Фото: „Нова Македонија“

Откога ќе зачестат посетите на странците во Македонија, кој е начинот да ги задржиме подолго?

  • Со растот на бројот на странски посети во Македонија се отвораат и дополнителни прашања за искористување на туристичкиот потенцијал на земјава. За подобрување на понудата и туристичките капацитети, за нивно задржување што подолго време, за дополнително привлекување на посетителите од странство кај нас и општо за унапредување на искуството на туристите во Македонија, со цел да стекнат подобри впечатоци и да се вратат повторно

Мотивирачка околност е што бројот на туристи во земјава е во перманентен раст, што е позитивен тренд, особено фактот што имаме пораст на посети на туристите од странство. Бројките што ги објавува домашниот статистички центар покажуваат дека најголем раст има кај туристите што доаѓаат од Турција и ова е ситуација што се повторува од месец на месец. Иако далеку зад нив, меѓу најмногубројните туристи се и оние од соседна Србија, а потоа следуваат посетителите што важат за традиционални гости и доаѓаат од земји со кои имаме воспоставено чартер-летови и субвенции за привлекување странски туристи, а тоа се Полјаците и Холанѓаните.

Од друга страна, нашата држава интензивно соработува со авиокомпании што нудат евтини летови со цел подобро позиционирање на светската мапа на авиосообраќајот, со што има значително повеќе понуди за нашите граѓани за летови до европските градови и пошироко. Но она што се забележува е дека иако имаме поврзување со голем број европски дестинации, растот на туристи од овие земји не е забележителен.
Па така, последните статистички податоци говорат дека во јули годинава имало раст на домашните туристи за 42,1 отсто, додека кај странците 57,9 проценти. Бројките на Државниот завод за статистика откриваат дека во јули од Турција дошле 55.129 посетители, додека од Србија 9.898, па следуваат оние од Полска од каде што нѐ посетиле 4.304 лица, а од Холандија пристигнале 3.989 туристи.

Најмногу туристи од регионот

За познавачите на состојбите во македонскиот туризам и општо експерти во областа, очекувано е најголем дел од туристите да доаѓаат од соседството или од поблиската околина.
– Очекувано е нашата земја да ја посетат повеќе гости од соседството, особено оние што би ги нарекле прв прстен околу Македонија, иако последниве години тоа е малку изменето, имаме гости од Србија и од Турција, но сѐ помалку од Бугарија и Грција. Овие вториве најчесто гравитираат околу Дојран. Сепак, во туризмот е познато дека луѓето прво ги истражуваат земјите во соседството, па разбирливо е најмногубројни да бидат соседите на една земја – вели туризмолог познат на нашата редакција.

Тој појаснува дека позитивна вест е што имаме повторно раст на туристите од Холандија и од Полска, кои важат за наши традиционални гости. Ова, според него, е доказ за успешноста на политиките за привлекување странски туристи, иако додава дека има многу нешта да се направат за подобрување на состојбите во туризмот.
– Една област во која треба многу работи да се подобрат е состојбата со отпадот, кој остава многу негативен впечаток кај посетителите, бидејќи најголем дел од нив доаѓаат од земји каде што нема ѓубре по улиците. Дополнително имаме многу голем простор каде што може да се понудат поразлични искуства за туристите. Македонија има традиции што во северните земји ги нема и кои можат да привлекуваат туристи, но потребно е да се има целина, сеопфатност на понудите – вели туризмологот за „Нова Македонија“.

Тој додава дека и регионалните тури, кои се веќе добро етаблирани меѓу странските туристи, исто така се начин да се привлечат повеќе туристи и истакнува дека голем број луѓе патуваат низ Балканот останувајќи неколку дена во секоја земја, па токму ваквите тури треба да ги искористиме со нови понуди за тие туристи во иднина да се вратат на подолг престој.

Колку авиолиниите помагаат во привлекувањето туристи?

Во однос на привлекувањето туристи што би патувале од големите европски градови до кои имаме воспоставено авионски линии, тој потенцира дека не е толку едноставно, но дека „има импакт!“ Туризмологот потенцира дека за да дојдат туристи на неколку дена или на подолго, тие можат сами да се организираат и да го направат тоа со авиолиниите, па најчесто тоа го прават во своја режија, изнајмувајќи сместување преку интернет-платформи, а не со туристички водичи или пакети што ќе им овозможат да ја доживеат Македонија.
– Соработките преку туроператорите нудат посеопфатни понуди за туристите, но и за самите инволвирани во туризмот. Секако, добредојдени се и кратките посети, било преку индивидуален превоз, преку авиолинии, но кога се организираат чартери со една дестинација, тогаш се очекуваат туристи што престојуваат подолг период на една дестинација и кои притоа вистински ја запознаваат таа дестинација. За туристичките работници секако е подобро доколку имаме посетители што остануваат подолг период на дестинацијата, наместо две или три ноќевања – објаснува нашиот соговорник.

За Влатко Сулев, генерален менаџер на „Балкан прајм турс“, потпретседател на бизнис-мрежата на туроператори што работат дојдовен туризам „Спити ворлд нетворк“ и претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), привлекувањето странски туристи е обемна и сложена тема, но истакнува дека има можности да се реализира и кај нас.
– Важен е квантитативниот број на туристи, но уште поважно е колку денови ќе останат, колку содржајна ќе им биде посетата, со какви впечатоци ќе си заминат, дали ќе се вратат, дали ќе ја препорачаат земјава на нивните пријатели, и секако колку пари ќе потрошат. За туризмот многу се зборува, за неговото значење за економијата, за луѓето во земјава и сето тоа на крајот се сведува на декларативни заложби, мали инвестиции и мали промени. А имаме светски бренд „Македонија“ за кој другите може да сонуваат. Парадоксално е тоа што живееме во земја со езера какви што има во Швајцарија, со планини како на Алпите, со гастрономија што се памети, а сепак – сè уште сме далеку од врвот на европските дестинации – укажува Сулев.

Што всушност најмногу ги привлекува странските туристи?

Тој потенцира дека ако сакаме да го развиваме туризмот, клучното прашање е што сакаат странските туристи, но наедно додава дека Македонија како земја на села има ресурс за кој не сме свесни.
– Руралниот туризам е доживување – автентично, искрено и без глумење. Тоа значи да им понудиш на гостите рачно направена пита, да ги одведеш на берење јагоди, да ги прошеташ до водопадот што само локалните мештани го знаат, да седнеш покрај огништето каде што се пече леб под сач – укажува Сулев.

Според него, потребно е да направиме дигитална мапа на руралните дестинации – кратки видеа, приказни, фотографии за да види светот што се крие зад бујните македонски шуми. Потоа да ги поврземе селата со урбаниот туристички тек – турист што дошол во Скопје да продолжи до Папрадиште, а оние што се во Охрид да преспијат во Курбиново или Љубаништа.
Потенцира дека фокусот кај нас е на летен и зимски туризам, а остатокот од годината нема туристички тури, иако Македонија има капацитет за 365-дневен туризам.
– Селото е нашата сила. Руралниот туризам е нашата шанса. Планинарењето, велосипедизмот, агротуризмот и руралните искуства се сѐ побарани во Европа. Македонија има села и пејзажи што можат да се споредуваат со Тоскана или Балканските Алпи. Но тие мора да се зачуваат и да се претстават со вкус, а не со бетон и кич. И време е да престанеме да го гледаме селото како минато – туку како иднина што мириса на пита под вршник – укажува Сулев, чија компанија „Балкан прајм турс“ организира тури во Македонија и на Балканот за странски туристи од 2007 година. Е.Р.