„Сакам кога ми е чисто“ е реченица што некои луѓе често ја изговараат. Кога тоа е премногу често, сепак, можно е да станува збор за опсесивно-компулсивно нарушување, како што велат психотерапевтите. Ова нарушување не значи прекумерна уредност, туку повторувањето на таа реченица само може да укаже на психолошки проблем. Зашто опсесивно-компулсивното нарушување спаѓа во анксиозните нарушувања, кои се карактеризираат со непријатни повторувачки мисли, понекогаш и застрашувачки, како и ритуални однесувања. Ова анксиозно нарушување се разликува од фобиите и паничните напади поради фактот дека стравот произлегува од повторувачките непожелни и повторувачки мисли односно опсесии.
Опсесивните симптоми карактеристични за ова нарушување се долготрајни и присилни мисли.
Повеќето лица што имаат такви мисли главно препознаваат дека се бесмислени, но без оглед на тоа не успеваат да се одбранат од нив. Како последица – опсесиите опстојуваат. Содржината на таквите размислувања често е многу вознемирувачка и непријатна за оној што ги доживува. Најчеста опсесија е токму нечистотијата, а тоа главно е постојан страв од нечисти раце. Потоа, грижата дека работите мораат да стојат по утврдена редослед и дека сè мора да биде во апсолутен ред во куќата или на работа често е поврзана со уверувањето дека во спротивно ќе се случи нешто лошо.
Како да ги препознаете овие опсесии? Не е толку тешко, бидејќи тие се придружени со повторливи и стереотипни дејства, кои во психологијата се нарекуваат компулзии: тоа се, на пример, проверување повеќепати дали е заклучена бравата, постојано броење до одреден број или по одреден редослед, како и облекување на облеката по точно одреден редослед. Компулзиите се јавуваат како последица на опсесивни мисли. Типичен пример е кога некој со часови ги мие рацете поради убедување дека неговите раце сè уште се валкани и полни со бактерии. Покрај тоа, присутен е и силен страв од инфекција, односно од сериозна болест и смрт ако не спроведат одредени ритуали на чистење.