ЏУДО – УТРЕ ВО ПРИЛЕП

Во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп утре ќе се одржи 15. традиционален меѓународен турнир во џудо „Прилеп град херој 2025 – Цевитана куп“. Турнирот е во организација на џудо-клубот Сеишин од Прилеп, а со поддршка на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) и е за возрасните категории, деца, помлади пионери и пионери, во машка и во женска конкуренција.
Организаторот информира дека во согласност со досега пријавените клубови се очекуваат натпреварувачи од околу девет европски џудо-федерации (Србија, Црна Гора, Турција, Англија, Албанија, Грција, Бугарија и Косово, како и домашните клубови на Македонија), но точниот број на клубови и учесници ќе се знае пред почетокот на овој спортски настан.
Организаторот ги поканува сите љубители на борачките вештини да ги проследат борбите, кои ќе се одржат утре, со почеток во 10 часот. Влезот е слободен, информираат од прилепскиот клуб Сеишин. Г.И.