.
На почетокот од милениумот бев вработен во една туѓонаша банка во доаѓање. Чуден израз ама тоа беше потег да се привлечат коминтенти. Доаѓа овчар од едно планинско село и побара да ѕирнеме во списокот за субвенции за млади јагниња сочувани за приплод. Кога му кажавме дека за него нема, се фати со двете раце за главата. Овој, овој, овој и овој, ги наброја соселаните, немаат ниту кокошки, а камоли јагниња! Рече и замина да бара правда во локалната единица на Министерството.
Израелците запреа уште еден конвој од хуманитарната флотила на Грета Тунберг. Грета и нејзините „заробени“ соборци се префрлени во израелско пристаниште, каде што се безбедни и набрзо ќе бидат депортирани на европско тло. Хуманитарната флотила, на која има адвокати, новинари и активисти, носи симболични количества на храна и лекови, ама, ете, мисијата по вторпат не е успешна. Голем број европски држави ја признаа палестинската држава, која нема државни белези оти без крчмарот нема есап. И уште нешто. Политиката се занимава многу повеќе со последиците, а причините секогаш се магливи.
А сега малку за случувањата во ано домини 1978 од минатиот век, кои се важни за континуитетот на цивилизацијата. Се случи киднапирање на поранешниот италијански премиер Алдо Моро. Неговото безживотно тело е пронајдено во еден автомобил, во непосредна близина на Рим. Израел го напаѓа Либан, а Виетнам Камбоџа. На Виетнам како да му влезе во крв да војува и по трагедијата што ја доживеа во војната со САД. Почина папата Павле VI, а избран беше Јован Павле 1 – Војтила. Комунистичката партија на Кина под водство на Денг Сјаопинг ја напушта маоистичката политика и усвојува програми за далекосежни економски реформи.

Дали Денг успеа во својата визија? Резултатите што во моментов ги постигнува Кина зборуваат најдобро за тоа. Новиот шпански устав донесен преку референдум воведе демократија во таа држава, која со години беше под фашистичката стега на генералот Франко. „Абба“ е музичко име што е на врвот на музичките топ листи. Агнета, Ани Фрид , Бени и Бјорн се господари на музичката сцена. „Би џис“ владее со „Треска на саботната вечер“ и „Да се остане жив“, „Квинси“ со „Ние сме шампиони“, додека Дејвид Боуви веќе една година во Берлин снима филм со целулоидната ѕвезда Марлен Дитрих. Откако се појави како гостин на гитаријадата во Заечар, Србија, нашата „Леб и сол“ има хиперпродуктивен перформанс учествувајќи и на легендарниот „Љубљана џез-фестивал“, а Стефановски со ореол на еден од најдобрите југословенски гитаристи, заминува во Лондон за да ги отсвири гитарските делници на заедничкиот албум со Ивандиќ и Лазар Ристовски. Киноблагајните ги полнат извонредната сага за виетнамската војна на Чимино „Ловецот на елени“, со Роберт де Ниро и Мерил Стрип, и хоророт на Карпентер „Ноќта на вештерките“…
Воопшто не ми се јасни забраните во демократијата, кои не ѝ прилегаат. По ловот на вештерките на сенаторот Мекартни во доцните 1950-ти во САД, беа забранети и комунистичките партии во земјите колепки на демократијата. Во име на вистината, тие „сами“ од себе згаснаа. Никој од Истокот, та дури ни Сталин, не го забрани фашизмот. Едноставно, тоа се подразбираше…

Љубомир Јованоски