Фото: Илустрација/МЗ

Потребна е континуирана државна кампања за подигнување на свеста на граѓаните за органодарителство, порачаа денеска од Струга учесниците на третите меѓународни средби на дијализирани и трансплантирани пациенти од Мрежата SEEN Transplant, во организација на здружението „Нефрон“.

Претседателот на „Нефрон“, Душко Ѓеоргиев посочи дека здужението прави кампања 22 години, но оти тоа не е доволно.

– Тој што сака да прими орган, треба да биде спремен и да даде. За тоа работиме и со стручната фела и со верските заедници, правиме напори тоа да биде секојдневно и луѓето уште во текот на својот живот да се изјаснат дека при евентуална мозочна смрт можат да бидат дарители – рече Ѓоргиев.

Забележа дека е направен голем исчекор во дијализата, но оти остануваат уште многу работи кои треба да се решат.

– Тоа се однесува пред се на трансплантацијата. Трансплантацијата од познат дарител оди тековно и таа се прави за неколку месеци, додека да се направат сите подготовки и типизации. Но, се уште имаме огромна работа во делот на кадаверичната трансплантација од починат дарител – истакна Ѓоргиев.

Директорот на Клиниката за нефрологија – Скопје, Никола Ѓорѓиевски посочи дека бројката на пациенти со хронична бубрежна болест е околу два отсто од вкупното население, што е на исто ниво во светски рамки.

– Во однос на процесот на трансплантација ние треба да се согледуваме на другите европски држави каде што бројката на трансплантирани болни изнесува околу  30 до 40 отсто од вкупните пациенти, кои побаруваат замастителна терапија. За жал во Македонија бројката е 13 – 14 проценти од вкупниот број болни – рече Ѓорѓиевски.

Трансплантацијата, според него, е најдобар и најквалитетен начин на третирање на бубрежно болните пациенти. Во Македонија, нагласи, од 90-тите години до сега биле направени над 500 трансплантации, како од жив донор така и од кадавер.

– Апелот е да работиме на подигнување на свеста за донирање на органите, особено кај пациентите што се починати. Само така може да помогнеме како на пациентите, така и на државата, бидејќи трансплантацијата е најефтин метод на лекување на оваа група – подвлече директорот на Клиниката за нефрологија.

Националната координаторка за трансплантација Билјана Кузмановска посочи дека од 1 октомври лани до сега направени се четири кадаверични трансплантации, со повеќе органи.

– Трансплантирани се осум бубрези, два црни дроба, за жал некои за срце беа одбиени поради медицински контраиндикации, а некои кои беа валидни за трансплантација, самите пациенти одбија. Направени се и околу 20 трансплантации на коски, лигаменти и коскени ткива, од кои некои и многу сложени – истакна Кузмановска.

Бројката, според неа, не е доволна да ги задоволи потребите на пациентите, но за една мала земја како Македонија е за почит.

Според податоците, во Македонија на дијализа има околу 1.400 пациенти, а листата на чекање за трансплантација е до 160 пациенти.

На третите меѓународни средби на дијализирани и трансплантирани пациенти од Мрежата SEEN Transplant, што од денеска до недела се одржуваат во Струга учествуваат претставници од осум држави од Југоисточна Европа.