ШАХ – ВО ПАРТИЈА ПРОТИВ СВЕТОТ
- Во шаховската партија против светот на интернет-порталот „Чес“, тој официјално го собори светскиот рекорд за најголем шаховски натпревар во живо, надминувајќи 144.000 учесници
Интернационалниот мајстор (ИМ) ИМ Леви Розман (29), влезе во шаховската историја, откако по само два потега во шаховската партија против светот на интернет-порталот „Чес“ официјално го собори светскиот рекорд за најголем шаховски натпревар во живо, надминувајќи 144.000 учесници, пишува „Чес“. Претходниот рекорд од 143.564 учесници во живо беше поставен во мај годинава, со дуелот на Магнус Карлсен против светот, каде што најдобриот шахист во светот изненадувачки ремизира. Со оглед на тоа што секој може да се придружи до последниот потег, се очекува бројот да се зголеми уште повеќе и евентуално да се искачи до 200.000. До моментот кога почна партијата, речиси 130.000 играчи се пријавија. Од нив, 100.000 гласаа за првиот потег.
– Натпреварите против светот се посебна можност за обединување на шаховскиот свет. Прекрасно е да се види како ентузијазмот и учеството растат од меч на меч – рече Сем Коупленд, раководител на заедницата на „Чес“.
Рекордот падна кратко откако светот одигра потег 2.д4 како одговор на одбранбениот потег на Розман 1…ц6, познат како одбрана Каро-Кан. Розман, кој себеси се нарече „учител по шах на интернет“, е една од највлијателните личности во шаховскиот свет, благодарение на неговиот јутјуб-канал (кој има неверојатни 6,7 милиони претплатници). Г.И.