Фото/Илустрација: Пиксабеј

Германија одобри извоз на оружје за Израел во вредност од најмалку 2,46 милиони евра откако спроведе делумно запирање на извозот, се наведува во одговорот на Сојузното министерство за економски прашања на парламентарната истрага на Левичарската партија.

Исто така се истакнува дека пратките вклучуваат „друга воена стока“ а не оружје.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц на 8 август нареди привремено да се суспендира извозот на воена опрема што може да се користи во конфликтот во Појасот Газа. Пред тоа, Берлин постепено ги интензивираше критиките кон Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, но се воздржа од санкции.

Во првите пет недели по суспензијата, не беа издадени одобренија за извоз. Сегашните одобренија, кои го опфаќаат периодот до 22 септември, покажуваат дека пратките во вредност од 2,46 милиони евра се случиле помеѓу 13 и 22 септември. За споредба, од 1 јануари до 8 август 2025 година, извозните лиценци за Израел изнесувале вкупно околу 250 милиони евра.

Не е познато што е извезено во Израел. Во одговорот на Министерството за економија се наведени осум категории, вклучувајќи ракети, торпеда, воени бродови и поморска опрема. Но, бидејќи извозот не е класифициран како воено оружје и вкупната вредност е релативно мала, пратките веројатно вклучуваат додатоци или опрема.