Фото: „Нова Македонија“

Трамп го смести либерален Брисел на „магарешка клупа“ (2)

  • Без пари за финансирање на ЕУ и нејзините членки, Германија веќе ја изгуби својата лидерска позиција во Унијата, а Франција е со истрошен капацитет да го пополни вакуумот во моќта

Во ова време на најдлабоката криза од Втората светска војна, Европа останува без лидер, а некаков вид лидерство е она што ѝ е најпотребно сега. Европската Унија остана без ефективен лидер, анализирано и од аспект на поединци (лидери личности) и од аспект на држави лидери, кои ќе бидат нејзина влечна локомотива. Од самиот почеток, лидери беа Германија и Франција, но овие земји веќе се со длабоко еродиран лидерски капацитет. ЕУ е обезглавена и само талка низ „дворот на Америка“. Во исто време, бриселската бирократија, која е сѐ пооддалечена од реалниот живот на европските народи од кога било досега, ја опсипува јавноста со бесмислени ветувања за „европска перспектива“, и тоа примарно низ една воена диоптрија, односно агресивна либерално- глобалистичка доктрина, која очигледно е на залезот, но сѐ уште „жива и прета“.
Меѓутоа вкоренетата надменост на бриселските елити, комбинирана со отуѓеност од реалните трендови и состојби, арогантната одбивност кон изворните темели на Унијата и стриктното почитување на меѓународното право, кое го толкуваат според својата гореспомената доктрина, причинуваат дел од нациите и државите во Европа (и оние што се во ЕУ, а особено оние што се во чекалницата на Унијата многу години) да се чувствуваат манипулирани и измамени. Тука сме и ние.
Така, бриселските квазилидери се обидуваат да ги измамат и Македонците и другите македонски граѓани продавајќи евтина европска магла, која засега мнозинството Македонци не прифаќаат да ја „купат“ по понудената цена – да не бидат тоа што се – Македонци.

Дали е залуден напорот да се најде лидер на толку геополитички безначајната
Европска Унија?!

Паѓањето започна пред неколку години кога економската, а со тоа и политичката криза на Западот и Европа се продлабочуваше. Поради урнисувањето на својата економија, Берлин повеќе нема пари да финансира други земји. Без пари за финансирање на ЕУ и нејзините членки, Германија веќе ја изгуби својата лидерска позиција во Европската Унија и она што остана од Унијата. Не само тоа, Германија се соочува и со внатрешна нестабилност, граѓанските протести стануваат сè почести, а централната влада во Берлин брзо губи секаков авторитет. Франција, по топењето на германското лидерство, има лидерски амбиции, но нема капацитет. Претседателот Емануел Макрон се обидува да ги прикрие овие суштински француски проблеми со разни ветувања и проекти за преземање на лидерството во ЕУ, но сето тоа е само купување време и замачкување очи. Французите сѐ повеќе горат од желба да го испратат на политичка гилотина и да не им биде ниту една секунда повеќе претседател. А Франција под негово (не)раководење двојно повеќе нема капацитет да ја води ЕУ.
Европските лидери продаваат евтина европска магла, додека се очекува европскиот колапс.
Додека ЕУ се обидува да најде свој лидер, макар тоа бил потајно и самиот Доналд Трамп, ЕУ мака мачи да го одбегне колапсот, поради внатрешните растечки турбуленции и поделби меѓу нејзините држави членки. Се наметнува впечатокот дека е можеби веќе и залуден напорот да се најде лидер на геополитички безначајната Европска Унија. Низ Европа расте и мислењето дека нема такви што би можеле да бидат новите лидери. Покрај тоа, можеби дури и нема да има потреба од нов лидер, бидејќи Европската Унија можеби и нема да постои по одреден број години, или барем нема да биде Унијата што постоеше дотогаш. Во меѓувреме, поточно веќе сега, европската интеграција сè повеќе се распаѓа како проект измелезен од актуелните елити во Брисел.

Во очекување лидер чиј збор ќе тежи и за самата ЕУ, а и за државите аспиранти за интегрирање во новата Унија

Можеби не сите, но голем број европски држави се вртат кон себе, интеграцијата е во втор план, и секој си е загрижен за прашањето на сопствениот опстанок.
Брисел лута со интеграцијата, а во меѓувреме, Брисел ќе продолжи да издава изјави со чудни полуизградени агенди за реформи и реструктурирачки планови. Овие изјави ќе ги придружуваат и патувањата на бриселските бирократи низ таканаречениот Западен Балкан, како единствена преостаната област на експлоатација на Брисел, заканувајќи им се на локалните лидери и нудејќи им повеќе не ЕУ, туку „европска перспектива“, европски пат. Ова е секако бесмислено бидејќи овие земји одамна се во Европа, па затоа „европската перспектива засега е неоснована манипулација“.
Во еден таков контекст, во отсуство на здрав европски лидер, визионер за патот на ЕУ во следните сто години, лидер чиј збор ќе тежи и за државите аспиранти за интегрирање во новата ЕУ, Македонија треба да биде уште потрпелива. Ако досега ни се наметнуваа нови и нови пречки и задачи од либерален Брисел во комплет со други европски центри за производство на хегемонизам, што нѐ спречуваше принципиелно (според Копенхашките критериуми) да се интегрираме, сега сме во кондиција да почекаме уште малку. Нека дојде нов лидер на ЕУ, па ако сака нека биде и Трамп.
Дотогаш ќе набљудуваме како ваквата ЕУ ќе испарува како мразот на врелото европско сонце.

Свето Тоевски

крај