АТЕНТАТОТ ВРЗ КИРО ГЛИГОРОВ 30 ГОДИНИ ПОДОЦНА: ПРИЧИНИ И ПОСЛЕДИЦИ
- Една од заедничките црти што ги доближуваат атентатите е објаснувањето дека, каде и да се случат, ги вршат странски агентури со помош на домашни или, обратно, домашни организатори со помош на странски служби. Како и за многу други атентати на светски лидери, така и за атентатот на Глигоров остануваат непознати причините, инспираторите, организаторите и извршителите
Атентатот врз Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна и суверена Република Македонија, останува енигма и по триесет години од тој октомвриски ден. Мистеријата на неоткривање на вистината не е необична во светската практика дури и во најорганизираните држави, како што е Америка. Таму и по 62 години сѐ уште е актуелно прашањето кој го уби претседателот Кенеди. Една од заедничките црти што ги доближуваат атентатите е објаснувањето дека, каде и да се случат, ги вршат странски агентури со помош на домашни или, обратно, домашни организатори со помош на странски служби. Како и за многу други атентати на светски лидери, така и за атентатот на Глигоров остануваат непознати причините, инспираторите, организаторите и извршителите.
Република Македонија во 1995 година, неколку години по независноста, навидум стабилна и мирна, плива во мошне сложени околности поврзани со внатрешната и надворешната политика. Предизвикувачки по својата суштина, болни по кревката демократија, опасни по стабилноста и безбедноста, влијателни за натамошниот општествен и економски развој, тие не се наметнуваа на јавната сцена, но ја разјадуваа младата држава сѐ уште несозреана да ги совладува проблемите што се појавуваат.
Распадот почна однатре и порано
Според добро упатените хроничари, климатско жешките денови во август и септември таа 1995 година беа неколку степени пониски од оние на вжештената политичка атмосфера. Веќе почна да се наѕира распадот на владејачкиот коалициски Сојуз за Македонија, зачестија дискретните кавги меѓу Социјалдемократскиот сојуз и Либералната партија на Стојан Андов и се бараше начин да се намали силата на Глигоров и Андов. Во медиумите и во кулоарите се јавуваа шпекулации околу староста и способноста на Глигоров и барања на имиња за негов наследник.
Според сведочења на Андов, претседателот Глигоров му соопштил дека кај него во вилата во Охрид примил делегација на СДСМ, која не дошла да се сонча на плажа туку му побарала оставка. Во делегацијата биле Бранко Црвенковски, претседател на партијата, Тито Петковски, Благоја Ханџиски, Љубомир Данаилов Фрчкоски и Јане Миљоски. Неколку години подоцна поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов, во пензионерските денови, во својата богата мемоарска литература индиректно асоцира дека зад атентатот на 3 октомври можело да стојат структури од Социјалдемократскиот сојуз и македонската полиција, вперувајќи го посебно прстот кон тогашниот министер на полицијата Љубомир Фрчкоски.
Промената на знамето – нов детонатор
Еден од датумите што внесоа отворена политичка бура беше 13 септември 1995 година, дваесетина дена пред атентатот. На тој ден во Њујорк е потпишана Привремената спогодба за нормализација на односите меѓу Македонија и Грција. Со неа Грција се обврза да ја прекине економската блокада на Македонија и да ја отвори границата. Од македонска страна беше дадена согласност за промена на официјалното знаме на државата, што беше и објавено на 24-ти истиот месец. Тоа беше детонаторот што ја запали атмосферата во Македонија. Масовната бура од Привремената спогодба, како и големото незадоволство од промената на знамето, врело ја диктираше и користеше ВМРО -ДПМНЕ, тогаш полумилитантна и пробугарски настроена организација предводена од Љупчо Георгиевски. Сите „стрели“ беа насочени кон Глигоров, го гаѓаа интензивно, му ја префрлаа вината погазувајќи ги сите начела на пристојност.
Кон масовните протести се приклучи и дијаспората, од каде што стигнуваа сериозни закани по животот на Глигоров. Атмосферата што се ширеше сигурно одеше во прилог на создавање услови за атентат, што впрочем и се случи утрото на 3 октомври. На индиции дека зад атентатот стојат групи од ВМРО укажуваа повеќе фактори. Посредни алузии во таа смисла беа изречени и на една од собраниските седници посветени на атентатот. Конечно, нивни членови и симпатизери беа најбројни во статистиката на испитани лица, претресени куќи и лица држани во таен притвор.

Надворешните сомневања и врски
Во деновите по атентатот се развија низа реални и нереални претпоставки за можните надворешни инспиратори, организатори и извршители. Се спомнуваа атентатори од српско-руското подземје, југословенската воена разузнавачка служба КОС, агентите на Слободан Милошевиќ, бугарските и грчките служби. Официјално беше посочена бугарската мултинационална компанија „Мултигруп“ од Софија, што подоцна се покажа како погрешна трага, особено што раководството на таа компанија подоцна го посети и самиот Глигоров во Скопје.
Беше спомнувана некаква „братиславска и чешка врска“, поврзана со Македонци во овие земји. Како еден од можните атентатори, разузнавачката служба ја посочила и „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија, која испраќала писма со закани подолго време. Беа спомнувани профили на политички фанатици, делови од криминално подземје или резидентури на странски разузнавачки служби.
