Косата и идеологијата

Вчерашниот изумрен свет

Во спомен на драгиот педагог Јован Шарац
„Андоновски, не знам зошто се глупираш со таа коса. Сите ученици носат пристојни фризури, а ти, одличен ученик, на сила се правиш вандал“. Ова се зборови на директорот на гимназијата „Орце Николов“, легендарниот Јован Шарац, од пред приближно 45 години, исклучителен педагог, кого сите го почитувавме. Беше строг, но праведен, стара социјалистичка школа на педагог. Јас бев одличен ученик, но носев долга коса, што беше забрането: ми прогледуваа низ прсти затоа што бев прв и на часовите и на секциите. Ова ми го рече едно утро, кога јас и соучениците седевме во холот на гимназијата, чекајќи да почне првиот час. Тој влезе во гимназијата, а кога тој ќе влезеше, моравме сите да станеме, во знак на почит. Денес директорите поминуваат крај учениците забележани само како досадни муви. И, нормално, станав и јас, во знак на почит. Но проблемот беше што во устата имав огромно парче бурек: само што бев загризал од осминчето со месо, кога тој влезе. И стоевме сите, сите рекоа „Добро утро“, само јас не, зашто го држев одгризокот во уста. Директорот ми покажа со прст да дојдам кај него, во канцеларија. Ми одржа лекција: бурек не се јаде во холот, туку во кантината.
Да, ова е слика од дамнини, за мене од вчера. Ја давам за да видам што се сменило во новиот дигитален свет по однос на поимот „пристојно“. Затоа се враќам на дијалогот во канцеларијата. „Слушам дека свириш и гитара, електрична, дека купуваш плочи од Лондон, дека се занесуваш со некаква група, дека свирите наместо да учите“. Тука си го поткаса јазикот, зашто барем за учењето не можеше ништо да ми каже. Јас молчев, зашто знаев што беше следното. Бидејќи беше Црногорец, директорот почна: „Чашу меда јошт’ нико не попи, што је чашом жучи не загрчи; чаша жучи иште чашу меда, смијешане најлакше се пију“ И праша – кој е авторот на тие стихови. „Петар Петровиќ Његош, другар директоре“, реков (тогаш наместо „господин“ се користеше „другар“ како знак на највисока почит). „Е па, како сега – знаеш дека е Његош, сите ти се петки, а ваму – рок, блуз… Кај оди тоа едно со друго?! Сите црнци што свират блуз сакаат да станат белци, ти на сила се правиш црнец…“ Тогаш најнормално се користеше зборот „црнец“, наместо „Афроамериканец“, без никаква навредлива конотација, и токму она „сите црнци сакаат да станат белци“ покажува дека постоела свест дека црнците се дискриминирани.

Потоа ме подбра за „бунтот“. Јас бев организатор на бунтот. Во тоа време, секој ученик и секоја ученичка мораа во гимназијата да носат „работна облека“, а ја викаа уште и „униформа“. Така се викаше еден темносин, ученички мантил. Исти такви, само подолги, носеа и работниците по погоните на тогашните големи фабрики, на пример „Газела“. Таму периодично одевме на „пракса“ и таа активност беше задолжителна, без разлика дали учиш гимназија или учиш техничко-занаетско училиште. Тоа укажува на едно општество базирано врз поимите „труд“ и „работничка класа“, па затоа и ученичките „униформи“ се викаа „работна облека“. За тоа „униформи“, пак, не треба посебен коментар: Титова Југославија се базираше, освен на поимот „работничка класа“, уште и на поимот „војска“, и тоа беше целата општествена филозофија. Интелигенцијата не беше потребна, освен како партиска (како и денес). Се ценеше формално, а се шпионираше суштински од „Службите“, по кафани и по сите „уметнички дувла“ по кои се собираше. Во неа се гледаше потенцијална опасност од „поткопување“ на уставниот поредок на СФРЈ. Многумина интелектуалци настрадаа без вина, и кој од младите се интересира, нека ја земе прекрасната книга „Комунистичка интима“ на мојата колешка Јасна Котеска.
Јас се побунив против „униформите“ и тој бунт баш тие денови почна да се шири. Значи, двоен грешник: ем долга коса, ем не носи униформа. Но проблемот допрва започнуваше, зашто веќе за десетина дена станавме тројца што не носиме униформа, потоа петмина, потоа седуммина… Денес студентите на приватните факултети имаат вистински модни дизајни од студентски облеки – костуми. И тоа е многу, многу убаво: имаат и академски капи. Ние, пак, бевме третирани не како идни интелектуалци, туку како идна работничка класа. „Слушај, штета ќе биде ти да бидеш исклучен од гимназијава. Ајде овие другиве што не носат, и не се некој капацитет, им ги гледав оценките… А ти?! Зошто си го уништуваш животот? Сјајна иднина имаш пред себе. Потстрижи се, облечи униформа, заврши гимназија, па после ако сакаш свири не гитара, туку контрабас“. Баш така рече и јас никогаш не сфатив зошто во неговите претстави и контрабасот влегуваше во „идеолошки неподобните“ музички инструменти.

