Во кафе-книжарниците „Буква“ и „Илика“ се одржува второто издание на фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“ во организација на здружението за афирмација на младинската култура „Култура бета“.
Фестивалот нуди богата и разновидна програмата составена од книжевни промоции, музички настани, изложби, дискусии, работилници и донаторски базар. Централни настани се промоциите на две книжевни изданија на „Култура бета“. Станува збор за промоциите на списанието за општа култура „Тригер“ и на новата стихозбирка на младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски, „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, која ќе се случи денеска, со почеток во 21 часот, во кафе-книжарницата „Буква“.
Од музичките настани, фестивалот нуди програма што вклучува некој музички избори и диџеј-сетови. Денеска во кафе-книжарницата „Илика“ за музиката ќе се погрижат Ивана Јовановска, Калина Качоровска и Наде Циева, а Марко Печеновиќ ќе настапи со својот музички проект „Иш и јас“. Фестивалот, исто така, завршува со музика – со диџеј-сетот на „Турбо ХХХ клуб“.
Фестивалот беше отворен со едно поетско матине „Се читаме!“ каде што настапија 11 поети и поетеси од повеќе генерации. Имаше и дискусијата со наслов „Уметникот како активист: избор или потреба“ со Мања Величковска, Борјан Гаговски и Бојан Шашевски–Шаше. Се одржа и колаж-работилница курирана од Филипа Сара Попова и Марко Трпевски, како и предавање за сириска протестна музика модерирана од Марија Хана Трајковска и Борис Дебси. Во рамките на фестивалот ќе бидат поставени и две изложби: „Рекапитулација“, изложба на дела од пет млади уметници во „Буква“, и „Непрекинато движење“, изложба на концертна фотографија во „Илика“.
Стожерен настан на фестивалот е донаторскиот базар на стари книги, плочи и цедеа, кој е направен со цел собирање средства што повторно ќе бидат вложувани во организирање нови настани и издавање изданија од „Култура бета“.
Целта на овој пристап е заедницата директно да се вклучи во одржливоста и организацијата на културните настани, како и самата да придонесува кон креирање култура во градот. Во рамките на донаторскиот базар публиката ќе може да го посети и штандот на „Партизанска штампа“, а оттаму ќе печатат во живо и ќе бидат достапни и нивните нови изданија.