Граѓаните најмногу бараат поликлиника и Општина Бутел денеска распишува тендерска постапка за нејзина изградба, соопшти на денешната прес конференција градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски. Новата поликлиника Бутел ќе се гради на улица „Бутелска“, на местото на постојната модуларна амбуланта. Ќе има приземје и кат. Околу 118 милиони денари ќе чини целиот проект.
-Општина Бутел обезбеди планска документација. Донесовме ДУП на 16.02 2024 година. Го донесовме едногласно. Зацртавме маркица за нова поликлиника. Веднаш потоа обезбедивме проект во вредност од 3 милиони денари. Целосна проектна документација – рече Костовски.
Додаде дека се обезбедени 117 милиони денари, од кои 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од Општина Бутел.
Костовски посочи дека се работи за модерна поликлиника, која ќе се простира на 1.500 квадратни метри. Тендерската постапка се очекува да трае околу еден месец.
Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека оваа поликлиника е пример за соработка меѓу централната и локалната власт.
-Во новата поликлиника ќе има општа медицина, ординации за педијатрија, биохемиска лабораторија, кабинет за радиологија, стоматологија, гинекологија, психијатрија… – рече Алиу.
Одговорајќи на новинарско прашање, Костовски изјави дека по завршувањето на тендерската постапка и откако ќе биде избрана фирма, се очекува веднаш да бидат поставени темелите на новата поликлиника или не повеќе од два месеца. Рокот е 18 месеци според условите поставени за градба.