Урсула фон дер Лајен / Фото: „Нова Македонија“

Европа останува на своите цели за постигнување климатска неутралност до 2050 година, инвестирање во чисти технологии и обезбедување праведна зелена транзиција, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во видео обраќањето на собирот „Климатска акција во ваш интерес“ што се одржува денеска во Брисел во организација на Генералниот директорат за климатски акции на ЕК (ДГ КЛИМА).

– Ова ја покажува Европа во најдобро издание, како континент на иновации и обнова, подготвен да изгради еколошки чиста иднина. Тоа е целта на Европската комисија – нагласи Фон дер Лајен.

Таа посочи дека денес десет години по склучувањето на Парискиот договор за климата, Европа постигна вистински напредок во заштитата на животната средина и борбата против климатските промени.

– Нашите емисии на штетни гасови се намалени за речиси 40 отсто во однос на 1990 година. Половина од нашата електрична енергија доаѓа од обновливи извори. Инвестициите во сончева и енергија од ветер само оваа година се зголемени за повеќе од 60 отсто – рече Фон дер Лајен.

Сепак, според неа, природата секојдневно не потсетува дека климатските промени се растечка закана за европската безбедност, па затоа мора да се направи повеќе со користење чисти технологии, намалување на емисиите на штетни гасови и враќање на природата во градовите, со што тие ќе станат поотпорни, похумани и попогодни за живот.

Фон дер Лајен истакна дека Европа е на добар пат да ја достигне целта за намалување на емисиите на штетни гасови за 55 отсто до 2030 година споредно со нивото од 1990, со што ја потврдува својата посветеноста да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година.

– Секако, начинот на кој ќе ги постигнеме овие цели ќе биде поинаков. Светот се промени. Глобалната конкуренција е жестока и не е секогаш фер. Ни треба поголема флексибилност, повеќе прагматизам. Но, со останување на курсот, обезбедуваме стабилност за работниците, јасност за бизнисите и сигурност за инвеститорите и му покажуваме на светот дека Европа е сигурен партнер – истакна Фон дер Лајен.

Според неа, една од секои пет чисти технологии во светот е во Европа, но за да ја добие трката за чиста технологија, ЕУ ќе мобилизира над 100 милијарди за индустриска декарбонизација.

– Над 35 отсто од вкупниот буџет ќе оди за проекти поврзани со климата и природата, бидејќи чистите технологии на иднината не само што мора да се користат во Европа, туку мора тука и да се создаваат – рече Фон дер Лајен.

Таа истакна дека придобивките од зелената транзиција мора да ја почувствуваат сите Европејци, па затоа ЕУ обезбедува речиси 90 милијарди евра преку Фондот за социјална клима за поддршка на домаќинствата и бизнисите кои се најмногу погодени од оваа транзиција.

– Знаеме дека обновливата енергија сега е најевтиниот облик на енергија. Но, премногу често граѓаните не го чувствуваат тоа во своите сметки. Значајна причина за тоа се тесните грла во нашите енергетски мрежи. Затоа овој месец започнавме нова иницијатива за „енергетски автопати“ со цел придобивките од чистата енергија да стигнат до секој агол од нашата Унија – истакна претседателката на ЕК.

Според неа, во последната деценија ЕУ премина од амбиција на акција и испраќа јасна порака дека останува на тој курс.

– Но, за да го оствариме тоа, ни требате сите вие. Истражувачи и научници – за да ги поместат границите на иновациите. Претприемачи – за да ја претворат амбицијата во добри работни места и отпорни индустрии. Лидери на заедниците – за да покажат дека промените се можни на терен. И млади луѓе – за да продолжат да туркаат напред. Заедно, ќе ја направиме Европа не само првиот климатски неутрален, туку и најконкурентен, најпросперитетен и најбезбеден континент – заклучи Фон дер Лајен.