Минатиот месец филмскиот свет се прости од една од најголемите легенди на филмското платно, Роберт Редфорд, а само една недела подоцна, големата сцена остана посиромашна за уште една мегаѕвезда. Светот го напушти и актерката Клаудија Кардинале, гламурозен симбол на италијанската кинематографија по Втората светска војна, која уживаше во долга и разновидна актерска кариера на филм и во театар. Таа почина на 87-годишна возраст.

Рани години и почетоци

Израсната во Тунис во семејство со сицилијанско потекло, Кардинале влезе во светот на филмот во 1957 година, откако победи на избор за убавина во Тунис и доби награда – патување на Филмскиот фестивал во Венеција.
Нејзиниот глас мораше да биде синхронизиран за првите италијански улоги, бидејќи пораснала во семејство каде што се зборувало на сицилијански дијалект, а учела во француско училиште.
Нејзината рана кариера беше дополнително искомплицирана со тајна бременост, за која подоцна кажа дека била резултат на насилна врска. Во Лондон во 1958 година го роди синот Патрик, кој со години беше претставуван како нејзин помал брат и го воспитуваа нејзините родители.
По серија помали улоги, светската слава ја постигна во 1963 година со „Осум и половина“ на Федерико Фелини и „Гепардот“ на Лукино Висконти, каде што играше заедно со Берт Ланкастер. Снимањето на два филма во исто време носеше и проблеми – Кардинале мораше да има различна боја на коса за двете улоги.

Подемот на нејзината кариера и Холивуд

Нејзиниот подем ѝ ја отвори вратата кон Холивуд, каде што се појави во комедијата „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс, а потоа и во култниот вестерн „Беше еднаш на Дивиот Запад“ на Сержо Леоне (1968).
Во 1970-тите нејзината кариера беше погодена по разделбата со продуцентот Франко Кристалди. Таа започна врска со режисерот Пашквале Сквитери, со кого ја доби ќерката Клаудија. Кристалди, пак, ги повика своите пријатели и соработници во италијанската киноиндустрија да ја бојкотираат Кардинале, па Висконти дури ја одби за неговиот последен филм „Невиниот“ (1976).
Франко Зефирели ѝ подаде рака, вклучувајќи ја во телевизиската мини-серија „Исус од Назарет“ (1977). Подоцна работеше и со европски режисери како Вернер Херцог и Марко Белокио.
Со својот рапав глас и навиката да пуши, Кардинале имаше имиџ на силна и независна жена. Еднаш дури и ги игнорираше протоколите на Ватикан, појавувајќи се на средба со папата Павле Шести во мини-здолниште.

Кардинале со незаборавна улога во филмот на Фелини

Не беше изненадување кога Федерико Фелини ја избра Клаудија Кардинале во „Осум и половина“ (1963) за да ја глуми девојката од соништата на неговото алтер его на екранот. До тој момент, Кардинале, која почина на 87 години, веќе се издигна како голема италијанска филмска ѕвезда. Истата година, таа се појави и како заводлива Сицилијанка во „Гепардот“, големата адаптација на Лукино Висконти според романот на Џузепе Томази ди Лампедуза.
Оние што ја виделе целосната верзија на филмот никогаш нема да ја заборават сцената на нејзиниот валцер со Берт Ланкастер, во улога на остарениот принц. Филмот му донесе на Висконти „Златна палма“ во Кан. На крајот на деценијата, Кардинале стана меѓународна ѕвезда, а нова слава стекна и со единствената женска улога во епохалниот вестерн на Сержо Леоне, „Беше еднаш на Дивиот Запад“ (1968).

Филмови што ја лансираа Кардинале меѓу ѕвездите

Првиот ден кога таа и Фонда снимаа заедно беше токму љубовна сцена во студио во Рим.
– Беше многу непријатно за нас двајцата, затоа што беше поканет и печатот. Хенри ми призна подоцна дека тоа било првпат да снима вистински еротска сцена – изјави таа.
Трите филма што ја лансираа како нова ѕвезда на италијанското кино беа книжевни адаптации режирани од Мауро Болоњини. Во „Убавиот Антонио“ (1960) беше несреќна сопруга на ликот на Марчело Мастројани; во „Вијача“ (1961) беше селанка што станува проститутка; во „Сенилност“ (1962), според романот на Итало Звевo, беше фотографирана толку впечатливо што дури и го засени лошо одбраниот партнер Ентони Франчиоса. Критичарите почнаа да ја нарекуваат „италијанската Луиз Брукс“.
Истата година ја доби и првата значајна улога на англиски јазик, во „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс. Тој дури го премести снимањето во Рим за таа да може да ја игра индиската принцеза.
Следуваа главни улоги во неколку холивудски продукции, меѓу кои „Светски циркус“ (1964) со Џон Вејн и „Професионалци“ (1966) со Ланкастер, кој таа го сметаше за свој најдобар холивудски филм. Сепак, секогаш се чувствуваше пред сè како европска актерка и во 1970-тите се врати на континентот, населувајќи се во Париз.

Подоцнежни години, признанија и животот во Франција

Голем дел од животот го помина во Франција, каде што беше блиска со претседателите Франсоа Митеран и Жак Ширак, а кон крајот на кариерата се сврте кон театарот, добивајќи пофалби за своите настапи.
До доцна во животот продолжи да снима филмови на различни европски јазици, вклучувајќи ја и швајцарската ТВ-серија „Буле“ во 2020 година.
Во 1980-тите играше значајни улоги, меѓу кои и во „Кларета“ (1984) како љубовницата на Мусолини, а во 1982 година кај Вернер Херцог во „Фицџералдо“. Учествуваше и во ТВ-адаптацијата на романот „Сторијата“ (1986).
Четириесет години по својот прв настап во Венеција, фестивалот ѝ додели „Златен лав“ (1997), а во 2002 година доби и награда за животно дело во Берлин. Во 2000 година дебитираше и на театарската сцена во Париз со „Ла Венециана“, но продолжи да снима до 2022 година.
Живеејќи во Франција, таа работеше за УНЕСКО, додека Сквитери остана во Рим. Се разделија во 1990-тите. Ќерката Клодин се роди во 1979 година, а истата година Кардинале стана баба на ќерката на Патрик – Лучила.
Кардинале, актерка, родена на 15 април 1938 година, почина на 23 септември 2025 година. Во светот на филмот ќе остане запаметена како гламурозната икона со рапав глас.