Потоа разговаравме: во тој дијалог јас бев нешто како Мишел Фуко (за кој тогаш поим немав), а тој нешто како маршалот Тито. Неговата теза беше дека униформите служат за оние што се посиромашни да не се чувствуваат како граѓани од втор ред. На тоа следуваше мојата „реплика“: а какво е тоа социјалистичко општество што со униформа ГИ КРИЕ социјалните разлики наместо да ги искорени? И зар со носењето униформи не го признаваме токму тоа што го криеме – дека социјализмот нема никогаш да го достигне комунистичкиот идеал на бескласното општество? Тој ме гледаше со симпатија за досетката и рече „За затвор таа памет не ти треба“. Потоа ми рече да се потстрижам (што не го послушав) и да облечам униформа (што го послушав). Компромис, за секој случај!
Зошто не се потстрижав? Зошто косата ми беше поважна од борбата против униформноста? Затоа што чувствував дека таа коса Е ПОСЛЕДНОТО нешто што ми остана од идеолошката диктатура создадена за да се избришат ПОСЕБНОСТА, индивидуалноста, персоналитетот. Тогаш не знаев за тоа, зашто ги немав читано ни Берѓаев со неговата филозофија на персоналитетот, ниту Фуко, кој покажа во каква врска се наоѓаат моќните идеологии и телото, кое ја трпи таа моќ: преку тортури, затвори, бележења, идеолошки жигови. Тогаш не го знаев тоа, ама ГО ЧУВСТВУВАВ.
А сега, во новиот свет: пред некој ден син ми (девет години, а јас имав 16 кога се расправав со директорот) ми покажува модерни фризури, слики од социјалните мрежи. Тоа се познати личности од спортот, музиката, шоу-бизнисот. „На нула“ односно – бричени околу ушите, а горе нешто како кикиришка на петел. Во ЈНА така ги стрижеа оние што беа казнети: тоа што е денес мода, тогаш беше понижување! (Потоа ќе им ја истрижеа и кикиришката, откако ќе се изнасмеевме) Син ми ми вели: веќе неколку деца во школото носат такви фризури и ме подготвува: и тој сака, очигледно, ама „тестира“ што мислам јас.
А мене ми паѓа на памет онаа реченица: „Андоновски, не знам што се глупираш со таа коса. Сите ученици носат пристојни фризури, а ти, одличен ученик, на сила се правиш вандал“. И седнувам да ја запишам. На син ми му велам: „Морам да напишам колумна, ќе разговараме подоцна“. Се врти ли колцето, станав ли и јас Маршал Тито, или има и разлика? Дали и денешниве деца идеологијата ги униформира до толку што својата лична слобода сакаат да ја изразат макар и со ексцентрична фризура (како ние тогаш) или, пак, – ропството на личната слобода (сè им е дозволено денес на училиште) ги притиска до толку, што не можејќи да се најдат различни во ниедна работа – стануваат сите исти?
Јас да сум на место на син ми, би пуштил долга коса. Да се разликувам од другите. Ама ќелав сум. На мои години и биологијата е идеологија. И тоа е тоа. Косата на младите им останува.