Северна Кореја никогаш нема да се откаже од своето право да биде нуклеарна сила – изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи Ким Сон Гјонг пред Генералното собрание на Обединетите нации.
Ретко се случува некој од Северна Кореја да се обрати од говорницата на Генералното собрание на ОН, коментираат светските медиуми.
– Пјонгјанг уште во 2022 година го прогласи својот статус на нуклеарна сила за „неповратен“, а веќе следната година тоа го вгради и во својот Устав. Затоа, наметнувањето на „денуклеаризација“ на Северна Кореја е еднакво на барање таа да се откаже од својот суверенитет и право на постоење – изјави Ким Сон Гјонг.
– Никогаш нема да се откажеме од нуклеарната енергија, која е наш национален закон, наша национална политика и наша суверена моќ, како и нашето право на постоење – рече тој.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун минатата недела изјави дека е подготвен да продолжи со контактите со САД доколку Вашингтон се откаже од идејата да ја лиши неговата земја од нуклеарно оружје – пренесуваат официјалните медиуми во Пјонгјанг.
Северна Кореја спроведе шест нуклеарни проби меѓу 2006 и 2017 година, а оттогаш продолжи да го развива својот арсенал и покрај строгите меѓународни санкции.
Минатата недела, новиот претседател на Јужна Кореја, Ли Џе-Мјунг, инсистираше на потребата за обновување на довербата со северниот сосед и за завршување на „маѓепсаниот круг на воени тензии“.