Но ништо од тоа не се докажа, се испостави дека голем дел од посочените претпоставки биле чиста фантазија на немоќното Министерство за внатрешни работи и на импровизациите и фантазиите на тогашниот министер Фрчкоски. Од друга страна, постои раширено мислење дека Министерството за внатрешни работи намерно ја саботирало и ја носело истрагата во погрешен правец. На тоа укажале странски експерти, кои замериле што „мерцедесот“ е мошне брзо тргнат од местото на настанот, а местото е измиено со шмркови вода. Големи замерки имаше и за јаловите претреси на куќи, станови и автомобили броени со неколку илјади.
Учеството на Милошевиќ – енигма што трае
Една од поинитригантните, можеби донекаде и реални претпоставки, е дека атентатот е организиран од српските служби на Слободан Милошевиќ. Интересно е што само еден ден пред атентатот Глигоров беше во посета на Белград, на гости кај српскиот претседател. Атентатот се случи утрото по враќањето од Белград.
Пред да замине во српската престолнина, на брифинг со неколкумина новинари во неговиот кабинет, Глигоров изрази задоволство што ќе разговара со Милошевиќ и што конечно ќе биде постигнат некаков договор за меѓусебно признавање и за конечно одредување на границите. Притоа претседателот изрази мислење дека по потпишувањето на Привремената спогодба со Грција, договорот со Милошевиќ му е последната незавршена работа. Тогаш ниту тој ниту било кој друг имаше претпоставки дека може да настанат проблеми со Бугарија и со Албанија. Сметаше дека македонското прашање со Бугарија е цементирано во македонска полза и дека со Албанија ќе се разбереме на најдобар начин, особено што Албанците учествуваат во владата. Што се однесува до Европската Унија, Глигоров предвидуваше дека некакви договори може да почнат дури во 2021 година, со сосема мали изгледи приемот да се случи и во наредните десет.
Шпекулациите за вмешаноста на Белград во атентатот произлегуваат од неколку фактори. Таа година се официјализира најавата дека Македонија ќе ги потпише договорот Партнерството за мир со НАТО и Спогодбата за соработка и трговија со ЕУ, со што се отворија вратите на евроинтеграциските процеси. Македонија тргна кон Брисел и Вашингтон неповратно. Ова битно геополитичко поместување на југот на Балканот, наводно, го вознемирило нервозниот моќен Србин, кој, наводно, се почувствувал предадено од Глигоров, кого го сметал за пријател и српски приврзаник. Глигоров наводно му го потврдува тоа на Милошевиќ, по што тој се решава да го активира веќе разработениот план за атентатот.
Но неодамна се појави нова, сосема спротивна верзија на тој разговор. Поранешниот телохранител на Милошевиќ, Горан Пајиќ во едно телевизиско интервју изјавил дека Глигоров се договорил со Слободан Милошевиќ Македонија да биде дел од новата Југославија. Од тие причини противниците на таа идеја биле крајно незадоволни и организирале атентат, кој не бил дело на српските, туку на служби од друга земја.
Последици што се чувствуваат до денес
Сите горенаведени збиднувања и настани, секој на свој начин, влијаеле да дојде до атентатот, иако не може да се исклучат и други влијанија и интереси на домашни фактори и странски држави. Ако се прави заклучок, треба да се каже дека деновите пред и по атентатот оставија сериозни последици по државата. Ја променија општата слика за Македонија како стабилна држава, како земја во која демократските процеси се одвиваат на најрегуларен начин.
Меѓусојузничката битка на коалициските партнери во 1995 година траеше подолго време. Владејачкиот Сојуз за Македонија, кој го сочинуваа СДСМ, либералите и социјалистите, се распадна два и пол месеци по атентатот, само десетина дена откако Глигоров се врати на работа на почетокот на јануари, по неколкумесечното лекување. Набрзо, на средината на февруари, Црвенковски формираше нова влада без министри од партијата на Андов. Со таа пресметка Црвенковски ја зацврсти и засили својата позиција и суверено владееше до изборите есента 1998 година. Во меѓувреме бараше нови предвремени избори, но претседателот го одби тој предлог со образложение дека Македонија е млада држава и дека чести избори може да ѝ донесат повеќе штета одошто корист. Раководството на СДСМ не беше баш задоволно со тој став на претседателот.
Македонија остана со мек стомак
Распадот на Сојузот за Македонија ја промени личната карта на власта, ја смени ориентацијата во развојот на демократските процеси, придонесе подоцна некои видни политичари, одделувајќи се од СДСМ, да се приклонат кон политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го направија Стојан Андов, Петар Гошев, а подоцна и Тито Петковски и Љубисав Иванов. Дури и верниот сојузник, албанската Партија за демократски просперитет веќе ја губеше довербата во главниот коалициски партнер. Конечно, на изборите изборите во 1998 година СДСМ изгуби катастрофално од коалицијата на ВМРО–ДПМНЕ и Демократска алтернатива. Глигоров не се кандидираше за нов мандат, претседател стана Борис Трајковски, кој загина во околности за кои сѐ уште има големи сомневања.
Последиците на она што се случуваше пред триесет години се чувствуваат до ден-денес. Новите власти не го положуваа испитот на времето, подлегнуваа на искушенијата, внатрешни и надворешни. Република Македонија ги отвори вратите за отворено мешање на странските држави, а со тоа и на нивните агентури. Државата помина низ бранувани периоди на војна, на шарена револуција, на афери со тајно прислушување. Го смени името, заталка на патот кон Европската Унија која на државата ѝ поставува услови извадени од пеколот. Република Македонија до денес остана со мек стомак и, покрај сите сегашни напори, нешто да се смени.