Осврт кон историската пресуда за поранешниот француски претседател Никола Саркози (2)

  • Пресудата за поранешниот француски претседател Николас Саркози поттикна различни реакции на политичката сцена во Франција, при што неговите истомисленици му изразија поддршка, додека политичките противници му се потсмеваа. Но во наративот доминираат гласните и остри критики кон судството, кои не стивнуваат со денови

„Нова Македонија“ преку својот дописник од Франција, Тони Гламчевски, во неколку продолженија за своите читатели од прва рака ќе ги пренесе атмосферата, фактичката состојба и впечатоците на нашиот новинар поврзани со историскиот судски процес во Франција: Државата против Никола Саркози, поранешен претседател на Петтата Република. Тој беше обвинет за 68 противправни поведенија, прекршоци и кривични дела, од кои се издвојуваат три кривични дела со исклучителна кривичноправна тежина: „корупција, примање украдени јавни средства и нелегално финансирање на кампањата“. Историскиот процес е мошне значаен и за нашиот правосуден систем за подлабоко да го анализира, особено во делот на неселективноста и принципот дека пред правдата сите граѓани се еднакви, а во судско-обвинителскиот дел, случајот „Саркози“ особено да ги охрабри во правораздавањето за да го расчистат напластениот баласт во нашата држава, почнувајќи од извршените воени злосторства, вклучувајќи ги и велепредавствата сторени за кршење на Уставот, донесување противуставни закони и потпишување меѓународни договори спротивни на националните интереси. Денес ви го претставуваме второто продолжение

„Политичка пресуда“, „желба за понижување“… на тој начин десницата огорчена од пресудата за Никола Саркози ја коментира судската одлука. Неколку лидери на републиканците го критикуваат принципот на привремена егзекуција на казната применета за поранешниот претседател на Франција во судењето Саркози-Гадафи. Бруно Ретајо се надева дека Саркози ќе може да „ја потврди својата невиност“. Ретајо ја направи „чесноста“ негова политичка мантра и слоган за поттикнување на поддршката.
– Правото што го сакам е она што пред сè ја брани Франција на чесни луѓе – повторува претседателот на партијата Републиканци од 18 јуни и почетокот на оваа кампања со постери. Сепак, на републиканците можеби им е помалку удобно да го бранат овој лајтмотив по судската пресуда против Никола Саркози, последниот десничарски претседател на Републиката (2007-2012).

Коментари за изречената пресуда се дозволени

Сепак, неколку лидери на републиканците ја осудија неговата петгодишна затворска казна изречена од страна на парискиот суд во четвртокот, за заговор за извршување кривични дела во врска со можното либиско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година. Оваа казна беше придружена со налог за одложено привремено извршување, што го направи неговото затворање неизбежно.
– Овој исклучителен третман, кој е неоправдан, кажува сè за оваа политичка пресуда. Ако толку многу веруваа во својата казна, зошто се плашеа судиите од чекање одлука за жалба? – напиша членот на републиканците, европратеникот Франсоа-Ксавиер Белами, на социјалната мрежа Икс.
Како и при осудата на Марин Ле Пен во случајот со асистентите на европратениците од Националниот фронт, кој стана Национален собир (РН), критикуван е токму принципот на привремено извршување.
– Кој помислува дека Никола Саркози би сакал да избега во странство кога одговорил на сите покани од судовите – протестираше Жофрој Дидие на БФМ-ТВ.
Потпретседателот на ЛР гледа само една можна причина за ваквата разврска – желбата да се понижи поранешниот претседател на Републиката. Тој ја осудува „грешката на судската власт што ја поткопува каузата на правдата“.

Солидарност

Сенаторoт на републиканците, Стефан Ле Рудилие, за Буш-ду-Рон, оди уште подалеку во својата критика кон правосудниот систем. Тоа е „бесмислена одлука што им штети на нашата земја и на нашите институции“, се жали сенаторот, кој го повикува Емануел Макрон да му даде на Никола Саркози претседателско помилување. Гест што го смета за „суштински за нацијата и достоинството на човекот и на неговата функција“.
Бруно Ретајо, пак, усвои поумерен тон.
– Никола Саркози, ослободен од три од четирите обвиненија и претпоставен за невин, поднесе жалба на одлуката. Не се сомневам дека ќе ја посвети целата своја енергија на одбрана пред апелациониот суд и на потврдување на својата невиност – напиша министерот за внатрешни работи во оставка. Поштедувајќи го Саркози, претседателот на републиканците потсети на неговите постапки во корист на нацијата, иако не беше секогаш меѓу нејзините главни поддржувачи: „преку својата енергија и решителност, Никола Саркози многу придонесе за Франција. Тој отсекогаш беше верен слуга на својата земја“.
Други десно ориентирани политичари ја изразија својата солидарност со поранешниот претседател, но без да се задржуваат на суштината на случајот. Ова е случај со Лоран Вокиез, кој истакна: „Никола Саркози отсекогаш ѝ служел на Франција со страст и посветеност. Сакам да ги повторам мојата поддршка и благодарност за државникот што даде толку многу за нашата земја и моето пријателство кон човекот“. Пофалби за Саркози има и претседателката од републиканците на регионот Ил де Франс, Валери Пекрес: „Никола Саркози беше одличен претседател на Републиката, кој знаеше како да ја реформира нашата земја и да ја заштити низ кризи. Денес имам лична мисла за него и неговото семејство“.

Сарказам

Од десницата, ѕвездата на Никола Саркози сериозно исчезна во последните години. Иако тој останува важна фигура (беше последниот што ја водеше својата партија до победа, во 2007 година), консултирана и слушана во политичките кругови, но неговиот табор не го „преживеа“ неговото повлекување од политичкиот живот, од каде што „исчезнаа“ водечки фигури, освен Рашида Дати.
Некои избрани функционери му се лутат поради неговото зближување со Емануел Макрон, иако помалку во однос на влегувањето на министрите од републиканците во владата во септември 2024 година. Во јули, средбата на Саркози со претседателот на РН, Џордан Бардела, ги налути неколкуте избрани функционери од републиканците.
– Тоа му дава легитимитет и ја оживува можноста за унија на десницата – осуди еден пратеник.
– Ако дојде до распуштање на Националното собрание, како ќе им објаснам на моите гласачи дека го отфрлам овој сојуз кога нашиот поранешен лидер сугерира дека е добра работа? – се прашуваше друг избран функционер во времето на оваа средба.
Додека саркозиизмот се чини дека излегол од мода кај десницата, никој не ја слави осудата на поранешниот шеф на државата. Сепак, кај левицата, сарказмот беше на дневен ред во четвртокот, маскирајќи извесна радост.
– Конечно го има својот нов петгодишен мандат – рече Бенџамин Лукас-Ланди, пратеник на Зелената партија за Ивлин.
Од своја страна, националната секретарка на Зелената партија, Марин Тонделиер, го искористи визуелниот приказ на невладината организација „Атак“, извртувајќи го слоганот „Франција на чесни луѓе“: „Благодарност до Никола Саркози и републиканците што секогаш даваат пример“, се пошегува таа. Поделбата меѓу левицата и десницата опстојува и кога станува збор за хумор.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

продолжува